Прво „строго доверливата тајна“ беше вест од материјалите пробиени од иранските хакери - дека премиерот на Косово, Албин Курти, бил цел на планиран атентат со снајперска пушка во 2021 година. Неколку дена подоцна следеше потврда од самиот Курти дека бил цел не на еден, туку на три планирани атентати, за кои не сакал да се изјаснува јавно за да не придонесе кон и онака тензичните состојби или недоразбирања. Веста дека некој сакал да му наштети на младиот косовски лидер ги растревожи медиумските и политичките кругови, но и граѓаните во Косово, Албанија, вклучително и Македонија.
За внимателните набљудувачи на состојбите во Косово и регионот, веста беше дневно политички интересна, но не и изненадувачка. Зошто? Веќе одамна состојбите околу премиерот Курти потсетуваат на веќе виденото сценарио со српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ. Скраја било и на Бога благодарни, со поинаков епилог, но со неверојатни сценски и контекстуални сличности на крвавиот крај на Ѓинѓиќ и сегашните закани кон Курти.
Најлесниот начин за објаснување на тие сличности е доколку одвоите време и на интернет ги најдете и ден-денес интересните документарни емисии на белградскиот неделник „Време“ или серијалот „Инсајдер“ за разузнавачките, политичките, воено-криминалните и медиумските позадини на атентатот врз Ѓинѓиќ. Почнувајќи од сведоштвата на Владимир Беба Поповиќ, медиумскиот советник на Ѓинѓиќ, дека меѓународните дипломати/разузнавачи однапред знаеле оти се спрема атентат. Надополнувајќи се со сведоштвата за политичката позадина и никогаш расветлените улоги на Војислав Коштуница или Небојша Човиќ. За улогата на официјалните воени институции, поранешните парамилитарни првенци, криминални кланови, тајните служби загрозени од испораката на воените злосторници во Хаг, истраги по нивните злодела и загрозувањето на богатствата стекнати низ крававите походи во Хрватска, Босна и Косово. Заокружено со бесната, распуштена, крвничка и потпалувачка медиумска хајка на новинарите на мафијата во Белград и Бања Лука.
Едни и други играчи
Очекувано, првите реакции околу мотивите за планираниот атентат врз Курти беа дека станува збор за операција од интерес на Србија. Дотолку повеќе што истите доверливи материјали укажуваа дека цел на атентат биле и истакнати ликови од политичките ривали на Ветвендосје од партијата на Хашим Тачи и истакнати првенци на УЧК. Со цел постоечкиот анимозитет да се воздигне на ниво на отворена омраза и синџир на убиствени одмазди за Косово да се претстави како недостојно за бивање држава способна да обезбедува мир, стабилност и владеење на правото. Искуствата од минатото укажуваат дека таквото сценарио е повеќе од веројатно, дополнително засилено и од самиот вокабулар на денешен Белград (Вучиќ, Брнабиќ, Вулин) кон Албанците генерално и Курти особено. Искуствата на Белград со Иван Стамболиќ, Фехми Агани, Укшин Хоти, Вук Драшковиќ, Зоран Ѓинѓиќ се дополнителен аргумент во полза на тврдењата дека дискретната движечка екзекутивна сила во позадина на планирањето на атентатот води кон главниот град на Србија.
Но доколку сомнежот за позадината е главно вперена кон Белград, самата зовриена атмосфера на отворен анимозитет кон Курти е дело на некои други играчи. Почнувајќи од добар дел странски дипломати, ненавикнати во Приштина да не ги дочека некој кој ќе се простре пред нивни нозе уште пред да пружат рака за официјална фото-сесија. Таа навикнатост на снисходливост, сервилност, понизност, слугување и генерална лигавост е причината самата достоинственост на Курти да биде сметана за дрскост, ароганција, дури и антагонизам. Пример за тоа се нервозните изјави на поранешни амбасадори (со сопствен багаж од атентатот на Ѓинѓиќ) дека „САД премногу му дозволуваат на Курти“, или пак препознатливо циничната, недипломатска и фактички неточна алузија на други дека на состанокот со Вучиќ во Брисел, Курти дошол неподготвен. Во основа, таквите забелешки на странските дипломати за Курти повеќе укажуваат за закочениот развој (arrested development) на западните дипломати, неволни или неспремни да ја прифатат нормалната еволуција на новите поколенија на политичките претставништва во регионот.
Патолошки сличности и школи на пропаганда
Односот помеѓу Курти и воено-политичкиот естаблишмент во Косово е дијаметрално различен од оној на Ѓинѓиќ во Србија. Доколку Ѓинѓиќ беше обвинуван за предавство поради предавањето на осомничените воени злосторници и Слободан Милошевиќ во Хаг, Курти предводеше во опонирање на креирањето на Специјалниот суд, апелирајќи и предупредувајќи ги Хашим Тачи и Кадри Весели дека токму тие ќе бидат првите кои ќе се најдат на обвинителна клупа. Како што и се случи. Бизарно, тој факт беше и сѐ уште е недоволен за да ја смали пизмата на поранешните војници на УЧК, кои го сметаат Курти за клучен виновник за судот формиран со инсистирање на партијата на Тачи-Весели.
