XВВ.1.5: Колку е опасна новата подваријанта на Омикрон?
9 јануари 2023Пристигна уште една подваријанта на коронавирусот: XBB.1.5 - од крајот на декември таа брзо се шири во САД. „На почетокот на декември, околу 2 отсто од случаите во САД беа предизвикани со подваријантата XBB.1.5. Сега, на почетокот на јануари, веројатно се над 50 проценти. Тоа е неверојатна стапка на раст“, вели Пол Хантер, епидемиолог од британскиот Универзитет Источна Англија.
XBB.1.5 веќе се прошири од САД. Случаи се откриени во Европа, вклучувајќи ги и Германија и Обединетото Кралство, како и во Индија и во Сингапур.
Германскиот министер за здравство, Карл Лаутербах, изрази загриженост поради новиот вид кој се шири на североистокот на САД, надевајќи се дека ќе помине зимата пред XBB.1.5 да може да се прошири и во Германија.
„Веројатно XBB.1.5 ќе стане доминантен вид во Европа, можеби дури веќе до крајот на јануари. Но, ќе можеме да се справуваме со тоа, нема сомнеж“, вели Хантер.
Полесно се пренесува
XBB.1.5 е подваријанта на Омикрон, моментално доминантниот сој на коронавирусот на глобало ниво. XBB.1.5 е „рекомбиниран“ подвид на Омикрон, што значи дека содржи генетски материјал од различни подваријанти на коронавирусот. „Се развива откако го откривме за првпат, пред неколку месеци. XBB.1.5 еволуирал со таканаречено мутациско бегство, што значи дека вирусот е подобар во избегнување на имунитетот“, вели Хантер. XBB.1.5 сѐ уште ги неутрализира имунолошките келии, но имунолошкит систем не го препознава, објаснува тој.
„На имунолошкиот систем му е потребно подолго да одлучи кои антитела да ги произведе за да ја запре репродукцијата на честичките на вирусот XBB.1.5. Тоа е важно, бидејќи колку тешко ќе се разболите зависи од тоа колку вируси циркулираат во вашето тело“, вели Хантер.
Со побавниот имунолошки одговор, XBB.1.5 има повеќе време за репродукција, зголемувајќи ја веројатноста за развој на ковид симптоми.
Дали е поопасна?
Постојат рани назнаки во САД оти XBB.1.5 не е посмртоносен од другите подваријанти на Омикрон. „Кредибилни извори во САД ни велат дека луѓето со видот XBB.1.5 немаат потешки симптоми на ковид“, вели Хантер. Меѓутоа, стручњаците се грижат дека ако XBB.1.5 брзо се прошири, ќе се зголеми и бројот на луѓе со тешки симтоми слични на оние од другите подваријанти на Омикрон.
Според зборовите на Мајл Хед, епидемиолог на британскиот Универзитет Саутемптон, ширењето на новата подваријанта доаѓа во лош момент за здравствениот систем.
„Зимава веќе постојат високи нивоа на многу респираторни вируси, вклучувајќи корона и грип. Ќе има последици врз другите области во здравството, на пример, рутинските операции ќе мораат да бидат одложени“, вели Хед.
СЗО и другите здравствени институции внимателно ги следат податоците за инфекциите и болниците за да го следат влијанието на подваријантата врз пациентите.
Вакцините ефикасни против XBB.1.5
Бидејќи XBB.1.5 е подваријанта на Омикрон, вакцинацијата или претходно прележаниот ковид и натаму ќе обезбедат систематски имунитет на XBB.1.5.
„Вакцините и натаму ни пружаат заштита од тешки облици на болеста ако се заразите со ХВВ.1.5. Но, можно е да сме малку помалку заштитени од пренесување на ХВВ.1.5“, вели Хантер.
Според зборовите на стручњаците, Ковид-19 е тука да остане, што значи оти нови варијанти како ХВВ.1.5 веројатно ќе продолжат да се појавуваат.
„Високата стапка на вакцинација е клучна за минимизирање на влијанието на Ковид-19 како општ здравствен проблем. Но, долгорочно гледано, навистина ни е потребна вакцина од 'втора генерација' која штити од инфекции и болести од сите соеви на коронавирусот“, вели Хед за ДВ.