Ковачевски: Одлуката на Уставниот суд за платите е конечна
6 април 2023„Одлуката на Уставен суд со која се укинуваат одредби од законот за плата е конечна и треба да се почитува. Тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица. Се работи за шпекулации во најголем дел“, порача премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата. Одговарајќи на новинарско прашање, по повикот на претседателот Стево Пендаровски да не се покачуваат платите на функционерите во време на криза, Ковачевски вели дека одлуката на Владата е фер и праведно платена работа за сите.
„Владата работи на изработка на нов закон за плати во кој ќе има конзистентност за сите функционери. Владата работи и на изработка на нов општ колективен договор. И минималната и просечната плата, како и висината на пензии е на највисоко ниво досега. Секој граѓанин треба да живее достоинствено и да му се вреднува трудот“, вели премиерот.
Избегнат трошок од 100 милиони евра
Реакцијата следи откако Уставниот суд неодамна укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, со што овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. Со одлуката се опфатени и уставните судии, но и платите на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции. Повисоки плати од идниот месец треба да „легнат“ и на сметките на заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.
Ковачевски презентираше допис од Министерството за труд и социјална политика до Генералниот секретаријат на Владата, а кој Владата го доставила и до Уставниот суд. Тврди дека Владата останала на своето мислење дека платите треба да останат такви какви што се.
Ковачевски вели дека доколку Уставниот суд ги поништел членовите од овој закон, тоа ќе значело дека на сите избрани функционери во изминатите 11 години, ќе требало да им се исплатат разликите во плата, со камати, што ќе предизвикало трошок за буџетот од 100 милиони евра.
„Многупати сум донирал“
Претседателот Стево Пендаровски одлуката за зголемување на платите на функционерите ја нарече „невкусна“ и неколкупати апелираше до Владата да направи се што е во нејзина моќ за да го спречи порастот на нивните плати во услови на криза. „Одлуката на Уставниот суд мора да се почитува, бидејќи непочитувањето е кривично дело, но Владата мора да направи се што е во нејзина моќ и надлежност, платите на функционерите почнувајќи од мене, па до локалната самоуправа, да останат на ова ниво на кое што се“, рече денеска Пендаровски.
Тој во изјава за новинарите во Скопје потенцираше дека му е криво што повеќе носители на функции не го делат неговиот став за покачувањето на платите. „Со измена на коефициенти, со измена на основица да останат платите исти, поинаку не можеме да излеземе пред очи на граѓаните и да им кажеме дека во оваа тешка ситуација, кога замрзнуваме цени на основни производи, ние си го зголемуваме платите“, вели претседателот.
Некои од градоначалниците најавија дека ќе ги донираат средствата, а министрите порачаа дека ќе ја почитуваат одлуката на Владата, каква и да биде таа.
Ковачевски запрашан дали размислува евентуално да го донира покачувањето на платата рече: „Многупати сум донирал, имам многу благодарници, но никогаш со тоа не сум правел пи-ар. Во блиска иднина подготвуваме нешто со моето семејство за една здравствена клиника“.