Најголемата патолошка сличност помеѓу двата случаи сепак ќе ја најдете во медиумската хајка која претходеше на атентатот и подготовката на атентатот, со споделен интензитет на хистеричност, омраза, подметнувања, подбуцнувања и потпалувања, лажни вести, инсинуации, подлости и со таква сличност што ја наметнува дилемата дали станува збор за исти школи на политичка пропаганда. Доколку во случајот на Ѓинѓиќ првенци на антагонизмот против српскиот премиер беа Александар Тијаниќ, Градиша Катиќ, Драган Ј. Вукичевиќ и нивните Нин, Информер, Национал медиуми, во случајот на Курти перјаници на пропагандното линчување се интимусот на Тачи и Рама под име Батон Хаџиу, уредник на Албаниан Пост, магично збогатениот екс пратеник на ДПК и уредник на порталот Национале, Берат Бужала и грст други новинари познати по блискоста со поранешните влади.
Најиндикативните сличности помеѓу кобниот март 2003 во Белград и опасниот септември 2022 во Приштина ќе ги најдете во споредбените контексти на состојбите и карактеристичните улоги на таргетираните актери. Контекстуално, и двата примера се случуваат во период на диференцијација помеѓу потребата (и барањата) за осовременување и модернизација на новите политички првенци и решеноста на поствоените патриотски конгломерати на „воени братства во крв и мировни партнери во криминал“ да ја продолжат доминацијата и/или се спасат од одговорност за минатите дела или недела. Лик како Албин Курти, без ниедно криминално, коруптивно, воено, политичко петно и со досие на паталец од српските прогони и косовски интриги, е логичен и легитимен репрезент на таа модернизација. Дури и поубедлив, поавтентичен и морално покредибилен и од Ѓинѓиќ.
Курти е лига сама по себе
Само еден поглед врз друштвото на опоненти на Курти е доволен тие самите да го исцртаат колегијалниот конгломерат на компромитирани дипломати, државници и политичари. Доскорешните обиди на одредени дипломати и НВО-експерти да подвлечат знак на националистичко равенство помеѓу Вучиќ и Курти завршни неславно со прво тивко, а потоа и гласно спротивставување (вклучително во Србија) на таквите урамниловки. Или како што ќе укаже Денис МекШејн: „ЕУ продолжува да му држи лекции на Курти небаре тој е рамномерно виновен како и Вучиќ“. Во Србија жолчниот анимозитет ќе го видите во ликот на Министерот за лаги на Милошевиќ, борец за апартмани во 1999 година и дежурен пивоносец Вучиќ. Придружен од омилениот изговор на модернизмот со интернет-диплома - премиер Ана Брнабиќ - и еден лик чие презиме кажува сѐ – Вулин. Во Косово тоа се припадниците на поранешната владеачка партија со багаж на трговија „размена на територии за мандат во Приштина и спас од Хаг“. Во Албанија тоа е Еди Рама и Социјалистичката партија со срамна историја на фрлање Косовци во челусти на УДБ. На крај, тука е и Али Ахмети, прославен и исмеан со изјавата дека „политиката во Приштина се води низ кафулиња”.
Како што причината за убиството на Ѓинѓиќ беше крваво признание за неговата популарност и немање друг начин за сопирање на неговите реформи освен физичка ликвидација, така и мотивите за атентати на Курти се признание за примитивноста на опонентите, љубоморно одмаздољубиви кон неговата способност и морална супериорност. Еден скопски бунтовник во бермуди правилно ќе забележи дека „само глупаци прават планови за убиство на Курти. Кога наскоро ќе се осетат плодовите на работата на еден човек кој не прави компромиси со злото, Курти ќе стане проблем не само за опозицијата во Косово. Со помош на надворешни фактори можеби и ќе го срушат од влада, но албинизмот нема да можат да го поразат”. Попусти се имитациите на модернизам од стилот на пивоносецот Вучиќ со pink-washing ЛГБТ-премиерки, опкружувањето на Еди Рама со кич „ликовни дела“ и харемски министри без авторитет и карактер, паметта на Али Ахмети да го нуди модернизмот низ нашминкани хулигани и ориентални блефери во поза на про-западство. Курти, едноставно, е лига сама по себе.
- повеќе од авторот: Се сеќавате ли на Сигурими?
Нарачателите на атентатите се историски докажани политички идиоти во кукавички „с'клетен“ очај на немање капацитет за идеолошко парирање на ривалите. Поедноставено, тие се еквиваленти на школски насилници, мускулести морони предодредени за деценија-две да станат возачи или чистачи на истите оние кои ги имаат прогонувано во детството.
- повеќе од авторот: Македонија е во НАТО, Скопје сѐуште не
Единствениот ефект на атентатот е децениски шок и одлагање пред уште посилното враќање на идејата, замислата и духот од простреланите глави. Убиството на Линколн не го врати робовладетелството, убиството на Кенеди не ги сопре движењата на жените, малцинствата и патот кон Месечината, убиството на Стамболиќ не донесе победа на Милошевиќ и убиството на Ѓинѓиќ не го врати Косово, ниту ги спаси Младиќ и Караџиќ од Хаг. А оние кои планираа или посакуваа(т) убиство на Курти, само го потврдија тоа што Албанците ем го разбраа, ем го изгласаа - дека веќе имаат капитулирано пред него.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.